Шпанија легализира половина милион мигранти
29 јануари 2026
Левичарската влада на Шпанија во вторникот одобри забрзан план што ќе им овозможи на околу половина милион мигранти без легален престој, претежно од Латинска Америка и Африка, да аплицираат за тоа. Овој потег претставува еден од најголемите за легализирање на престој во Европа во последните години и е спротивен на поширокиот тренд на многу европски влади за построги доселенички политики.
Како ќе се спроведе новото правило?
Министерката за миграција Елма Саиз објасни дека новата мерка се однесува на лица кои до 31 декември 2025 година престојувале во Шпанија најмалку пет месеци – но, само ако може да докажат дека немаат криминално досие. Пријавувањето ќе се врши од април до 30 јуни, а доколку апликацијата биде одобрена, тоа ќе им овозможи на луѓето да работат во кој било сектор и било каде во земјата. Барањето ќе се поднесува за едногодишен престој со можност за обновување, а на деца ќе им се издава петгодишна дозвола за престој. „Денеска е историски ден“, оцени министерката Саиз, нагласувајќи дека владата со овој потег го зајакнува миграцискиот модел заснован на човекови права, интеграција и компатибилност со економскиот раст и социјалната кохезија.
Мерката усвоена со „кралски декрет“
Премиерот Педро Санчез во повеќе наврати нагласуваше дека миграцијата е клучен столб за економскиот учинок на Шпанија, наведувајќи дека доселениците сочинувале околу 80 проценти од економскиот раст во последните шест години и дека генерирале околу десет проценти од придонесите за социјално осигурување. Стапката на невработеност во Шпанија падна под 10 проценти на крајот на 2025 година, при што странците го сочинуваат мнозинството од нововработените во последниот квартал од минатата година.
Новиот план инаку беше усвоен со т.н. „кралски декрет“, што на владата ѝ овозможи да го заобиколи парламентот, каде што нема стабилно мнозинство. Владата наиде на поддршка од крајно левичарската партија Подемос, чии лидери потегот го опишаа како морален одговор на анти-имигрантската реторика, по договорот што помогна да се зајакне кревката парламентарна позиција на премиерот Санчез.
Што вели опозицијата?
Алберто Нуњез Феихо, лидер на опозициската Народна партија од десниот центар, рече дека планот на владата е осмислен за да се „одвлече внимание“ од железничката несреќа од 18 јануари во која на југот на земјата загинаа 45 лица. „Во социјалистичка Шпанија, незаконитоста се наградува. Миграциската политика на Санчез е исто толку непромислена колку и неговата железничка политика“, рече тој. Крајно десничарската партија Вокс најави преземање правни чекори против новата владина мерка.
Раководството на партијата соопшти дека ќе поднесе жалба до Врховниот суд штом ќе биде објавен декретот, со барање за привремени мерки за запирање на неговото спроведување. Од Вокс тврдат дека заобиколувањето на парламентот по прашање од таков обем е неприфатливо и ги обвинува европските институции за „опасна пасивност“, барајќи јасен одговор од нив.
Пофалби, но и критики
Шпанија моментално има околу 49,4 милиони жители, вклучително и 7,1 милион странци. Проценките од Институтот Функас покажуваат дека на почетокот на 2025 година, околу 840 илјади лица живееле во земјата без дозвола за престој. Последната голема легализација на престојот на мигранти е спроведена во 2005 година за време на мандатот на премиерот Хозе Луис Родригез Запатеро, кој припаѓа на истата партија како и сегашниот шеф на владата, Санчез. Одлуката на владејачките политичари беше поздравена од организациите што се залагаат за правата на мигрантите, како и од Римокатоличката црква, кои мерката ја оценија како чин на социјална правда. Критичарите пак, предупредуваат дека таков пристап ја издвојува Шпанија од остатокот од Европа, каде што земјите се вртат кон построги контроли на доселувањето.