1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија и Косово: Зошто врие на Западен Балкан

Оливер Сос/ АРД
28 декември 2022

Долго се чинеше дека меѓу Србија и Косово може да дојде до приближување. Но, во моментов фронтовите се зацврстени, српската армија е во состојба на зголемена готовност. Како дојде до таму? Анализа на АРД

Барикади со товарни возила во Митовица, Косово
Барикади со товарни возила во Митовица, КосовоФотографија: Bojan Slavkovic/AP/picture alliance

Зборовите на српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ звучеа заканувачки, како конфликтот меѓу Србија и Косово да е блиску до тоа да прерасне во војна: „5.000 војници од специјалните сили на српската армија се ставени во борбена готовност. До крајот на 2023 година сите се спремни за акција. Тие ќе бидат нашата најсилна тупаница и ќе ги распарчат најлошите цели на оние кои не ја сакаат нашата земја“, изјави Вучевиќ при посета на српските трупи во граничната област кон Косово.

Ова е едно од највисоките нивоа на ескалација на ситуацијата во последните години, иако и натаму е неверојатно дека српските сили ќе ја преминат границата со Косово. Зашто, таму се 3500 војници на мировата мисија КФОР на НАТО, кои се грижат за безбедноста. Затоа, и српскиот претседател Александар Вучиќдосега го избегнува зборот „напад“. Наместо тоа, збоува за дефанзивна мерка: „Ние правиме сѐ за да ги сочуваме мирот и стабилноста. Но, откако Албанците се вооружија и настапуваат против нашиот народ, ќе направиме сѐ за да ги заштитиме Србите во северно Косово“, изјави Вучиќ во понеделникот во видео клип на својот Инстаграм профил.

Српскиот претседател е револтиран

Српскиот претседател во меѓувреме го користи секој инцидент за револтирано да се обрати кон својот народ и да се претстави како заштитник на косовските Срби. Вучиќ настапува на телевизија, заедно со лица кои од негов аспект се шиканирани од страна на централната влада во Приштина, доминирана од Албанци. Така, Вучиќ настапи заедно со поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфирије, кој е и Пеќски архиепископ. Патријархот Порфирије оваа недела планирал посета на своето седиште во Пеќ, во Косово, но косовските граничари му забраниле влез. Вучиќ се прикажа во јавност и со една косовско српска винарска фамилија, чие вино било запленето и уништено. Косовската полиција го запленила виното поради неплатени даночни долгови на фамилијата.

Српскиот претседател Александар Вучиќ со тешки обвинувања на сметка на косовската владаФотографија: Milos Miskov/AA/picture alliance

Барикади од попречно поставени товарни возила

Во последниве денови имаше уште цела редица други, многу поексплозивни приказни. Во претежно српски населениот север на Косово многу граѓани се дигнати на бунт. На почетокот на оваа недела тие подигнаа две барикади во поделениот град Митровица со попречно поставени товарни возила. Блокираа и мост на периферијата на градот. Од пред две ипол недели вакви барикади има на сите поважни патишта во северот, таму на новинарите фрлаат со камења и петарди.

Косовската полиција ги затвори двата гранични премини меѓу Србија и северно Косово. Во вторникот околу 20 Срби со товарни возила и трактори го блокираа важниот граничен премин Мердаре кај Приштина, кој освен Срби, го користат и многубројни Албанци за да ги поминат празниците во други европски земји.

Најмалку два случаи на пукотници

Откако се подигнати барикадите, имало пукотници во најмалку два наврати. Во првиот, во близина на патрола на КФОР, а во вториот маскирани лица влегле во престрелка со албанската полиција. Во северно Косово во меѓувреме нема српски полицајци, зашто сите српски службеници во знак на протест ја напуштија својата служба. Еден албански полицаец во пукање е ранет со куршум во рамото. Уапсен е поранешен српски полицаец, осомничен за предводење разбојничка група. Уапсен е и друг Србин поради обвинение за напади врз полицајци, како и еден екс српски полицаец поради сомнение за извршени воени злосторства во косовската војна. Апсењата пак во Белград предизвикаа гнев и беа повод за обраќање на претседателот, во кое тој се пожали на бесрамноста на косовската влада и на нејзини незаконски постапки. Косовскиот премиер Албин Курти ги отфрли обвинувањата за самоволноста на апсењата и нивната намерна насоченост против српскиот етнитет. Тој го обвини Вучиќ дека користи „криминални банди“ во северно Косово и го подбуцнува српското население заради дестабилизација на ситуацијата.

Сѐ започна со спор околу регистарски таблички

Но, како се случи ситуацијата да зоврие до тој степен за толку кратко време? Повод бешеспорот околу регистарските таблички. Косовската влада сакаше да ги принуди Србите во северниот дел од Косово да ги заменат регистарските српски таблички на нивните автомобили со косовски, со цел да има целосна контрола над сообраќајот во државата и да наплаќа данок за возилата. По преговорите во Брисел околу овој спор во ноември, кој заврши во корист на Србите, се отвори нова кавга. Србите инсистираат на реализација на пред десет години донесената одлука во Брисел за фрмирање Српска заедница на општини во Косово, што косовската влада го одбива, како причина наведувајќи дека е во спротивност со уставот. Зад тоа се крие всушност страв дека Србите би добиле премногу моќ, дека би ја блокирале политиката во земјата и во Косово би можело да настане еден вид Репубика Српска, како онаа во Босна и Херцеговина. Во Косово во северниот делпостојат четири српски општини и шест српски енклави во претежно албански доминираниот југ, кои не учествуваат во бунтот.

Косово сака да се приклучи на ЕУ

Уште во ноември, за Косово постоеше надеж. По завршувањето на спорот околу регистарските таблички, се зборуваше за натамошни преговори со изгледи за успех. Косово сака да стане кандидат за членка на ЕУ, а Србија, која ЕУ-кандидатски  статус има десет години, без оглед на блискоста со Русија, и натаму ја држи отворена опцијата за влез во Унијата.ЕУ на српската и на косовската владаим достави т.н. „германско-француски предлог“ за нормализирање на меѓусебните односи. Тој предвидуваСрбија да не биде принуденада го признае Косово за независна држава. Но, Белград мора да прифати Косово автономно да ја извршува власта на својата државна територија. Но, овие обиди за приближување, по низата инциденти во последните недели, се чини дека се најдоа на голема далечина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми