1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоШпанија

Шпанија: 20.000 евра подарок за младите?

Силја Томс
22 јули 2023

Тоа што звучи како да е сон, во Шпанија наскоро може да стане реалност. Стартен капитал за секој 18-годишен човек. Политичарката Јоланда Диаз во предзиборната кампања претставува концепт против нееднаквоста на шансите.

Работа млади Шпанија
Стар во професионален живот во ШпанијаФотографија: Francesco Buttitta/Westend61/IMAGO

„Мојата економска ситуација е страшна”, вели Марија Кањас. Таа е студентка по втора година медицина на универзитет во Саламанка во Шпанија. На 16 години почнала да работи за да штеди за студии. Со 28 години конечно можела да се запише на факултет по медицина. Сега има 30 години и знае како е да живееш на егзистенцијален минимум.

Тоа за други како неа би можело да се смени со предлогот на шпанската министерка за труд и социјала, Јоланда Диаз. Таа и левата платформа Сумар сакаат на сите млади на возраст меѓу 18 и 23 години да им стават на располагање сума од 20 илјади. Т.н. основен капитал треба да ги намали социјалните нееднаквости во Шпанија. Младите луѓе треба да имаат основа која ќе им овозможи да студираат, да поминат некаква обука или да основаат своја фирма.
Средствата треба да им следуваат на сите млади Шпанци, независно од нивните економски прилики.Во земјата околу половина милион лица годишно стануваат полнолетни, така што трошокот за основниот капитал би изнесувал околу 10 милијарди евра, односно 0,8 проценти од БДП. Концептот треба да се финансира од данок за богати.
Предлогот не е сосем нов. Германскиот институт за економски истражувања уште кон крајот на 2021 во една студија предложи сличен план. Оттогаш разни политичари и експерти го третираат предлогот.

Но, во Шпанија за првпат е и дел од предизборна кампања. Министерката за труд Диаз сака да победи на предвремените избори кои се одржуваат на крајот на месецов.
Студентката Марија Кањас вели дека во животот ќе ѝ било многу полесно да ги добиела тие 20 илјади евра на млади години.

Образованието и имотната состојба на родителите - решавачки за животните шанси на младите ШпанциФотографија: Britta Pedersen/dpa-Zentralbild/picture alliance

Наследството ги определува изгледите за иднината

Во концептот се работи за принципиелни прашања: Како сите луѓе во животот да имаат еднакви шанси? Како едно општество може богатството да го распределува фер меѓу своите членови?  И како на праведен начин да се земат предвид сите генерации? Како воопшто може да се намножува и одржува богатство?
Факт е дека богатството на семејствата, односно наследството, определува каков ќе биде животниот пат на младите во Шпанија. „Нееднаквоста во богатството е многу поголема отколку нееднаквоста во приходите”, вели за ДВ Хозе Игнасио Конде Руиз, заменик директор на Фондацијата за применети економски студии. За него тоа е загрижувачки факт.

Според податоците на Центарот за економска политика, семејните приходи имаат такво влијание што децата на најбогатите десет проценти од населението, кога ќе бидат возрасни, имаат просечни примања од 30 илјади евра по лице годишно, а најбогатите еден процент од речиси 40 илјади евра годишно. Наспроти тоа, потомците на најсиромашните десет проценти имаат просечни примања од 17 илјади евра годишно и ретко кому му успева да прескокне во повисоките слоеви.
„Има голема нееднаквост во богатствотокоја се пренесува трансгенерациски”, вели Хорхе Галиндо, заменик директор на Центарот за економска политика во разговор со ДВ. Концептот за основното наследство „би можел да биде начин да се прекине таквиот ланец”, вели тој. На тој начин младите луѓе во Шпанија ќе имаат повеќе слобода да одлучуваат за својот живот. Но, кога се во прашање деталите, предлогот е спорен дури и кај поддржувачите.

Веќе десет години младите во Шпанија протестираат против социјалната нееднаквост (фотографија од 2012 година)Фотографија: Javier Lizon/EFE/dpa/picture alliance


Дали навистина средствата треба да им следуваат на сите млади, без разлика дали потекнуваат од сиромашно или богато семејство?

„Полесно е да се спроведе универзална мерка затоа што финансирањето ќе оди преку нов данок за богати”, вели Конде Руиз.

„Младите кои се привилегирани исто така ќе го добијат основното наследство, но ќе мора и да платат многу поголеми даноци”, посочува тој.

Експерти како Галиндо контрираат дека мерката е значително поефикасна ако биде врзана за приходите или богатството на домаќинството. Други експерти гледаат и различни можности за изедначување на наследените привилегии, како на пример подобар пристап до животен простор под подносливи цени.

Социјална нееднаквост во цела Европа

Социјалната и финансиската нееднаквост во Шпанија не се уникатен пример, туку напротив - и други млади Европејци со сѐ поголем песимизам гледаат кон иднината. Во студија за млади која ја спроведе ТУИ кон средината на јуни 2023 година, 68 проценти од анкетираните велат дека приходите во нивната татковина се „многу” или „претежно” нееднакво распределни.

Со идејата за гарантирано основно наследство, Шпанија е предводник во Европа. Во други земји на ЕУ мерките се многу поразлични. Во Германија има на пример финансиска помош за студенти. Сумата се одредува според примањата на родителите - колку се пониски, толку поголема сума им следува на децата.

Универзална помош за студенти има во Шведска и Данска.

Министерката за труд Јоланда Диаз во предизборната кампања ја актуелизира темата социјална еднаквост Фотографија: David Canales/SOPA Images/Zuma/picture alliance

Јоланда Диаз од Шпанија пак аргументира дека според нејзиниот план младите сами може да одлучат за што ќе ги потрошат парите - тоа не мора да биде за образование.

Колку е реалистичен концептот?

Дали концептот ќе стане реалност зависи од многу фактори. Засега тоа е само предлог во предизборна програма и покрај тоа ниту во тие рамки не е јасно како конкретно треба да изгледа реализацијата во пракса. Од каде да се наплати данокот за негово финансирање? Ако пак се користат средства од постоечкиот буџет, како точно ќе се распределат? Економистот Конде Руиз посочува дека на политиката ѝ е тешко да ограничи други мерки на поддршка, како на пример пензиите.

Тоа го отвора прашањето на генерациската праведност кое во Шпанија е многу актуелно откако пензиите беа зголемени за осум проценти, додека според перцепцијата на дел од луѓето младите останаа со куси ракави. Токму тука Диаз и платформата Сумар сакаат да воспостават рамнотежа меѓу генерациите.

„Државата на младите ќе им помогне затоа што разбира дека економијата на земјата подоцна ќе ја движат луѓето кои сега се млади”, вели Марија Кањас. За неа тоа би било важна инвестиција во иднината на младите Шпанци.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми