1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контроверзен проект во срцето на Белград

7 ноември 2025

Српскиот парламент изгласа забрзано уривање на зградата на Генералштабот во Белград за изградба на хотел поддржан од семејството Трамп. Проектот предизвикува поделени реакции, истраги и протести.

Зградата на Министерството за одбрана во Белград, март 2023 година
Зградата на Министерството за одбрана во Белград беше погодена за време на бомбардирањето во 1999 годинаФотографија: ANDREJ ISAKOVIC/AFP/Getty Images

Луксузен хотел место армиска зграда

Парламентот на Србија во петокот изгласа посебен закон за забрзано уривање на разурнатата зграда на Генералштабот на Југословенската армија, лоцирана во центарот на Белград. На оваа локација е планиран луксузен хотел поддржан од Џеред Кушнер, зетот на Доналд Трамп.

Проектот за хотел на семејството Трамп во Србија отвора прашања за културна заштита, политичко влијание и јавен интерес. Додека властите го промовираат како инвестиција, јавноста останува поделена.

Историска и културна вредност на зградата

Зградата, делумно уништена во НАТО-бомбардирањето во 1999 година, има значајна културна и меморијална вредност. Архитекти и експерти за културно наследство предупредуваат дека уривањето е опасен преседан. 

Јавноста е поделена околу плановите поврзани со инвестициската фирма на Кушнер со седиште во Мајами — Афинити Партнерс, која има намера локацијата да ја претвори во облакодер-хотел.

„Оваа зграда е архитектонско ремек-дело и треба да остане во јавна употреба како споменик на жртвите“, рече архитектот Миљан Салата.

Ќе се урива армиската зграда за да се гради луксузен хотел поддржан од Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп.Фотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Martinez Monisvais

Инвестиција и политичка поддршка

Афинити Партнерс, инвестициската фирма на Кушнер, потпиша договор за закуп на земјиштето на 99 години со српската влада. Претседателот Александар Вучиќ го поддржува проектот и неколку пати го има угостено Кушнер во Белград.

Еден од партнерите во проектот е компанијата Игл Хилс од Обединетите Арапски Емирати, која претходно беше поврзана со контроверзната реконструкција на белградскиот кеј.

Поделени реакции и истраги

Проектот беше стопиран во мај поради сомневања за фалсификувани документи за укинување на заштитата на зградата. Истрагите сè уште траат. Но, со посебен закон реконструкцијата е прогласена за итна, што ги обврзува државните институции да издаваат дозволи и одобренија без одлагање.

Пратениците го подржаа предлогот со 130 гласа „за“ и 40 „против“, класифицирајќи го проектот како „итен“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ го поддржува проектот и неколку пати го има угостено Кушнер во Белград.Фотографија: OLIVER BUNIC/AFP/Getty Images

Протести и јавна реакција

Вучиќ веќе е под притисок поради последиците од смртоносната несреќа на новообновената железничка станица минатата година, за која многумина ја обвинија коруптивната власт. Мала група демонстранти се собраа пред парламентот за време на гласањето, давајќи и поддршка на мајката на една од жртвите од несреќата во Нови Сад, која штрајкува со глад. Таа бара одговорност за смртта на нејзиниот син и за уште 15 лица кои загинаа во трагедијата. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми