1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Може ли Путин да одговара за воени злосторства во Украина

Олена Перепадија
9 ноември 2022

Основање меѓународен специјален трибунал за руската агресија на Украина би било важен сигнал, дури и да не дојде до пресуда, оценува во интервју на ДВ професорот Клаус Крес од Универзитетот Келн.

Уништениот театар во Мариупол, Украина
Уништениот театар во Мариупол, УкраинаФотографија: Alexei Alexandrov/AP/picture alliance

На почетокот на октомври парламентот во Украина упати апел до меѓународната заедница да креира специјален трибунал за злосторствата извршени за време на руската инвазија на Украина. Каква улога би требало да има таков трибунал, покрај другите инструменти на меѓународното кривично право? Што е потребно за да се формира и колку е долг патот до пресуда? ДВ за ова разговараше со професорот по кривично и меѓународно право Клаус Крес од Универзитетот Келн.

ДВ: Професоре Крес, зошто сега се поставува прашањето за специјален меѓународен трибунал за злосторствата извршени за време на руската инвазија на Украина? 

Клаус Крес: Специјалниот трибунал треба да занимава со обвиненијата за сосема конкретен меѓународно злосторство, односно самата агресија. Тоа е многу важно за Украина, бидејќи кај злосторството на агресијата всушност се работи за обвинувањето за самата војна, односно одлуката на руското раководство да започне агресорска војна против Украина. Од аспект на Украина отпочнувањето на агресорската војна е „првобитниот грев“, којшто го отвори патот за безбројните злодела сторени во текот на војната. 

Во украинските медиуми се пишува дека иницијативата за основање специјален трибунал е тешко спроведлива во Германија. Во моментов многу се дискутира за оваа тема. Каков е Вашиот став?

Клаус Крес, професор по меѓународно право на Универзитетот КелнФотографија: Pascal Buenning

За основање специјален трибунал во моментов се води интензивна меѓународна дискусија на различни нивоа. Германија сè уште нема заземено став. Последните изјави се дека интензивно ќе се занимава со ова прашање. Сличен став имаат и многу други држави. Тоа не изненадува, бидејќи мора да се разјаснат голем број компликувани правни и политички прашања. Според мене, дебатата во последно време доби на динамика, но јас не би сакал да оценувам кога ќе се дојде до заклучок. Има една точка која според мене е многу важна за Германија, а мислам дека треба да ѝ биде важна и на Украина. Се работи за тоа да се најде што е можно поширока меѓународна поддршка за основање на таков Трибунал. Треба интензивно да се вложат напори да се обезбеди толкаво мнозинство на држави на ниво на ОН, што Генералното собрание би препорачало основање на еден таков трибунал. Колку поголема е меѓународната поддршка, толку поголем е и легитимитетот на таквиот трибунал. 

Како во пракса би изгледало основањето на таков суд? Кои меѓународни одлуки би биле правно обврзувачки? 

Во моментов се разгледуваат различни модели за основање на таков суд. Патот којшто јас го претпочитам се состои од два чекора. Првиот би бил носење резолуција на Генералното собрание на ОН, за што претходно треба да се обезбеди мнозинство. Би било многу лошо, секако и од аспект на Украина, ако такво гласање во Генералното собрание пропадне. Генералното собрание, за разлика со Советот за безбедност, не може само по себе да основа таков меѓународен суд, бидејќи неговите надлежности не се толку широки како оние на Советот за безбедност. Но, Генералното собрание може во име на ОН да ја формулира желбата на меѓународната заедница да постои таков трибунал. Во однос на неговата легитимност тоа е од најголемо значење. По една таква одлука, Генералниот секретар на ОН би можел да потпише меѓународен договор со Украина за користење на таков трибунал. 

Во какви временски рамки би се одвивало тоа? 

Кривичната постапка е комплексен процес кој опфаќа различни стадиуми. Првиот чекор е започнување истрага, значи обезбедување докази и доколку тие се доволни, идентификување на обвинетите и точно образложение на конкретните обвиненија. Самото тоа е веќе комплициран процес. Притоа треба да земете предвид дека злосторот агресија е дефиниран во меѓународното право, но досега имало само поединечни случаи на меѓународни процеси за вакво злосторство. Такви преседани се процесите пред воените трибунали во Нирнберг и Токио по Втората светска војна. Значи секој чекор во кривична постапка поради сомневање за агресија мора да биде особено добро осмислен. Не смее да се смета на процес кој ќе биде завршен во екстремно брзо време. Но, со самото започнување истрага од страна на меѓународен суд би се испратила исклучително важна порака дека меѓународната заедница е исклучително сериозна во однос на сомневањата дека е извршен злосторот агресија, односно дека не му дава помало значење отколку на воените злосторства, злосторствата против човештвото и геноцидот за кои и во однос на Украина е надлежен Меѓународниот суд.  

Масовна гробница во близина на украинскиот град ИзјумФотографија: Evgeniy Maloletka/AP/dpa/picture alliance

Нели треба да биде завршена војната за да се отпочнат процесите? 

Процеси принципиелно се можни уште пред да заврши војната. Во поранешните фази на развојот на меѓународното право – како во Нирнберг и Токио, но и најголемиот дел процеси за поранешна Југославија и Руанда, жешката фаза на конфликтот во дадениот момент веќе беше помината. Но, со основањето на Меѓународниот суд на правдата ситуацијата е променета. Тој постојано работи и може, во рамки на своите надлежности, да се активира уште при појавата на сомнежи. 

Ако се издадат наредби за апсење и се покренат обвиненија, со какви проблеми ќе се соочат меѓународните правосудни органи? 

Злосторството агресија е злосторство на раководството, значи не се работи за казнивост на поединечни руски војници, туку за кривичната одговорност на политичкото и воено раководство на Русија, на чело со претседателот Путин. Практичниот предизвик кој произлегува од ова е истиот како и за Меѓународниот суд на правдата. Сѐ додека режимот е на власт, нема да може да се дојде до обвинети Руси кои се наоѓаат на руска територија. За тоа време може да се врши истрага и на крај да се напише соодветно обвинение, но нема да може обвинетите да се уапсат и да се изведат пред трибуналот. За тоа би била потребна посебна полициска сила која нема да ја има, исто како што ја нема ни Меѓународниот суд на правдата. Сите ние се надеваме дека рускиот народ ќе стави крај на режимот на Путин во иднина. Тогаш би се отвориле можности да се доведе до крај кривичната постапка против одговорните од Кремљ. Во овој момент никој не може да каже дали и кога тоа би се случило. 

Што ако Путин тогаш е мртов? Дали тоа би значело дека сето ова би било попусто? 

Не. Секако дека рускиот претседател е во фокусот на обвинувањата, барем што се однесува до злосторството агресија. Но, тој не е единствениот осомничен за ова, ниту за бројните воени злосторства. Кога систематски се прават воени злосторства, кога имаме злосторства против човештвото и геноцид, типично е главно одговорните да се на врвот на системот, но има и одговорни на пониските нивоа на хиерархија, сѐ до поединците кои ги извршуваат злоделата на лице место. Тоа значи дека сомневањата не се насочени само против еден човек. Замолувам уште ова да се земе предвид: секако дека смислата на една кривична постапка во случај на вина на сторителот е целосно исполнета дури кога има пресуда и издржување на казната. Но, и самото започнување на истрага е знак за светот дека се прави сѐ што е можно за да се процесира сомнежот за извршено злосторство против човештвото. И само една меѓународно издадена наредба за апсење ќе ја ограничи слободата за движење на осомничените, а пак покренување тешко обвинение може да придонесе за делегитимација на еден државен лидер.

 

Клаус Крес е професор по кривично и меѓународно право на Универзитетот Келн и раководител на тамошниот Институт за мировно право.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми