1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спор околу „таблата на поделба“ на влезот во Источно Сараево

Самир Хусеиновиќ
24 јули 2023

Поставена, тргната, па повторно поставена - спорот околу таблата која на влезот на Источно Сараево ја поставија властите на Република Српска се заострува и се префрла во судовите. За што станува збор?

 Источно Сараево БиХ
Спорната табла на влезот во Источно СараевоФотографија: KLIX

Властите на Источно Сараево, град во Република Српска, повторно ги поставија  градските табли со натписот „Добредојдовте во градот Источно Сараево, град на 157.000 Срби кои мораа да го напуштат Сараево”. Ова следеше откако властите на кантонот Сараево во Федерацијата БиХ неодамна ги тргнаа споменатите табли со образложение дека „нелегално” биле поставени натериторијата на ентитетот БиХ, односно кантонот Сараево. 

Кога беше утврдено дека табла со „лажни информации” е поставена на територијата на БиХ, градоначалничката на Сараево, Бенјамина Кариќ, поднесе кривична пријава против градоначалникот на Источно Сараево, Љубиша Ќосиќ за предизвикување национална, верска и расна омраза. 

Градоначалничката на Сараево, Бенјамина Кариќ: „Таблата е со погрешни информации и погрешна порака“Фотографија: Jasmina Rose/DW

Ќосиќ одговори со контратужба. 

Медиумите во БиХ пренесоа дека „таблата на Ќосиќ” е поставена како одговор на табла која се наоѓа на влезот на Сараево и на која се потсетува на 1.425 денови под опсада. 

„На нашата табла е истакнат бројот на Срби кои живееле во Сараево пред војната”, вели за ДВ градоначалникот на Источно Сараево, Љубиша Ќосиќ. Тие податоци главно се резултат на пописот на населението од 1991 година според кои во Сараево до војната живееле 157.143 Срби. 

Зошто Србите заминуваа од Сараево? 

Некои Срби во пресрет на војната заминаа од Сараево. Некои мислеа дека ќе се вратат за ден-два „откако ситуацијата ќе се смири”. 

„Моите родители со ќеси во рацете заминаа од Сараево во април 1992 година заедно со мене и сестра ми, затоа што сите зборуваа за можни судири - и Србите и Бошњаците и Хрватите. Мислевме дека ќе се вратиме за неколку дена”, вели Ќосиќ. 

Другите знаејќи дека ќе дојде до војна, заминуваа со куфери, многумина во правец на Белград. Од опколеното Сараево се заминуваше и за време на војната,но безбедност на контролните пунктови војската на Караџиќ гарантираше само на Србите. 

Според некои проценки, на територијата на Сараево кое за време на војната го контролираа силите лојални на осудениот Радован Караџиќ, имало меѓу 100.000 и 120.000 сараевски Срби. Околу 40 илјади Срби останале во делови на Сараево под контрола на властите на Република БиХ и тие ја споделиле судбината на своите сограѓани кои за време на опсадата ги тероризирала „војската на босанските Срби” што е документирано во Хашките пресуди на военото републичко раководство на РС. 

Властите на Источно Сараево, град во Република Српска, повторно ги поставија спорните градски таблиФотографија: KLIX

Повеќето од 157.000 Срби „кои морале да го напуштат Сараево” тоа го сториле по војната во март 1996 година, кога во склад со Дејтонскиот мировен договор делови од Сараево под управа на РС биле предадени под надлежност на ФБиХ. Тоа се случи откако претседателот на Србија, Слободан Милошевиќ, во Дејтон на босанската делегација ù „подари” делови од Сараево кои ги контролирала војската на РС. „Вие го заслужувате Сараево затоа што го браневте и го одбранивте”, му рече Милошевиќ на премиерот на БиХ, Харис Силајџиќ. 

Ќосиќ вели дека до тогаш околу 100 до 120 илјади Срби ги напуштиле Грбавица, Илиџа, Вогошча, Хаџич и други сараевски подрачја кои требало да ù припаднат на федерацијата БиХ. 

„Еден дел од луѓето заминаа во страв од можни одмазди, затоа што за време на трагичните судири загинаа многу цивили на двете страни, далеку повеќе на страната под контрола на Армијата на БиХ отколку на страната под контрола на војската на РС. Други заминаа затоа што не сакаа да останат на подрачје кое веќе не е РС”, вели Ќосиќ. 

Тој признава дека „еден дел” Срби кои заминале од Сараево „биле под влијание на тогашното раководство кое имало проценки дека треба да се напушти Сараево”.

„Најдобро решение" - Момчило Крајшник

На Србите им беа упатувани повици од врвот на РС да го напуштат Сараево. Во тоа предничел поранешниот претседател на Собранието на РС, Момчило Крајшник (1945-2020), кој од страна на Хашкиот трибунал е осуден за најтешки злосторства.

Тој според транскриптите кои ги објавија медиумите во БиХ, на седницата на Собранието од 17 декември 1995 зборувал дека стратешка цел на РС е „одвојување на Србите од муслиманите и Хрватите”. 

„Има само еден проблем - каде сега ќе ги иселиме луѓето. На крајот на краиштата најдобро решение е да се исели Сараево”, рекол тогаш Крајишник. 

И сараевските Срби во 1996 година се „иселиле” во „Српското Сараево”, како што првобитно бил наречен новооснованиот град на периферијата на Сараево во РС. Во поствоената одлука на Уставниот суд на БиХ називот „Српско Сараево” е променет во „Источно Сараево”.

Живковиќ: Таблата не ги одразува фактите и вистинската состојба

Србите во текот на војната заминуваа од Сараево затоа што „се плашеа од гранатите и снајперистите од своите сонародници од војската на РС од ридовите околу Сараево”, вели за ДВ потпретседателот на Движењето за рамноправност, Рајко Живковиќ. 

„Некои заминуваа и заради своите екстремни сограѓани. Да се потсетиме на Мушан Топаловиќ Цаце, воен командант на 10-тата Брдска бригада на армијата на БиХ, кој со припадниците на своите бригади од становите и улиците ги одведуваше Србите во Казани”, вели Живковиќ. 

Досега на Казани (јама на падините на Требевиќ) се ексхумирани посмртни останки на 29 лица, од кои 16 се идентификувани, а меѓу нив се најмногу сараевски СрбиФотографија: DW/S. Huseinović

Претседателот на Српското собрание Рајко Живковиќ смета дека таблата поставена на влезот во Источно Сараево „не ги одразува фактите и вистинската состојба” и дека бројот на Срби кои заминале од Сараево се „преувеличува”. Тој напоменува дека Србите сами со заминувањето од Сараево во 1996 година допринеле за заокружување на етничкото чистење и поделбите во БиХ. 

„Да не се случеше тоа, да останеа Србите во своите домови, денешната етничка слика во Сараево, па дури и положбата на Србите во главниот град на БиХ би биле потполно различни”, истакнува Рајко Живковиќ. 

Крис Јановски за политиката на етничко чистење

Крис Јановски, поранешниот портпарол на УНХЦР во БиХ, бил сведок на случувањата и за ДВ раскажува за масовното заминување на Србите од сараевските градски подрачја.  

Тој смета дека за заминувањето на Србите допринеле години на „немилосредна” воена пропаганда на раководството на РС кое „свесно” ширело етничка омраза. 

„Исто така мора да се потсетиме дека на почетокот на 1996 година луѓето кои на крајот беа уапсени и осудени за воени злосторства - Радован Караџиќ, Момчило Крајшник, Билјана Плавшиќ и Ратко Младиќ - и натаму цврсто управуваа со РС и имаа огромно влијание”, вели Јановски. Иако челниците на РС „јавно ги повикуваа” Србите да останат на подрачјата под контрола на ФБиХ, нивните медиуми го правеа спротивното, тврдејќи дека меѓународната заедница ги „напуштила” Србите и дека не можела да гарантира за нивната безбедност, појаснува Јановски. 

„Под меѓународниот притисок раководството на РС божем ја поддржуваше идејата за мултиетничко Сараево, но не стори ништо тоа да се оствари и всушност работеше против тоа”, вели соговорникот за ДВ. 

Заминувајќи од Сараево, многу Срби го уништувале својот имот. 

„Се сеќавам дека во февруари и март 1996 година при заминувањето Србите запалија неколку куќи, а локалните власти на РС ништо не направија тоа да се спречи. Моите колеги од УНХЦР и јас секој ден одевме на Грбавица во надеж дека нашето присуство ќе го ублажи деструктивното однесување, но тоа не донесе успех. Некои Срби дури се впуштаа во морбидниот чин на откопување на посмртните останки на членови на семејството за да ги понесат со себе”, раскажува Јановски. 

Крис Јановски вели дека тогашниот претседател на БиХ, Алија Изетбеговиќ, потпретседателот Ејуп Ганиќ и премиерот на БиХ Харис Силајџиќ „искрено сакале Србите да останат таму каде што се”.

Тој потсетува дека опколеното Сараево за време на цела војна имало како што вели „значајно етничко српско малцинство”. 

„За разлика од лидерите на РС, чиј етос е изграден околу етничката ‘чистина’ раководството на БиХ, односно на ФБих, иднината на земјата ја гледаше во мултиетничко светло”, вели Јановски за ДВ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми