Совет за безбедност: Русија и Кина со остра критика за САД
6 февруари 2024Русија и Кина остро ги критикуваа САД поради неодамнешните воздушни напади врз цели во Ирак и во Сирија. Претставниците на двете земји на состанокот на Советот за безбедност на Обединетите Нации доцна во понеделникот. го обвинија Вашингтон дека го зголемил ризикот од ескалација на конфликтот на Блискиот Исток. Претставникот на Москва, исто така, истакна дека одлуката на САД да го изврши нападот е поврзана со претстојните претседателски избори во ноември.
Русија, чија инвазија на Украина беше предмет на жестока дебата во Советот за безбедност на ОН во последните две години, побара состанок на Советот откако САД извршија десетици напади врз цели на иранските сојузници во Ирак и во Сирија. Нападите уследија по нападот со беспилотно летало врз американска база во Јордан во кој загинаа тројца војници.
Амбасадорот на Москва во ОН, Васили Небензја, истакна дека нападите биле обид на САД „да ги покажат своите мускули“. Тие, исто така, беа мотивирани, тврди рускиот претставник во Советот за безбедност на ОН, од желбата да влијаат на домашната политичка сцена и да помогнат за „катастрофалната“ слика на администрацијата на претседателот Џо Бајден.
Нападите, во кои загинаа неколку десетици луѓе, вклучително и цивили, го покажуваат целосното непочитување на меѓународното право од страна на Вашингтон, додаде Небензја. Тој ги обвини САД и дека сакаат да ги вовлечат силите од Блискиот Исток, вклучувајќи го и Иран, во регионалниот конфликт.
Кина, исто така, ги осуди нападите, а нејзиниот амбасадор Жанг Џун ја повтори загриженоста за ескалација на тензиите.
„САД тврдат дека не сакаат да создаваат конфликти на Блискиот Исток или на кое било друго место, но во реалноста го прават токму спротивното“, рече тој. „Воените акции на САД несомнено поттикнуваат нови превирања во овој регион и дополнително ги зголемуваат тензиите.“