1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Критика од Кина и Русија за политиката на САД кон Венецуела

АРД
24 декември 2025

Поради растечкиот притисок врз Венецуела, САД се соочија со многу критики во Советот за безбедност на ОН. Посебно остро реагираа Кина и Русија, додека Европејците останаа порезервирани.

Амбасадорот на САД во ОН, Мајкл Волц на седницата на Советот за безбедност на ОН
Остри критики од Кина и Русија за политиката на САД кон Венецуела - амбасадорот на САД во ОН, Мајкл Волц Фотографија: Eduardo Munoz/REUTERS

Карибите генерално се сметаат за еден од помирните региони во светот. Но, од септември, ескалираат тензиите меѓу САД и левичарската националистичка влада на Венецуела. Американскиот претседател  Доналд Трамп нареди бомбардирање на бродови за кои се сомнева дека шверцуваат дрога од Венецуела и запленување на венецуелски нафтени танкери. Во вторникот вечерта,  Советот за безбедност на ОН на итен состанок,  а на барање на Венецуела, расправаше за заканувачката ескалација. 

Русија го поддржа ова барање за дебата во најмоќното тело на Обединетите нации, па дури и се обиде да издејствува резолуција со која се осудуваат постапките на администрацијата на Трамп во Карибите. Но, тоа ќе беше блокирано со вето на САД. Затоа, дискусијата служеше повеќе како барометар за тоа како во Советот за безбедност се гледа на воените акции на Америка во Карибите.

Огромното мнозинство од 15-те земји-членки ги отфрлаат нападите на САД и предупредуваат од  понатамошна ескалација.

Остри критики од Русија и Кина

Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија, остро ги осуди американските акции против нафтените танкери и блокадата против Венецуела:

„Американските акции се спротивни на најважните норми на меѓународното право, Конвенцијата на ОН за поморско право и Повелбата на Обединетите нации“.

Кинескиот амбасадор во ОН, Сун Леи, исто така, ја повика американската влада веднаш да ја прекине политиката на блокада и да избегне понатамошно ескалирање на тензиите, истакнувајќи дека Кина ќе работи за мир и просперитет во Латинска Америка.

САД: Режимот на Мадуро е нарко-државa

Амбасадорот на  САД во ОН, Мајкл Волц, игнорирајќи ги критиките, повтори дека  режимот на Николас Мадуро  не е легитимна влада на Венецуела, туку е водач на банда која се занимава со  дрога и тероризам: 

„Претседателот Трамп јасно стави до знаење: ќе ја искористи целата моќ на САД за борба и елиминирање на овие нарко-картели“.

Волц предупреди дека овие транснационални нарко-терористички групи претставуваат најголема закана за Западната хемисфера.

Венецуелскиот амбасадор во ОН, Самуел Монкада: Венецуела е само почеток, американската влада сака да доминира на целата Западна хемисфераФотографија: Eduardo Munoz/REUTERS

Затоа, тврдеше тој, оправдано е да се прекине нивниот главен извор на приход со запленување на венецуелски нафтени танкери.

Венецуела: Вистинската закана е американската влада

Венецуелскиот амбасадор во ОН, Самуел Монкада, возврати: „Заканата тука не е Венецуела, туку американската влада“.  Венецуела е само почеток,  предупреди тој; американската влада сака да доминира на целата Западна хемисфера. Ова, тврдеше тој, може да се види во најновата Национална стратегија за безбедност на администрацијата на Трамп - САД всушност се обидуваат да ја задоволат побарувачката на големите американски компании за повеќе нафта.

Европејците воздржани

Велика Британија, Франција и другите европски држави во Советот за безбедност на  ОН  повикаа на деескалација и мирно решавање на конфликтот без директно критикување на администрацијата на Трамп.

Во исто време, тие ги осудија кршењата на човековите права во Венецуела и изразија надеж дека земјата наскоро ќе има нова демократска влада што ќе го замени режимот на Мадуро.

Поделени ставови во Латинска Америка

Изјавите од латиноамериканските земји пак беа различни. Аргентина застана на страната на САД, додека Куба и Никарагва ја изразија својата солидарност со Венецуела.

Автор: Мартин Ганслмајер, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми