1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпионски софтвер на БИА: Србија во „дигитален затвор“

Ивица Петровиќ
17 декември 2024

Незаконската употреба на шпионски софтвер, што БИА го негира, не е од корист за власта во Србија во поглед на протестите. Но, ја загрозува новинарската работа и слободата на изразување, велат соговорници на ДВ.

Шпионски софтвер
Шпионски софтвер на БИА: Србија во „дигитален затвор“ Фотографија: imago/avanti

Извештајот на Амнести Интернешнал покажува дека српските власти користат шпионски софтвер за борба против новинарите, политичарите и невладиниот сектор. „Дигитален затвор: Надзор и гушење на граѓанското општество во Србија“ е името на споменатиот извештај, во кој се наведува дека српскиот режим користи форензички алатки за извлекување податоци од  мобилни телефони на кои е инсталиран софтвер без никаква правна основа.  Српската полиција и Безбедносно-информативната агенција (БИА), меѓу другото, го користат софтверот Селебрит (Cellebrite), кој на Србија ѝ го донира Норвешка, со цел да ги следат активностите на критичарите на режимот.

Со анализа на повеќе телефони, на кои бил инсталиран шпионски софтвер при информативни разговори или приведувања во полициски станици, било утврдено дека овој софтвер постои на десетици, а веројатно и стотици телефони на активисти и новинари. Покрај програмата Селебрит, на телефоните е пронајден и досега непознатата програма НовиСпај. По повод тој извештај, норвешкото Министерство за надворешни работи нагласи дека не ја поддржува злоупотребата на оваа програма, додека српскиот МУП и БИА изјавија дека „сите овие софтверски алатки ги користеле во согласност со законот“ и дека „ова е тривијален сензационалистички извештај кој не заслужува коментар“.

Брана за демократската јавност

Србија се најде во дигитален затвор, бидејќи „има автократска власт која не дозволува формирање на каква било демократска јавност“, ги оценува изјавите од овој извештај за ДВ Зоран Гавриловиќ од Бирото за социјални истражувања (БИРОДИ).

„Сега сме сведоци дека државата е подредена на една политичка партија, а механизмот за тоа е негување на култот на личноста на Александар Вучиќ. Целта на ова е новинарите и граѓанскиот сектор да се откажат од тоа што го прават. Но, тука треба да се забележи дека, покрај БИА, ова го прави и Народната банка на Србија, која зема податоци од комерцијалните банки за финансиски трансакции на новинари и невладини организации и ги доставува до одредени луѓе во власта“, нагласува Гавриловиќ. 

Укинување на критичкото мислење

Новинарот Недим Сејдиновиќ смета дека „сосема е јасно како Србија се нашла во дигитален затвор. На самиот почеток на неговото владеење, Вучиќ отворено стави до знаење дека голема сума пари и ресурси се користат за набавка на  опрема и софтвер  што ќе се користи за контрола на политичките противници и практично уништување на опозицијата. Низ годините државата не штедела пари за крајната цел, а тоа е обид за целосно укинување на критичкото мислење“, вели Сејдиновиќ за ДВ.

Извештајот на Амнести интернешенел се осврнува и на бројните бранови протести во Србија, за време на кои противниците на режимот беа изложени на брутални кампањи и се наведува дека „клеветничките изјави биле поттикнувани од високи позиции, вклучително и претседателот, членовите на парламентот и гувернерот на Народната банка на Србија“.

Гавриловиќ забележува дека тоа се случува и сега, „за време на студентските протести“, но дека „покрај дискредитацијата на кампањите, режимот сè уште нема храброст и волја да се префрли на поагресивни форми на сузбивање на протестите кои заговараат демократија и владеење на правото во Србија“. На крајот на краиштата, Србија е на Балканот, опкружена со земји од НАТО и Европската унија, а со тоа и изолирана од недемократскиот свет, не може да го прави тоа што го прават  недемократските држави“,  оценува Гавриловиќ за ДВ.

Власта веќе има алгоритам за кампања кога станува збор за овој вид протести, забележува Недим Сејдиновиќ и додава дека „покрај примитивната пропаганда, тоа значи дека се користат сите средства за да се внесе раздор и недоверба во самото срце на бунтот, и тука тајните служби можеби играат најголема улога“. „Но, со оглед на тоа што протестот е масовен и децентрализиран, мислам дека и тие софтверски решенија не им користат многу на српските власти“, вели нашиот соговорник.

Проблем за истражувачките новинари

Меѓутоа, употребата на шпионски софтвер во голема мера ја загрозува новинарската работа и слободата на изразување, нагласува Сејдиновиќ и вели дека „ова особено се однесува на истражувачките новинари. Ваквата злоупотреба на власта не само што ги загрозува самите новинари, туку и нивните контакти со луѓе од владиниот систем кои им даваат некакви информации“, подвлекува Сејдиновиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не толерира каков било критички глас во општеството, велат експертиФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Откритието на Амнести Интернешнал, вели тој, уште еднаш покажа дека Српската напредна партија (СНС) ја гледа секоја опозициска активност, како и секој член на невладиниот сектор или критичар на режимот, како дел од незаконски и нелегални активности. Заклучокот од извештајот, според авторот, само потврдил дека претседателот  на Србија,  Александар Вучиќ, не само што не толерира парламентарна демократија, туку и каков било критички глас во општеството.

Автократите и диктаторите „на секој обид за борба за демократија гледаат како на хибридна војна“, оценува Зоран Гавриловиќ.

„Затоа сега имаме фестивали на демократија на протестите, бидејќи учесниците зборуваат за пленуми, за демократски начин на носење одлуки, но одговорот на владата на тоа е да се обиде со некои коруптивни активности повторно да ги спречи протестите. Сето ова се гледа како субверзија, како нов Мајдан, а ова е реторика на владата која постојано се повторува“, забележува извршниот директор на БИРОДИ.

Недим Сејдиновиќ во тој контекст, предупредува дека „повторно е актуелизирана приказната за списоците на странски агенти, што е особено бизарно во случајот со  Александар Вучиќ,  кој целосно ја отвори вратата за странското влијание и странскиот капитал и каде што Владата на Србија е всушност најголемиот странски платеник“.

Демократијата во сенка на интересите

Фактот дека Норвешка е донатор на софтвер кој се користи за недемократски цели го отвори и прашањето за односот на демократските земји кон српскиот режим или - зошто демократските земји замижуваат пред очигледните прекршувања на човековите права во Србија?

Европа се промени  во последните десет години, смета Недим Сејдиновиќ, и „сега некои профитабилни интереси некако станаа многу поважни, а некои од вредностите што ги застапува отидоа во втор план“. Сето ова се одразува и на Србија, и некако демократијата, човековите права и слободните избори станаа помалку важни“.

Навистина би требало да се биде доволно неинформиран за да се даде таков инструмент на автократијата, вели Зоран Гавриловиќ.

„Мислам дека луѓето од одредени амбасади замижуваат пред ситуацијата во Србија и дека тука завршуваат некои проекти на нивните развојни агенции, а за тоа време го уништуваат семето на демократијата во Србија“, заклучува Гавриловиќ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми