1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Шпионите на Путин под притисок

Мануел Бевардер | Флоријан Фладе | ВДР/НДР
7 април 2023

Руската амбасада во Берлин важи за центар на шпионажа. Пред една година Германија во еден потег протера 40 руски разузнавачи. Наскоро би можеле да им се приклучат и други.

Руската амбасада во Берлин
Руската амбасада во БерлинФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Само неколку часа пред полицајците да постават огради околу руската амбасада во Берлин, првите ракети ја погодија Украина. Огромната градба беше под засилена полициска заштита, како што тоа го предвидува Виенскиот договор за дипломатски релации. Па сепак, односот од страна на Германија спрема амбасадата и нејзините вработени оттогаш е значајно променет.

Помина речиси една година откако Германија официјално ја означи амбасадата на Русија како центар на шпионажата на Москва во земјата. Во април 2022 година од 40 руски дипломати беше побарано да ја напуштат земјата. Наводно се работело за соработници на тајните служби, кои работеле под закрила на статусот дипломат.

Зголемена подготвеноста за ризик

Политиката го спроведе тоа што го подготвија безбедносните служби - Германија се ослободи од својата наивност во однос на Русија. Многу од шпионите на Путин веќе не се тука, а руските служби мора да си ги адаптираат активностите на новите околности.

Според информации на медиумските куќи ВДР и НДР, добиени од безбедносни кругови, разузнавачките активности од руската амбасада во Берлин од минатата година се значително намалени. Истовремено, на Кремљ му се итно потребни информации, така што шпионажата сега се спроведува засилено со други средства. Притоа, руските разузнавачи стануваат сѐ поподготвени на ризик, но истовремено прават и почесто грешки. А, притисокот допрва може и да расте. Се чини дека се минато времињата во кои соработници на амбасадата можеа непречено да си вршат шпоинажа за својата матична земја или да го користат своето влијание.

За германските безбедносни служби не беше проблем да посочат со име 40 шпиони кои се криеле зад статусот дипломати (фото: зградата на амбасадата на Русија во Берлин)Фотографија: Vyacheslav Filippov/TASS/imago images

Бројни случаи го потврдуват наведеното. На пример Данил Б., кој пред сѐ се конектирал со млади германски политичари и кај АфД се залагал за позитивен став кон Русија. Поранешното аташе за трговија е еден од основачите на Институтот за истокот во покраината Мекленбург Предна Померанија, кој стана свртувалиште за руски лобисти.

Кое значење го има амбасадата во Берлин за операциите за шпионажа покажуваат два актуелни случаи, меѓу кои и со германскиот поранешен резервист офицер Ралф Г. Тој наводно повеќе години споделувал информации со руската тајна служба ГРУ. Аташето за воено воздухопловство и морнарица Г. го запознал на бал на германското воено воздухопловство во Бон. Кон крајот на 2022 година Г. беше осуден на условна казна затвор од една година и 9 месеци. Во февруари годинава, во Лондон, поранешен соработник на британската амбасада во Берлин беше осуден на 13 години и 2 месеца затворска казна поради тоа што со години споделувал „значајна количина” сензитивни информации со руските служби. Амбасадите на двете земји во Берлин се во непосредна близина. Материјалот го давал на аташето за одбрана во руската амбасада.

Седиштето на руската тајна служба ГРУ во МоскваФотографија: picture alliance/AP Photo/P. Golovkin

400 дипломати протерани од Европа

За германските безбедносни служби пред една година очигледно не беше проблем да посочат со име 40 шпиони кои се криеле зад статусот дипломати. Де факто на листата имало повеќе од 100  имиња. Но, првично беа протерани оние кои постапувале тотално безобѕирно, како на пример една личност која наводно вмешала прсти во проектот Северен тек, во Мекленбург Предна Померанија. Други пак смееле да останат, како руското контакт лице на осудениот британски дипломат. Аташето за одбрана, покрај малкумина други претставници на амбасадата, важи за т.н. „резидент”, што е назив за лицата соработници на тајните служби кои и официјално се пријавени како такви и, на пример, прават и размена на информации со германските служби. Дури и ако „резидентите” директно учествуваат во шпионирање, во германските безбедносни кругови се полага големо значење на тоа да се одржуваат таквите канали за комуникација. Очигледно од истата причина во Германија смеел да остане и деклариран руски специјалист за операции за извршување влијание, и покрај големата скепса кај властите.

Во Европа, во изминатата година, за „непожелни лица” се прогласени вкупно 400 руски шпиони. Притоа имало тесна размена на информации во врска со овие лица меѓу погодените земји. Како платформа за тоа служи т.н. „Клуб од Берн”, неформално друштво на европските внатрешни тајни служби. Во него членуваат земјите од ЕУ, Швајцарија, Норвешка и Велика Британија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми