1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаШпанија

Победа на конзервативците во Шпанија - никој нема мнозинство

ЖА / агенции
24 јули 2023

Опозиционата Народна партија доби најмногу гласови на парламентарните избори во Шпанија, но формирањето влада ќе биде тешко, се заканува пат ситуација во парламентот.

Алберто Феихо, Народна партија парламентарни избори во Шпанија
Алберто Феихо се надева да формира влада по победата на Народната партија на парламентарните избори во ШпанијаФотографија: Manu Fernandez/AP Photo/picture alliance

По предвремените парламентарни избори во Шпанија, конзервативниот лидер и врвен кандидат на Народната партија (Partido Popular, PP), Алберто Нуњес Феихо, прогласи победа и очекува да застане на чело на новата влада: „Како кандидат на партијата која освои најмногу мандати, сметам дека моја должност е да формирам влада“, изјави тој синоќа во Мадрид. Но, и досегашниот социјалдемократски премиер Педро Санчез може да се надева да остане на власт.

Народната партија на вчерашните избори (23.07.2023) освои 136 места во парламентот, 47 повеќе од претходните избори, додека Социјалистичката работничка партија на Санчез (Partido Socialista Obrero Espanol) освои само 122 места.

Апсолутно мнозинство нема ни десниот, ни левиот табор. Феихо не може да стигне до потребното мнозинство ни со десничарско популистичката партија Вокс, која освои 33 мандати и регионалната партија УПН со еден мандат – тие заедно би имале 170 пратеници, а за апсолутно мнозинство се потребни 176. Левиот сојуз Сумар како можен партнер на социјалистите освои 31 мандат, па двете партии заедно би имале 153 пратеници, што исто така е премалку. Феихо и Санчез се зависни од поддршката на други партии. 

Политички натегања  

Во оваа ситуација на четвртата по големина економија во Европската унија, која моментално и претседава со Советот на ЕУ, и` претстои долго политичко натегање. Не се исклучува дури ни политичка блокада, каква што настапи веќе по изборите во 2015 и 2019 година, што во двата случаи налагаше потреба од втора рунда избори.

Сегашниот премиер, социјалистот Педро Санчез смета дека десничарите доживеале неуспех на изборите во ШпанијаФотографија: Emilio Morenatti/AP Photo/picture alliance

Кај другите политички партии владеат посебно големи задршки кон Вокс – десно популистичката партија е евроскептична и се заканува да ги укине левите престижни проекти во областа на социјалата, заштитата на малцинствата и заштитата на животната средина, а најавува и тврд однос кон сепаратистите.

Бесплатен билет за воз во Шпанија

01:42

This browser does not support the video element.

Шпанската десница и екстремната десницадоживеаја удар на изборите, истакна премиерот Педро Санчез пред своите симпатизери во Мадрид. „Десничарскиот реакционерен блок, кој сака да ги укине сите напредоци од последните години, доживеа неуспех. Има многу повеќе луѓе кои сакаат Шпанија да напредува отколку такви кои сакаат назадување“, рече Санчез. Тој е на власт од 2018 година, а од јануари 2020 година предводи малцинска влада со Подемос.  Левичарската партија во меѓувреме се приклучи кон сојузот Сумар.

Анкетите на јавното мислење пред изборите предвидуваа јасно свртување кон десно во Шпанија, но тоа изостана. Политичките аналитичари пласманот на социјалистите го сметаат за „вистинско изненадување". „Постојат само две сценарија, или Санчез ќе остане на власт или ќе дојде до нови избори“, смета на пример Антонио Барозо од консултантската фирма „Тенео“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми