1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ и Курти во Охрид постигнале делумен договор

БГ
19 март 2023

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел изјави во Охрид дека Србија и Косово по 12 часа преговори постигнале согласност за имплементација на договорот за патот кон нормализација на односите на двете земји.

Serbiens Präsident Aleksandar Vucic und Premierminister Albin Kurti
Фотографија: Johanna Geron/REUTERS

Косово и Србија направија уште еден чекор кон нормализација на односите на маратонските преговори кои во саботата се одржаа во Охрид. Договорено е формирање на Заедницата на српски општини во Косово, но не е постигнат договор за прифаќање на приемот на Косово во ОН.

„Конечно по 12 часа имаме договор како да се спроведе договорот кој Србија и Косово го постигнаа на 27 февруари во Брисел“, изјави Борел пред новинарите во Охрид. Додаде дека не станува збор само за Косово и Србија, туку и за мирот, безбедноста и напредокот на целиот регион. 

„Косово и Србија мора да ги нормализираат односите, нема друг пат“, рече Борел. 

Вучиќ: Делумен договор 

Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека на преговорите со  косовскиот премиер Албин Курти е постигнат договор за неколку точки околу примената на  договорот за патот кон нормализација на односите. 

„Постигнавме некаков договор, ова нема да биде сѐ, овие неколку точки кои ги договоривме ќе станат дел од преговарачката рамка за двете страни. Во процесот кој е долг и сериозен, Европскиот совет ќе проценува колку кој сторил од имплементацискиот план кој ќе мора да биде проширен, иако мене не би ми пречело да остане ваков“, рече Вучиќ. 

Вучиќ рече дека на состанокот „не потпишал ништо“ и оцени дека за Белград е многу значајно што „како приоритетна обврска е ставено формирањето на Заедница на српските општини (ЗСО), и тоа во согласност со претходно постигнатиот договор во рамките на дијалогот“.

Борел исто така потврди дека е договорено Приштина веднаш да започне со формирањето на ЗСО.

Вучиќ рече дека е задоволен од исходот на разговорите, и најави дека останува во следните месеци да се договорат и другите спорни точки. 

Косовскиот премиер Курти потврди дека е постигната спогодба за имплементација на договорот, но го критикуваше Вучиќ дека одбил да го потпише договорот.

„Другата страна бега од потпишување на договорот…сега со анекс. Останува на Европската унија да најде механизам статусот на овој договор да го направи правно обврзувачки“, рече Курти.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми