1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

„Само победата над Русија може да донесе прифатлив мир.“

СН/ печат
17 април 2023

Петмина видни советници и дипломати од Запад во авторски текст бараат од партнерите на Украина да му помогнат на Киев со сите средства. Само победата над Русија, пишуваат тие, може да донесе прифатлив мир.

Украинска артилерија кај завојуваниот град Бахмут
Украинска артилерија кај завојуваниот град БахмутФотографија: Diego Herrera Carcedo/AA/picture alliance

Рускиот претседател Владимир Путин сè уште не се откажа од својата цел да ја окупира цела Украина и „се чини дека сè уште верува дека е поиздржлив од Украина и од меѓународната коалиција која ја поддржува“, пишуваат во авторскиот текст пет влијателни политички советници и дипломати од Западот, објавен денеска (17.04) во германскиот весник Тагешпигел.

Текстот со наслов „Како може да се победи Путин“ го потпишаа долгогодишниот советник на канцеларката Меркел и актуелен шеф на Минхенската безбедносна конференција, Кристоф Хојсген, потоа поранешниот водечки генерал на НАТО и француски воен советник, Стефон Абријал, и поранешниот американски советник за национална безбедност, Џим Џонс.

Како автори се потпишани и Сајмон Мекдоналд, поранешен државен секретар во британското Министерство за надворешни работи и Стефано Стефанини, поранешен советник за надворешна политика на Италија. Руската победа во Украина, пишуваат тие, ќе го поткопа меѓународниот поредок заснован на правила и ќе создаде „опасен преседан“ за други прекршувања на територијалниот интегритет. „Но, ако земјите кои ја поддржуваат Украина ја изберат вистинската стратегија и доследно ја спроведуваат, намерите на Путин ќе пропаднат. Тој целосно ја потценува моќта на слободата“, напишаа дипломатите во текстот, објавен во Тагесшпигел. 

Бараат муниција и авиони за Украина

Истакнувајќи дека отпорот кон режимот на Путин се појавува во другите поранешни советски републики и оти Москва останува со малку сојузници и дека дури ни Кина не е подготвена целосно да ги поддржи руските цели, авторите пишуваат: „Слободата има посилна сила на привлечност од тиранијата“.

Актуелниот шеф на Минхенската безбедносна конференција, Кристоф ХојсгенФотографија: Annegret Hilse/Reuters-Pool/dpa/picture alliance

Според нив, „украинските борци за слобода мора да бидат поддржани со сите средства“, и тука само зборови не се доволни. На Путин мора да му се покаже дека не може да победи во војната против Украина со исцрпување.

„Мораме да одиме до крај во нашата помош за Украина. Треба да ѝ испорачаме на Украина оружје и муниција кои ѝ се потребни за да возврати на руската агресија“, се наведува во текстот.

„Колку побрзо Путин разбере дека нема да ги постигне своите цели во Украина, толку побрзо може да се постигне мир и да заврши страдањето на украинскиот народ“, наведуваат советниците, повикувајќи на Киев да му се испорачаат тенкови, ракети со поголем дострел и борбени авиони за „успешна контраофанзива“.

Според нив, украинската победа може да се води само со „успешни мировни преговори под прифатливи услови“. Што се однесува до тие преговори, пишуваат авторите, на Кина не треба премногу да ѝ се верува.

Спротивставување на Москва и на Пекинг

„За да им се спротивставиме на Москва и на Пекинг, мора да бидеме далеку поактивни надвор од границите на нашата трансатлантска заедница. Во многу делови од светот се примаат руските и кинеските наративи, според кои НАТО е одговорен за војната во Украина, а надворешната политика на САД и нивните европски сојузници се заснова на неоколонијалистички потези и двоен морал“, се наведува во текстот.

Петорицата автори повикуваат на „расветлување“ на руската и на кинеската „агресивна надворешна политика“ и посветено да се работи на партнерство со земјите од Африка, Латинска Америка и од Азија.

Хојсген, Абриал, Џонс, Мекдоналд и Стефанини бараат да се вложат повеќе пари во одбрана. „Веќе не е прифатливо Германија и Италија да не издвојуваат ни два отсто од БДП за одбраната“, пишуваат тие, додавајќи дека француската наменска индустрија мора да премине во „воен модус“ како што бараат тамошните власти.

Битката за Бахмут - најдолгата битка во војната

02:17

This browser does not support the video element.

„Потребен е посилен европски придонес за да се зачува поддршката на Украина во САД. Путин игра на картата умор од Украина во САД, а ние мора да го докажеме спротивното!“, се наведува во текстот.

Овој апел завршува со тврдењето дека Путин, „наместо да владее со империја, стана меѓународно презрен“ и се соочува со обвинение за воени злосторства.

„Но, за да ја продолжи борбата за слобода и да се победи Путин, на Украина ѝ е потребна поголема поддршка. Украинските партнери мора да ги засилат своите напори. Доколку слободата има посилни карти од тиранијата, победата е сигурна“, наведуваат петорицата влијателни советници.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми