1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанскиот крал

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров
11 септември 2023

Партијата на премиерот е сведена на клиентелистичка толпа, загледана во летот на магарето. Новите случаи на корупција на власта, генерираат депресија и мазохизам. Пишува Димитар Димитров

Македонскиот премиер Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

Го прочитав слоганот на владината кампања „Ние сме Европа" и во мигот ми се причу „Јас сум шпанскиот крал". Тоа е гласот на Аксентиј Иванов, главниот лик во новелата на Гогољ „Записи на лудиот".

Каква потреба би имал вистинскиот шпански крал, како и вистинските Европјани, од вакво декларирање? Тоа има смисла при претпоставка на не-крал, како и на Не-европјани, па издава вообразена самоидентификација, која афирмативните декларации ги обрнува во негативни.

Самата определба за шпански крал односно за Европјани, не е избор по сродност, напротив, е избор по контрарност. Во двата случаја станува збор за изразито хиерархизиран свет, па од најниското скалило виртуелно се качува на највисокото.

Кај Гогољ е во прашање хиерархијата на царска Русија и индивидуален случај на писар во департман, кај кого вообразбата во основа е благородно мотивирана со неутешна љубов кон ќерката на директорот на департманот. Но бидејќи ќерката била вљубена во фраер од повисоко, а него го презирала како желка, тој со вообразбата во шпанскиот крал си умислувал, освен што љубената ќе трча по него како кутре, да се надреди над сите кои му се надредени.

Ритуалот на „крунисувањето" со бричење на главата и со полевање со ледена вода го доживува како чудна дворска етикеција, поврзана со рицарската традиција на Шпанија. Кога заигруваат удари со стап по главата за да му се истера кралот од неа, сфаќа дека станал жртва на Инквизицијата. При неподносливи болки, му светнува: „Мамичке, спаси го твоето болно чедо". 

Монархиска етикеција 

Европа од „Ние сме Европа" (т.е. ЕУ, т.е. идејата на ЕУ), е врховната вредност што за јунакот на Гогољ е шпанскиот крал. Но истовремено тоа е и Европа на шпанскиот крал. Така што шпанскиот крал е и субјектот, и објектот од „Ние сме Европа". 

Субјектот формално е премиер, но не е избран според куќниот ред на државата, како учесник и победник на изборите, туку според мечтите на Аксентиј - со монархиска етикеција. Не е покриен/обврзан/посветен на изборна програма благословена од гласачите (суверенот при парламентарната демократија), туку на програма импортирана однадвор, преку хибридна војна со примена на вето на нашето зачленување во ЕУ. Во контекст на војната во Украина, еден путинистчки претседател и еден претседател на членка на ЕУ од „првата брзина" таа програма на хибридна војна ја промовираа во борба за човекови права и ја покрија со европско знаме. Бидејќи ударот е фокусиран првенствено врз мнозинскиот народ, иако не е поштедена ни државата, нашиот шпански крал се екипира со субјекти од малцинствата и соработката со путинистот ја именува „Фронт за Европа". Фронтот го предводи формација на борци за човекови права од 2001, чиј лидер е реалниот суверен на нашиот шпански крал, а тој си го стекнал суверенитетот со командата на УЧК.

Летот на магарето 

Така нашиот шпански крал изврши внатрешна перестојка достојна на државен преврат. Извршната и судската власт, државните институции и јавните претпријатија профункционираа како монолитен систем на организиран криминал и корупција. Партијата на премиерот, со раководството и пратеничката група, е сведена на клиентелистичка толпа, загледана во летот на магарето. Секојдневното јавно информирање за нови и нови случаи на корупција на власта, генерира депресија и мазохизам. Пред последниот случај на Онкологија здивот ти застанува. На претпоследниот случај, со проектот за годишната конференција на ОБСЕ, да се смееш и да плачеш. „Ние сме Европа" се срамат од себе и прибегнуваат кон Потемкиново село - совршен автопортрет на шпанскиот крал! 

Димитар ДимитровФотографија: privat

Нацијата со огромно мнозинство до 80 проценти, не му се радува на шпанското кралство. Не ги сака „Ние сме Европа", а сака да е Европа. Младите индивидуално се европеизираат, старите протестираат за леб и чемреат осамени при својот биолошки залез.

Фронт против корупцијата 

Европа очигледно не е излезена од сенката на Реалполитик(ата) на Дизраели и Бизмарк. Се случи Брегзит, падна идеја за „европска политичка заедница", па идеја за ЕУ во „различни брзини". (Нашиот шпански крал се радува на оваа идеја, смета дека не се однесува на внатрешна пререгулација на Унијата, туку на трката на кандидатите кон ЕУ. Па бидејќи ние најбрзо трчаме, први ќи стигнеме до целта!) Сепак од ЕУ (и од САД) нѝ го препорачуваат „Фронтот за Европа", но и нѝ испорачуваат фронт против корупцијата!

Се чини, сме стигнале таму од каде што сме кинисале - на крајот на коруптивниот режим на актуелната опозиција, предводен од потомокот на Александар, кој нѐ побратими со Хунзите, под менторство на еден локален сопрезименик на Гогољевиот јунак, заљубен во Каменот од Розета! Дали ова повикување на борба против корупцијата, е најава за можно санкционирање на нашиот шпански крал за организација на злосторничко здружение како што беше потомокот на Александар? Па и тој да се спасува од затвор со бегање во Будимпешта. Или во Мадрид! Бидејќи шпанскиот крал е синоним за имагинација, тој домислува ваков луциден исход: ако нема закон - нема ни криминал! Трите револуционерни партии, кои функционираат како парадржави и никако да се договорат околу општото добро, го споделиле изумот; по итна постапка, со измени во Кривичниот законик, со европско знаменце, ги минимизираа казните за политичка корупција, со оглед на должината и на застарувањето. Така се ретушираат минати, сегашни и идни престапи поврзани со злоупотреба на функцијата или со злосторничко здружување. Нешто што им одговара на сите три партии. Покрај тоа, шпанскиот крал обезбедува двотретинско мнозинство за изгласување на измените на Уставот, со внесување на Бугарите во него, што е прва линија на фронтот на хибридната војна.

Дали ќе уследи бриселско вето, нов Пржински договор - клакво страдање ќе не' снајде, тешко е да се предвиди.

Ако Аксентиј Иванов се унасреќил самиот себе и си ја повикал мајка си на помош, нашиот шпански крал ја унесреќува нацијата, па мајка Македонија му се обраќа нему и на оние со него: Чеда мои, не ме жртвувајте. Ви требам. 

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Димитар Димитров Димитар Димитров е пензиониран професор на Филолошкиот факултет во Скопје и поранешен министер.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми