1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Советот на јавни обвинители одлучува за Вилма Русковска

ДТЗ
24 август 2022

Советот е исправен пред тешка одлука - станува збор за чувствителен случај кој доби голем одек во јавноста, а во кој главен протагонист е шефицата на водечкото обвинителство за борба против организиран криминал.

Вилма Русковска
Вилма РусковскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Советот на јавни обвинители денеска ќе ја одржи 63. седница, на чиј дневен ред е само една точка - жалбата на обвинителката Вилма Русковска, која што е суспендирана од работното место. Од одлуката на нејзините колеги во Советот зависи дали Русковска ќе се врати веднаш на работното место, на кое минатата недела и беше забранет пристапот, или пак ќе остане дома и ќе ја чека разврската во однос на кривичната пријава која што ја поднесе против неа и уште две нејзини колеги поранешниот директор на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми. Додека не се разреши ситуацијата околу суспензијата на Русковска, неизвесна е и судбината на двете предистраги коишто ги водеше обвинителката - првата е за станицата за технички преглед за автобусот на „Беса транс“ во кој загинаа 45 лица, меѓу кои и деца при несреќата која што се случи во Бугарија на 23 ноември 2021 година. Вториот случај кој доби одек во јавноста е предметот отворен по анонимна пријава за Управата за финансиска полиција, што резултираше со судир со поранешниот директор Арафат Муареми, кој поднесе кривична пријава против неа и уште две обвинителки на 8 август за незаконски претрес којшто бил извршен на 18 јули. 

Тешка одлука 

Советот на јавни обвинители е исправен пред тешка одлука - станува збор за чувствителен случај кој доби голем одек во јавноста, а во кој главен протагонист е шефицата на водечкото обвинителство за борба против организиран криминал и корупција во земјата. 

„Тешко ни е кога треба да донесуваме одлуки кои се однесуваат за оддалечување од работното место на обвинители, особено кога станува збор за чувствителни и специфични случаи“, вели првиот човек на Советот на јавни обвинители за ДВ, Антонио Јолевски. 

Обвинителката Вилма Русковска минатата недела поднесе жалба за одлуката за нејзината суспензија до Советот на јавни обвинители. Со жалбата, таа ги побива наводите во решението, кое што оцени дека е „суспензија на правото и правдата“.  

Одлуката ќе треба да ја донесат осуммина од вкупно 11 членови на Советот на обвинителиФотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Советот на обвинители денеска ќе одлучува токму за тоа прашање - ќе се разгледува случајот од аспект дали таа би можела штетно да влијае на постапката која што се води против неа доколку се врати на работното место. Одлуката ќе треба да ја донесат осуммина од вкупно 11 членови на Советот на обвинители. На седницата не е повикан и нема да присуствува републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, за да не се врши влијание, со оглед на тоа дека токму Јовески на 16.08 ја суспендираше Русковска и поведе дисциплинска постапка за неа и за нејзините соработнички - обвинителките Елизабета Јосифовска и Ивана Трајчева. Јовески смета дека тие направиле „крупна професионална грешка“

На седницата нема да присуствуваат ниту други двајца обвинители на коишто им истекол мандатот. 

„Одлуката за суспензијата треба да се донесе со мнозинство гласови, што значи дека треба да има најмалку шест гласа“, вели Јолевски. За седницата се известени сите членови на Советот и засега нема најава дека таа би можела да се одложи. 

Што потоа? 

Одлуката на Советот на јавни обвинители е конечна - ако се гласа за суспензија, Русковска додека трае постапката по кривичната пријава која што е покрената против неа, не ќе може да се врати на работа. На неа во ноември и завршува мандатот. 

Љубомир Јовески ја суспендираше Русковска и поведе дисциплинска постапка за неа и за нејзините две соработнички поради „крупна професионална грешка“Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во меѓувреме во тек е и дисциплинска постапка против шефицата за борба против организиран криминал. Русковска минатата недела (19.08) изјави дека од Комисијата сè уште не и било побарано да се произнесе за дисциплинската постапка, која што ќе трае подолго време, и неа ќе има право на жалба.

Двете постапки следат по вербалната расправија која што искрсна меѓу Русковска и тогашниот прв човек на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми кој обвини за незаконски претрес во институцијата. Русковска, пак, се пожали на притисок и преку отворено писмо во јавноста побара помош од меѓународните институции за вистината да излезе на виделина. Тоа предизвика остра реакција од страна на Здружението на јавни обвинители кои сметаат дека Јавното обвинителство има капацитети и институционални можности да ги преземе сите неопходни дејствија и апсолутно независно да одлучува во секој еден предмет, без притоа да има потреба од надзор од амбасади или меѓународни организации. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми