1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какви ќе бидат „новите“ односи меѓу Србија и САД?

14 јануари 2025

Како што се приближува почетокот на вториот мандат на Доналд Трамп како претседател на САД, властите во Србија очекуваат значително подобрување на односите меѓу двете земји. Колку се оправдани овие очекувања?

Белград плакат таблоид Информер Доналд Трамп
Таблоидот Информер беше посебно задоволен од победата на Доналд Трамп на изборите во ноември, 2024 годинаФотографија: Ivica Petrovic/DW

„Нова ера во односите меѓу Србија и САД!“ Ова беа насловите со кои српскиот печат ја поздрави веста за изборот на Доналд Трамп за претседател на САД минатата година.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на Инстаграм објави дека во телефонски разговор со новоизбраниот претседател Трамп истакнал дека Србија е земјата каде поддршката за Трамп е најголема во цела Европа.

„Сигурен сум дека ќе ја направиме - тој Америка голема, а ние ќе можеме да ја направиме Србија пристојна земја и земја која ќе може многу добро да соработува со САД“, рече Вучиќ.

На само десет дена пред инаугурацијата, на викендот во Србија престојуваше американскиот заменик државен секретар Ричард Верма со цел Србија и САД да започнат стратешки дијалог и со тоа да ги подигнат односите на повисоко ниво.

„Кога Америка воспоставува стратешки дијалог со една земја, тоа значи дека ја гледа како сигурен партнер и сојузник“, вели за ДВ Вук Велебит од Пупинската иницијатива, организација која работи на зајакнување на односите меѓу Србија и САД.

„Србија досега имаше стратешки договори со Кина, Русија и секако посебен однос со Европската унија. А четвртиот столб на надворешната политика е Америка, а Србија со потпишувањето на овој стратешки дијалог ќе го постигне тоа и со Вашингтон. Тоа значи дека односите со Кина и со Русија ќе постојат, но нивните влијанија ќе бидат избалансирани со посебниот однос со Америка“, објаснува Велебит.

Соработка или санкции?

Сето ова, меѓутоа, доаѓа во време кога претседателот Вучиќ најнапред објави дека добил информација дека САД ќе воведат санкции за нафтената индустрија на Србија (НИС), која е во мнозинска сопственост на руска државна компанија. „Ова нѐ става во многу тешка позиција бидејќи по одредено време, не само со снабдувањето со нафта, ќе имаме проблеми со рафинеријата, петрохемијата, суштински со опстанокот на економијата која ја имаме денес“, рече Вучиќ.

Во својата последна изјава за ова прашање, тој рече дека Белград има рок до 25 февруари Русите целосно да излезат од сопственост на НИС. Санкциите конечно беа потврдени од Министерството за финансии на САД.

Така завршија шпекулациите дали најавата за санкции е можеби само димна завеса на Вучиќ. Не е. За соговорниците на ДВ, ова изгледа како добра можност властите во Белград да се заложат за промена на сопственоста на НИС.

„Мислам дека од српска страна постои желба да се коригира штетната продажба на НИС, која беше продадена под пазарната цена, што нѐ направи целосно зависни од Русија во енергетскиот сектор“, вели Велебит.

„Не е добро да се биде зависен од ниту еден партнер и за Србија од најголема важност е да ја врати контролата, но и да го диверзифицира енергетскиот сектор. САД и американските компании тука би можеле да бидат сигурен партнер“, вели Велебит.

Крај на руската сопственост над НИС?Фотографија: Oliver Bunic/AFP/Getty Images

Таквото сценарио целосно одговара на аспирациите на американската администрација, чиј фокус беше токму енергетската диверзификација на регионот и оддалечувањето од Русија.

„Да не заборавиме дека и Вашингтонскиот договор кој Трамп го потпиша со Вучиќ во 2020 година имаше одредби за ова“, потсетува Вуксановиќ.

Големи очекувања од новата администрација

Еуфоријата околу враќањето на Трамп на американското претседателство е највидлива во провладините таблоиди, кои на своите насловни страници најавуваат големо демонтирање на глобализмот.

Со нив се согласува и претседателот Александар Вучиќ, кој вели дека верува во Доналд Трамп и го нарекува лидер на ерата.

„Доналд Трамп подготвува 200 акти кои ќе ги донесе првиот или вториот ден по доаѓањето на власт. Кога ќе го донесе тоа, ќе се урне целиот систем на лажниот либерален свет кој постоеше, во кој постоеја нивни слуги кои беа соодветни и добри, а сите други се зли и лоши“, рече Вучиќ.

Но, освен „борбата против глобалистите“ која ги радува српските функционери, со враќањето на републиканците расте и надежта дека САД би можеле да бидат повеќе наклонети кон Србија во процесот на дијалогот со Косово.

„Српската влада сигурно не верува дека администрацијата на Трамп ќе го промени својот став кон Косово, но верува дека за прашањата како што се економската положба на Србите во северно Косово и заштитата на спомениците и верските објекти во Косово, тие би можеле да добијат подобра спогодба со администрацијата на Трамп“, објаснува Вуксановиќ.

„Но, клучно прашање е сега дали тој капитал навистина ќе се потроши на нешто друго – во обидот да се обезбеди поддршка од администрацијата на Трамп за режимот во време кога тој се соочува со својот најсериозен проблем, а тоа се студентските демонстрации“, додава соговорникот на ДВ. 

Потпишување на Вашингтонскиот договор за време на првиот претседателски мандат на Трамп во септември 2020 годинаФотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Vucci

Дали надежите се основани?

Дали големите очекувања на Србија се основани? Делумно да, се согласуваат аналитичарите, бидејќи односите меѓу САД и Србија со години се во нагорна траекторија - од администрацијата на Трамп до администрацијата на Бајден.

„Власта во Белград направи три инвестиции во партнерство со идната администрација на Трамп, а тоа се: односот со Ричард Гренел, зградата на Генералштабот и испораката на муниција во Израел со цел да се врати пристапот до израелското лоби и да се добие пристап до Белата куќа“, потсетува Вуксановиќ. 

Ричард Гренел беше специјален пратеник за преговорите меѓу Србија и Косово и чест гостин на Белград. Во 2023 година, претседателот Вучиќ му го врачи Орденот со српското знаме од прв ред, за истакнати заслуги во развојот и зајакнувањето на мирната соработка и пријателските односи меѓу Република Србија и САД.

Претседателот Вучиќ (д.) му врачи на Ричард Гренел (л.) Орден на српското знаме во 2023 годинаФотографија: Darko Vojinovic/dpa/picture alliance

Освен тоа, Доналд Трамп Помладиот го посети Белград во септември за да разговара за потенцијалните инвестиции со група бизнисмени од Србија, а и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, има деловни потфати во Белград.

Србија потпиша договор со компанијата на Кушнер за ревитализација на комплексот на Генералштабот, чии делови беа уништени во бомбардирањето на НАТО во 1999 година.

На местото на урнатините се планира изградба на две високи згради со станови и хотели, иако од објектот не е отстранета заштитата на културното богатство.

Договорот сѐ уште не е објавен, а Њујорк Тајмс пишува дека инвестицијата е вредна 500 милиони долари и дека Србија, според предлогот, треба да добие 22 отсто од профитот. Србија, наводно, го изнајмила земјиштето за комплексот на 99 години.

Од друга страна, потпишувањето на договор за стратешка соработка може да биде зелено светло за американските инвеститори и показател дека Србија е земја која е безбедна за инвестиции, забележува Велебит. Тој посочува и дека Америка е најголемиот трговски партнер на Србија во доменот на ИТ услугите и смета дека новата администрација ќе има уште повеќе слух за бизнис соработка.

Тој е уверен дека администрацијата на Трамп повеќе ќе се фокусира на Источна, а не на Западна Европа. „Ќе им биде важно да го ограничат руското влијание, но и да го зауздаат турското влијание. И затоа односот на Америка со Полска, Словачка, Унгарија и со Србија ќе биде многу важен“, оценува Велебит.

Дали тоа значи дека и Србија би можела целосно да го промени својот курс кон Запад?

„Западот секогаш имал мнозински удел, имал повеќе акции и во Србија и на Балканот отколку Русија и Кина. Но, верувам дека од сите западни партнери за Белград најважни ќе бидат Соединетите Држави, сѐ додека Трамп е тука. А главната тензија во односите со Трамп и администрацијата нема да дојде ни поради Косово, ни поради Русија, туку поради односот со Кина“, заклучува Вуксановиќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми