1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израел: Дали Нетанјаху само игра на време?

дпа | афп | АРД | СН
28 март 2023

Израелскиот премиер привремено ја стопираше контроверзната судска реформа на неговата влада. Но, проектот останува на маса. Опозицијата и демонстрантите немаат доверба во објавата на Бенјамин Нетанјаху.

Бенјамин Нетанјаху: Се наоѓаме во криза која го загрозува нашето единство
Бенјамин Нетанјаху: Се наоѓаме во криза која го загрозува нашето единствоФотографија: Ronen Zvulun/REUTERS

Бенјамин Нетанјаху го смалува темпото. Многумина во Израел ја чекаа оваа вест. Повторно десетици илјади луѓе излегоа на улиците во текот на вчерашниот ден (27.03.2023) и вечерта за да протестираат против спорната реформа во судството.

Протестите кои траат со месеци, повторно се заострија, бидејќи еден ден претходно Нетанјаху го разреши министерот за одбрана Јоав Галант кој побара стопирање на реформите. Освен тоа, владината коалиција всушност оваа недела пред парламентарната пауза планираше да усвои одлучувачки делови од реформата на пленарната седница на Кнесетот. Нетанјаху дури вечерта ја даде својата изјава и говореше за криза „Доколку постои можност да се спречи граѓанска војна преку дијалог, тогаш како премиер ќе одвојам време за дијалог“, рече Нетанјаху. Во исто време, сепак, тој јасно стави до знаење: „Опстојуваме  на неопходноста да се направат корекции на правниот систем и да се даде можност истите да се постигнат со широк консензус. И од таа национална одговорност, решив да го прекинам второто и третото читање на законодавниот пакет“, изјави израелскиот премиер.

Со недели Израел има масовни протести против планираните реформи во судствотоФотографија: Ammar Awad/REUTERS

Опозицијата реагира ладно

Изјавата на Нетанјаху и натаму не кажува дали ќе има и суштински отстапки во реформата - или  Нетанјаху само игра на време. Тој најави дека ќе бара разговори со опозицијата за да обезбеди поголемо прифаќање за реформата. Но, и во минатото честопати имаше најави од ваков вид. Министерот за правда Левин е цитиран во израелските медиуми како вели: „Мораме да бидеме паметни - реформата ќе ја завршиме подоцна.“ Со оглед на сето ова, опозицискиот лидер Јаир Лапид реагираше ладно:

„Ако Нетанјаху се обиде да не` измами, тој повторно ќе најде многу патриотски Израелци решени да се борат за нашата демократија. Од друга страна, ако владата е подготвена за вистински и фер дијалог, можеме да излеземе од оваа длабока дупка зајакнати и обединети и да го направиме ова значаен момент во нашите заеднички животи. Ова е најголемата криза во историјата на Израел. Должни сме заедно да ја решиме за да можеме заеднички да живееме овде“, порача Лапид.

Екстремно-десничарскиот министер Бен-Гвир се заканува со оставка

За првпат во 13-те долги недели на протести во земјата, владата ги изнесе на улиците поддржувачите на реформите. Во Ерусалим пред нив, меѓу другите, се обрати и Итамар Бен-Гвир, екстремно-десничарскиот министер за национална безбедност. Тој му се закани на Бенјамин Нетанјаху со оставка. Исто така, бидејќи беа неопходни дополнителни преговори со него, на изјавата на Нетанјаху се чекаше подолго од најавеното.

„На состанокот на лидерите на партиите во владината коалиција, одлучив да ја напуштам коалицијата бидејќи бев и сѐ уште сум на ставот дека реформата треба да се гласа денеска. Не смееме да капитулираме пред анархистите. Тогаш сфатив: Им подарувам победа ако излезам од коалицијата. Но, тие нема да победат! Нема да победат! Ќе останеме во коалицијата и ќе бараме реформа“.

Кризно расположение во владата: министерот за национална безбедност Итамар Бен-ГвирФотографија: Maya Alerruzzo/AP/picture alliance

Бен-Гвир може да се чувствува како еден од победниците. Затоа што сѐ уште е можно реформите во судството да се усвијат според планираното. И бидејќи се согласи на одложувањето, Бен-Гвир добива многу пари за да формира национална гарда под негово водство. Во последниве недели тој повика на поостри мерки против демонстрантите и исто така е за тврда линија кон Палестинците на окупираните територии.

Нејасни се натамошните чекори

Дали масовните протести ќе изгубат замав сè уште не е предвидливо и ќе зависи од следните чекори. Вечерта, претседателот Исак Херцог разговараше за ова, меѓу другите, со Бенјамин Нетанјаху и со Јаир Лапид. Подоцна вечерта имаше блокади на патишта и изолирани судири меѓу антивладините демонстранти и полицијата. Организаторите на противниците на реформата претходно најавија дека ќе продолжат да излегуваат на улица - додека целосно не се прекине законодавниот процес.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми