1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По изјавите на Макрон за копнени трупи - Берлин под притисок

Бернд Ригерт
28 февруари 2024

По изјавата на Емануел Макрон дека не се исклучува испраќање западни копнени трупи во Украина, од сојузниците стигнаа критики, а Германија категорично кажа – не.

Емануел Макрон и Олаф Шолц
Различни погледи - Емануел Макрон и Олаф Шолц на конференцијата за помош на Украина во ПаризФотографија: Gonzalo Fuentes/AFP/Getty Images

Францускиот претседател Емануел Макрон даде изјави за руската војна против Украина кои ретко се слушаат од западни политичари. По набрзина свиканата конференција на 25 влади од Европа, САД и Канада, Макрон излезе со изјава: „Ќе направие сѐ што е можно и додека е нужно“.  Не е исклучено ни испраќање француски копнени трупи во Украина, рече Макрон, но веднаш се ограничи дека тоа е сега само теоретска дискусија, дека на пример Германија, Полска, Велика Британија и балтичките земји биле против, нема согласност за тоа прашање. 

Критика во Германија

Германскиот канцелар Олаф Шолц во понеделникот, по првичниот молк во неделата вечерта, изјави дека во Париз не владеело единство, нема да се испраќаат европски војници во Украина, со што му противречи на Макрон. Јасно е дека францускиот претседател со своите изјави предизвика дискусија меѓу западните сојузници која досега била водена само зад затворени врати. Макрон притоа не изнесе никакви детали – мисли ли на борбени единици, војници за логистичка поддршка, инструктори за обука на воен персонал за испорачаните западни оружени системи? 

Шефот на германската влада пред пристигнувањето на конференцијата во Париз за помош на Украина уште еднаш јасно кажа дека нема да испорача  крстосувачки ракети Таурус  со долг дострел од германските резерви на украинската армија. Шолц предупреди дека Британија и Франција, кои доставуваа крстосувачки ракети со помал дострел и таргетирачки податоци, може да станат завојувана страна. И тој за прв пат јавно потврди дека британските и француските војници се активно вклучени во  одбранбената битка против Русија со програмирање на целните податоци за крстосувачките ракети. Како што е познато, војниците не се стационирани во Украина.

Макрон индиректно го критикува Шолц

Од јасното „не" на канцеларот Шолц за испорака на крстосувачки ракети, може да се заклучи дека тој дефинитивно го отфрла распоредувањето на западни војници во Украина, навестено од  Макрон. Тоа не би било ново ниво на ескалација само во очите на германската сојузна влада. На својата прес-конференција, францускиот претседател не штедеше ни критики за, како што смета тој, колебливите ставови на Германија и другите земји од ЕУ и НАТО. „Многу од луѓето денес кои велат ‘Никогаш!' се истите оние што велеа пред две години: никогаш тенкови, никогаш авиони, никогаш проектили, никогаш ова, никогаш она“, рече Емануел Макрон.

Пред две години Русија иврши инвазија врз Украина.

По конференцијата за помош на Украина во Париз, Макрон со изјава која предизвика дебати Фотографија: Gonzalo Fuentes/AFP/Getty Images

Германски политичари од Зелените, партија која е дел од владината коалиција, како и од демохристијанската опозиција, вчера во радио интервјуа ги отфрлија идеите на Макрон за копнените трупи. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, во Москва реагираше на очекуван начин: доколку се испратат западни трупи, рече Песков, директен конфликт меѓу НАТО и Русија веќе нема да биде само можност, туку неизбежен.

Коалиција за крстосувачки ракети без Германија

Домаќинот Макрон, по долгата вечера во Елисејската палата, исто така најави формирање на коалиција на оние кои сакаат да обезбедат повеќе  оружје со долг дострел  и крстосувачки ракети за Украина. Сепак, остана нејасно кои земји ќе учествуваат во неа. Но, пораката до Германија беше јасна - дека Макрон повеќе не сака да чека канцеларот Шолц да се премисли за ракетите Таурус. Веројатно постоеле размислувања да се побара од Германија да ги испорача ракетите Таурус на Велика Британија и Франција, кои потоа би можеле да ги користат во Украина без учество на германскиот Бундесвер.

Естонската премиерка Каја Калас во Париз го повтори нејзиниот предлог за заедничко преземање долгови од страна на ЕУ како заедница на држави со цел да се финансира  купувањето оружје за Украина. На состанокот на министрите за финансии на ЕУ во петокот, германскиот сојузен министер за финансии Кристијан Линднер јасно ги отфрли еврообврзниците или преземањето заеднички долг за одбрана.

Повеќе „суверенитет“ за Европа

На самитот во Париз долго време се разговарало за можното изостанување на САД како најважен снабдувач на оружје за Украина. „Оваа војна ќе ја одреди нашата иднина“, изјави Емануел Макрон, без оглед на исходот од изборите во САД во ноември. Во прашање е  заштитата на Европа. „Убедени сме дека поразот на Русија е суштински за безбедноста и стабилноста во Европа“, истакна Макрон.

Министрите за одбрана во седиштето на НАТО во Брисел потпишаа документ за поддршка на Украина - не е испорачано ветеното оружје? Фотографија: Ansgar Haase/dpa/picture alliance

Досега Франција инсистираше на трошење европски пари за купување оружје од производителите, по можност француски. Сега Макрон изјави дека ја поддржува иницијативата на Чешка за купување муниција надвор од континентот. Чешка сака да купи до 800.000 артилериски гранати од трети земји. Украинскиот претседател  Володимир Зеленски  во понеделникот критикуваше што ЕУ досега доставила само една третина од ветените милион гранати. ЕУ досега зборуваше за испорачани 500.000 парчиња муниција.

Поглед на бројките покажува дека Франција сè уште не е еден од најголемите добавувачи на оружје или муниција за Украина. Според Килскиот институт за светска економија, САД и Германија се на врвот кога станува збор за апсолутни бројки. Во однос на бруто домашниот производ, односно економското производство на една земја, балтичките држави и Данска се лидери. Сè уште има простор за подобрување за Емануел Макрон кога станува збор за конкретна акција, а не само за теоретски дискусии за можно распоредување на војници.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми