1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп се закани дека ќе го поврати Панамскиот канал

СН/агенции
23 декември 2024

Панама го презеде каналот од САД пред 25 години. Сега идниот американски претседател Трамп се заканува дека повторно ќе ја преземе контролата врз водениот пат. Причината: „пренапумпаните“ давачки за користење на каналот

Панамскиот канал е клучен воден пат кој ги поврзува Атлантскиот и Тихиот океан.
Панамскиот канал е клучен воден пат кој ги поврзува Атлантскиот и Тихиот океан.Фотографија: Matias Delacroix/AP Photo/picture alliance

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп навести дека неговата администрација може да ја врати контролата над Панамскиот канал, кој, како што рече, „САД глупаво го препушти“ на својот централноамерикански сојузник.

Тој тврди дека на бродовите им се наплаќаат „неверојатно високи такси“ за да поминат низ виталниот воден пат кој ги поврзува Атлантскиот и Тихиот океан.

Конзервативниот претседател на Панама Хозе Раул Молина, кој беше избран во мај, во видео порака ја отфрли таквата мисла наведувајќи дека тоа е напад на суверенитетот на неговата земја.

Трамп вчера зборуваше за Панамскиот канал, на првиот голем собир откако победи на претседателските избори во САД на 5 ноември.

Тој им се обрати на бројните граѓани на митингот во Феникс, Аризона, каде Републиканската партија демонстрираше единство.

Трамп им вети на своите приврзаници дека неговиот „тим од соништата“ во кабинетот ќе доведе до процут во економијата, ќе ги затвори американските граници и брзо ќе стави крај на војните на Блискиот Исток и во Украина.

„Можам гордо да прогласам дека златното доба на Америка е тука“, рече Трамп. „Владее дух кој го немавме пред кратко време“, оцени тој.

Доналд Трамп тврди дека на бродовите во Панамскиот канал им се наплаќаат „неверојатно високи такси“Фотографија: Evan Vucci/AP Photo/picture alliance

Трамп беше главен учесник на четиридневниот собир кој привлече повеќе од 20.000 активисти да прикажат слика на републиканското единство. Таквото единство беше демонстрирано и покрај минатонеделните превирања во Вашингтон и во самиот Конгрес, каде републиканците усвоија двопартиски договор за буџетот и покрај изразените противења за Трамп и неговиот сојузник, милијардерот Илон Маск.

Во своето обраќање во Феникс, Трамп не ја спомна вистинската драма во Конгресот, но се осврна на растечката моќ на Илон Маск. На навестувањата дека му го препушта претседателството на Илон, Трамп рече: „Не, не, тоа нема да се случи, тој нема да биде претседател“.

Тој во својот говор меѓу главните проблеми кои го мачат го спомена и Панамскиот канал.

„Тие ни ги крадат парите кај Панамскиот канал“, рече Трамп и изрази жалење што САД „глупаво ѝ ги дадоа на Панама“.

САД го изградија каналот во раните 1990-ти години, додека гледаа како да се олесни транзитот на трговски и воени бродови. Вашингтон ѝ ја предаде контролата на тој воден пат на Панама на 31 декември 1999 година, според договорот потпишан во 1977 година од тогашниот претседател Џими Картер.

Трамп изјави дека доколку не се следат „морални и правни принципи“ на тој дарежлив американски гест, тогаш неговата администрација ќе бара Панамскиот канал да им се врати на САД „целосно, брзо и несомнено“.

Набрзо по изјавата на Трамп, панамскиот претседател Мулино објави видео на социјалните мрежи во кое рече дека „секој квадратен метар од каналот ѝ припаѓа на Панама и ќе продолжи да ѝ припаѓа“.

„Ќе видиме за тоа“, одговори Трамп на социјалните мрежи, и објави слика од американското знаме среде зоната на каналот со реченицата „Добредојдовте во Каналот САД“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми