1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советот на Европа со поддршка за Украина

ЕМФ / дпа
17 мај 2023

На четвртиот самит во историјата на Советот на Европа во Рејкјавик една тема е доминантна - одбранбената борба на Украина против земја која веќе не е на масата со останатите во Советот.

Исланд Рејкјавик самит Совет на Европа
Украинскиот претседател Володимир Зеленски беше вклучен на самитот преку видео-врскаФотографија: Alastair Grant//AFP/Getty Images

На почетокот на својот прв самит по 18 години, Советот на Европа јасно ја поддржа Украина во нејзината одбранбена борба против Русија. „Украина се бори за демократија и за слобода. Тоа е нашата заедничка борба“, рече на воведната сесија во Рејкјавик претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на која преку видео-врска од Киев се вклучи и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Германскиот канцелар Олаф Шолц повика да се казнат руските воени злосторства, но се изјасни и за тоа да не се уриваат мостовите кон „другата Русија“, која е настрана од претседателот Владимир Путин и неговата влада. Во одреден момент, војната на Русија против Украина ќе заврши и нема да заврши со победа на „Путиновиот империјализам“, рече тој. „Дотогаш, како Совет на Европа, треба да одржуваме мостови со претставниците на другата Русија, другата Белорусија - и на тој начин да ја одржиме отворена перспективата за демократска, мирна иднина за двете земји - без разлика колку тоа може да ни изгледа малку веројатно денес.“

Германскиот канцелар Олаф Шолц повика да се казнат руските воени злосторства, но се изјасни и за тоа да не се уриваат мостовите кон „другата Русија“Фотографија: Alastair Grant/Getty Images

На самитот ги нема Орбан и Вучиќ

Советот на Европа е основан во 1949 година како чувар на демократијата, човековите права и владеењето на правото во Европа и е независен од Европската унија. Тој вклучува и значително повеќе земји од ЕУ - речиси сите европски земји. Украина е членка од 1995 година. Русија беше исклучена по инвазијата на Украина, додека Белорусија е суспендирана и на самитот е само како набљудувач.

Ова е само четврти самит на Советот на Европа во неговата над 70-годишна историја. На самитот учествуваат повеќе од 30 шефови на држави и влади. Покрај Шолц, присутни се и францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Риши Сунак. Во Исланд, пак, не дојдоа шефови на држави и влади кои се пријателски настроени кон Русија, како српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Во Исланд не дојдоа шефови на држави и влади кои се пријателски настроени кон Русија, како српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор ОрбанФотографија: Alastair Grant/AFP/Getty Images

Регистар за воени штети во Украина

На самитот денеска (17.05) треба да биде договорен регистар за евидентирање на воените штети во Украина. „Ги повикувам сите држави да се приклучат и активно да придонесат за негово разработување“, рече Макрон.

Украинскиот претседател Зеленски, кој во текот на изминатите денови бараше поддршка за време на посетите на Рим, Берлин, Париз и Лондон, им се заблагодари на сојузниците за нивната помош. „Русија прави големи напори да ја подобри својата способност за убивање. Ние работиме напорно да ја подобриме заштитата на нашето население“, рече тој, мислејќи на испораката на системи за противвоздушна одбрана. „Покажуваме што значат нашите 100 проценти и што значи моќта на слободниот свет“, нагласи Зеленски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми