Србија: Дали власта употребила звучно оружје на протестот?
19 март 2025
Стотици илјади граѓани маршираа низ Белград во саботата (15.03) на најголемиот студентски протест досега. Претежно мирниот собир влезе во седмиот час, а студентите ги повикаа граѓаните на 15 минути молк за 15-те сограѓани кои загинаа при уривање на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.
Граѓаните со своите телефони ги осветлија белградските улици и сè се стиши. И тогаш, точно во 19 часот и 11 минути, почна паника, почна врева и луѓето почнаа да бегаат. Студентите од главната бина потсетија дека 15-те минути молк сè уште траат, не знаејќи од каде доаѓа вревата. Снимките кои граѓаните ги споделуваат на социјалните мрежи покажуваат како група луѓе на одредени места одеднаш се дели на две страни. На други снимки се гледа како луѓето трчаат во паника како некој да ги брка.
„Се слушна луд татнеж, како да доаѓа млазен авион. Но, не можам ни да кажам дека беше заглушувачки гласно, туку некако заканувачки, од далечина“, вели Мирослав Лукиќ за ДВ.
„Звучеше како авион да слетува од правец на зградата на Претседателството“, додава Душан Симин.
„Имав впечаток дека доаѓаат огромни оклопни возила“, вели Бојана Милановиќ.
„Сè изгледаше како некаков невидлив бран кој нѐ раздели лево и десно. Окото не виде ништо, но телото почувствува силен напад на паника и дезориентација“, вели Јелена Ристановиќ.
Паника, стампедо, немир
ДВ разговараше со десетина граѓани кои таа вечер се најдоа на централните градски улици Теразие и Крал Милан. Сите тие опишуваат слично искуство - необична, краткотрајна бучава и вибрации кои ги натерале да помислат дека опасноста се приближува.
„Не можевме да побегнеме од тоа - не знаевме што да правиме. Не знаеш дали нешто ќе ти падне на глава или ќе те удри од страна“, рече Симин. „Паѓавме еден преку друг. Мојата сопруга удри со глава во бандера. Ја гледав, но не можев да ѝ помогнам. Сѐ уште се чувствуваме вознемирено".
„Во моментот на нападот инстинктивно ја кренав качулката од јакната. Нозете ми се тресеа некое време“, вели Ристановиќ.
„Бев многу исплашен и побегнав околу 20-30 метри. Кога човекот до мене почна да вреска: не можат сите да нѐ убијат, се прибрав и почнав да гледам што се случува“, вели Лукиќ.
„Не знаев каде да се сокријам, а имав впечаток дека некој нѐ брка. Кога застанавме и видовме дека никаде нема ништо, се погледнавме и се запрашавме што се случи", додава Милановиќ.
Дали државата употреби звучен топ?
Прашањето „што се случи“ го поставува целата јавност во Србија. Експертот за оружје Александар Радиќ меѓу првите излезе со тезата дека против демонстрантите бил употребен таканаречен „звучен топ“.
„Реакциите на луѓето покажуваат дека се погодени од инфразвук. Голем број луѓе имаат пореметувања кои се карактеристични за таква ситуација. И еден индиректен доказ е фактот дека на поддржувачите на властите собрани во Пионирскиот парк на секој им беше даден чадор кој обезбедува заштита од ниски фреквенции“, вели Радиќ за ДВ.
Со оваа теорија се согласува и Зоран Максимовиќ, професор на Факултетот за драмски уметности кој предава неколку предмети поврзани со звукот.
„Тоа е во основа обичен звучник, само специјално дизајниран да биде насочен и многу гласен. Има многу долг домет, и до неколку километри“, објаснува Маскимовиќ за ДВ.
Тој вели дека преку тој звучник може да се репродуцира музика, говор, па дури и некој звучен ефект како авион при полетување, или некој специфично генериран сигнал за фреквенција, што се претпоставува дека е случај во ситуацијта.
Експерти од меѓународната организација Иаршот (Earshot), пак, тврдат дека од снимките кои им ги доставила организацијата ЦРТА, ја утврдиле бучавата која ја произведува Вортекс ринг ган (Vortex Ring Gun) или Вортекс канон (Vortex Cannon). Ова оружје, објаснуваат тие, истиснува гас од цилиндерот со голема брзина, создавајќи бучава која потсетува на млазен мотор.
Максимовиќ, пак, се сомнева во оваа теорија бидејќи, како што вели, тој уред е гломазен, за разлика од „звучниот топ“ кој има различни модели и може да го управува дури и едно лице.
Законски или не?
Александар Радиќ ја поткрепува својата теорија со тврдењата на компанијата дека Србија купила звучен топ од американската компанија Џенезис во 2022 година.
„Беше продаден од американската држава на компанија од Израел, а таа израелска компанија го продаде на приватна компанија од Србија, која го продаде на јавното претпријатие одговорно за купување стратешки средства Југоимпорт“, тврди Радиќ во интервјуто за ДВ. Тој вели дека постојат и писмени докази за тоа, но таа документација е доверлива.
Дали тогаш власта смеела да употреби такви средства против демонстрантите? Радиќ тврди дека не, затоа што не е на списокот на средства наменети за контрола на толпа што е утврден со Законот за внатрешни работи. Државата, вели тој, се обидела да иницира измени на тој закон во 2022 година, но тие не биле усвоени.
„Но, вистинскиот проблем со законитоста е што немало претходно предупредување и немало причина да се користи такво средство. Бидејќи, треба да се јавите, да дадете предупредување дека ќе се користи средство, пред да примените полициски овластувања. А, друг проблем е фактот што тоа средство се применило во момент кога луѓето мирувале“, објаснува Радиќ.
Вучиќ одговара: „Лажете“
Сите институции во моментов негираат употреба на какво било звучно оружје. Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека српската војска и Одредот на воената полиција „Кобра“ немаат звучен топ.
Тој најавува дека ќе спроведе истрага за оние кои, како што тврди, ширеле невистини за тоа и ја обвинуваат организацијата ЦРТА и Иаршот дека лажат.
„ЦРТА е невладина организација финансирана во значителен дел од британски, американски, швајцарски, шведски и други извори“, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил. „Србија нема да ја победите со лаги, нема да дозволиме да се извлечете со звучната топовска лага.
Премиерот во оставка рече дека државата е подготвена официјално да ги покани ФБИ и ФСБ да дојдат во Србија и да ги проверат сите наводи и факти во врска со употребата на звучно оружје. Паралелно со ова, провладините медиуми објавија анализа на безбедносните служби дека стампедото е иницирано од студентска полиција. Студентите ги негираат таквите теории.
Граѓаните бараат лекарска помош
Во меѓувреме, граѓаните продолжуваат со опсада на здравствените установи барајќи помош за тегобите кои сѐ уште ги чувствуваат.
„Отидов на лекар во неделата бидејќи се чувствував малаксаност и немир. Другите луѓе во чекалницата велеа дека имаат вртоглавици, тешко дишат и имаат забрзан пулс, а многумина и зуење во ушите и проблеми со слухот“, вели Бојана Милановиќ за ДВ.
Во медиумите се појавија информации дека поради поплаки на граѓаните за нивните проблеми, полицијата ги посетила здравствените домови, земала изјави и ја фотографирала медицинската документација. Двајца лекари за ДВ потврдија дека полицијата била присутна, но дека не знаеле точно што прават бидејќи биле зафатени со пациентите.
Сопругата на Душан Симин, која во метежот удрила со глава во столб, добила лекови и упат за психијатар, додека тој планира правна постапка. „Ќе бараме правда бидејќи она што го направија – што и да е – навистина не е нормално“, заклучува Симин.