1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спасовски најави „жесток“ одговор кон сите провокации

ДТЗ
31 јануари 2023

Министерот за внатрешни работи вели дека полицијата има план за да се спречат инциденти на гробот на Гоце Делчев. Порача дека „жестоко“ ќе возвратат на сите провокации.

Оливер Спасовски
Министерот за внатрешни работи порача дека „жестоко“ ќе возвратат на сите провокацииФотографија: Regierung Nordmazedoniens

Полицијата ги анализира сите ризици во пресрет на чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека имаат план и преземаат активности за да се спречат евентуални инциденти на 4 февруари. Тој е дециден дека македонското и бугарското МВР ќе преземат сѐ за да не се дозволи радикални структури да ги нарушуваат односите меѓу двете земји.

„Мора да деескалира состојбата која што неодговорни политичари, групи и поединци сакаат да ја доведат до огромна ескалација“, порача Спасовски, повторувајќи дека полицијата „нема да дозволи ескалација и инцидент“, ниту пак ќе дозволи какво и да било „понижување на македонскиот народ и држава, од кого и да е“. 

Спасовски повика на мирно и достоинствено чествување на гробот на великанот. „Мора да упатиме порака до сите политички субјекти да бидеме одговорни во овој процес, бидејќи неодговорноста не прави ништо добро за граѓаните и државата. Мирот и стабилноста е одговорност на секој од нас. Да не им се дозволи простор на радикалите кои сакаат да ги нарушат односите со Бугарија“, истакна Спасовски.

Во полицијата се прават секојдневни анализи, формиран е и посебен штаб во кој се вклучени сите безбедносни институции кои што ги земаат предвид сите ризици во пресрет на 4 февруари. Дали на група политичари и граѓани од Бугарија, кои што се спорни за македонските безбедносни институции, ќе им биде дозволено да ја преминат државната граница ќе се знае на 4 февруари. „Одлуките ќе ги носиме кога ќе дојде време, врз основа на сите анализи“, вели министерот. 

Скопје и Софија заеднички кројат план за да нема инциденти на 4 февруариФотографија: Petr Stojanovski

Никој не е над државата

МВР ги анализира сите повици на социјалните мрежи и најави дека ќе се организираат ноќни стражи и блокади на патиштата во пресрет на 4 февруари, кога треба да се одбележи 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во Скопје.

Министерот за внатрешни работи ги повика граѓаните да не потпаѓаат на разни повици на патриотски здруженија, институти и политичари за чување на гробот на Гоце Делчев, бидејќи тоа е во надлежност на институциите и полицијата. „Нема да му биде дозволено на никој да биде над државата“, вели Спасовски. 

Тој испрати децидна порака дека државата ќе „има жесток одговор кон секој којшто има намера да ја загрози безбедноста на мнозинството граѓани и да го наруши јавниот ред и мир“. „Ова се однесува и на наши граѓани, но и на луѓе однадвор“, вели Спасовски. „Ние сме гостопримливи, знаеме да подадеме рака на секого, но затоа бараме достојна почит и на оваа држава и на граѓаните“, додава првиот човек на МВР. 

Премиерот Димитар Ковачевски денеска (31.01) повтори дека МВР ќе постапува согласно Законот за странци, каде постои одредба според која граѓанин на друга држава што претставува опасност може да не биде пуштен да влезе во државата. 

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа колку бугарски државјани се очекува дојдат на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Делчев на 4 февруари, Ковачевски рече дека сите податоци и бројки се разменуваат меѓу безбедносните служби на двете држави. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми