Србија - најголем увозник на оружје на Западниот Балкан
10 март 2026
Во последните пет години, Србија увезе најмногу сложено оружје во регионот на Западен Балкан, покажуваат најновите податоци од Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ).
Иако и другите земји во регионот ги зголемија воените трошоци, разликата во обемот на набавки останува голема. Така, Србија е на 37-мо место во светот по увоз на сложени системи за оружје, пред некои членки на ЕУ во регионот, како Хрватска и Бугарија.
„Зголемувањето на инвестициите во одбраната е забележано најмногу и најдолго време во Србија, каде што во текот на последната деценија имаше притисок за обновување на вооружувањето наследено од ЈНА, а политичкото раководство во ова ја препозна и политичко-симболичната вредност. Тензиите со Косово веројатно дополнително го поттикнаа размислувањето дека посилниот арсенал е добар адут во преговорите со меѓународните актери“, објаснува за ДВ истражувачката на СИПРИ, Катарина Ѓокиќ.
Вучиќ: Удвојување на воени капацитети
Заедно со најголемиот обем на увоз на оружје, Србија има и најголеми трошоци за одбрана во регионот. Во периодот од 2020 до 2024 година, реалната вредност на воениот буџет беше околу шест пати поголема од буџетот на Албанија, која е втор најголем потрошувач во Западен Балкан.
Српскиот претседател Александар Вучиќ неодамна најави дека земјата ќе го удвои својот воен капацитет во наредната година и пол.
За воениот аналитичар Александар Радиќ, ова не е нов тренд. Тој потсетува дека поинтензивното вооружување започнало во 2016 година, кога, како што вели, Вучиќ го препознал потенцијалот кој набавките на оружје го имаат во политичка и економска смисла.
„Купувањето оружје често е водено од политички мотиви. Понекогаш се добива впечаток дека и самата армија е изненадена од она што го добива, бидејќи пред сè, се зема предвид од кого се купува, а не што се купува“, вели Радиќ. „На пример, ако Вучиќ отпатува во Пекинг, може да се очекува дека потоа ќе започнат преговори за набавка на воена опрема од Кина“, додава тој.
Добавувачи од целиот свет
Според податоците на СИПРИ, во последните пет години, Србија увезла сложени системи за оружје од 13 различни земји. Најголем снабдувач била Кина, првенствено благодарение на набавката на системи за воздушна одбрана со среден дострел, додека најголеми донации дошле од Русија и од Белорусија.
Сепак, таа структура наскоро би можела да се промени, вели истражувачката на СИПРИ, Катарина Ѓокиќ. Доколку веќе потпишаните договори се спроведат, Франција и Израел би можеле да станат главни добавувачи на Србија.
„За мене, оваа разновидност на добавувачи зборува за две работи: прво, Србија нема воен сојузник, и второ, има доволно пари и подготвеност да зема кредити за најскапите системи за оружје, што ја прави привлечен клиент за разни извозници“, вели Ѓокиќ за ДВ.
Турција и САД клучни партнери на другите земји во регионот
Другите земји од Западен Балкан бележат значително помал обем на увоз на оружје. Албанија е втора во регионот, но е дури на 103-то место во светот, со увоз кој, според проценката на СИПРИ, е околу шест пати помал од оној на Србија. Косово е на 118-то место, С. Македонија на 138-мо место, Босна и Херцеговина на 144-то место, а Црна Гора на 152-ро место меѓу вкупно 166 приматели на комплексно оружје во светот.
„Земјите од НАТО во регионот првенствено реагираа на притисоците од првиот мандат на Трамп за зголемување на воените трошоци и инвестициите во воена опрема. По инвазијата на Русија во Украина, може да се забележи дополнително зголемување на нарачките за оружје“, објаснува Ѓокиќ.
Во Босна и Херцеговина, сепак, трендот изгледа поинаку.
„Не гледаме значително зголемување на инвестициите во војската, но повеќе се инвестира во опремување на полицијата, што може да влијае на перцепцијата за закана меѓу двата ентитета, со оглед на начинот на кој е организирана полицијата“, додава таа.
Повеќето земји од Западен Балкан традиционално се потпираат на Соединетите Американски Држави и на Турција како главни добавувачи и донатори на воена опрема. Ваквите набавки често служат за зајакнување на политичките односи со сојузниците од НАТО.
„Со растот на планираните воени трошоци, регионот станува интересен пазар за други извозници на оружје, првенствено Франција, од која повеќе земји очекуваат испораки на разни системи“, вели Ѓокиќ. „А, билатералните односи меѓу Албанија и Италија се, исто така, интересни - Италија веќе донираше патролен брод на Албанија, а е одговорна и за испорака на лесни оклопни возила во наредниот период, финансирани од Европската Унија.“
Удирање во гради
Сепак, Катарина Ѓокиќ предупредува дека вкупниот обем на оружје купено во регионот сè уште останува релативно скромен во глобални рамки.
„Кога од нула набавки ќе дојдете неколку нови системи, тоа процентуално може да делува драматично. Во комбинација со воинствената реторика на политичките елити и сензационалистичкото известување, тоа создава чувство на несигурност кај соседите и често служи како оправдување за нови инвестиции во вооружувањето“, вели Ѓокиќ за ДВ.
Ваквата реторика е дополнително поттикната и од неодамна потпишаните договори за воена соработка - меѓу Србија и Унгарија, како и меѓу Хрватска, Албанија и Косово - кои политичките лидери често ги претставуваат како нови воени сојузи.
„Во Албанија, српската опаснос се преувеличува, исто како што во Србија политиката ја преувеличува опасноста од сите околу нас. Тоа е комбинација од политика и пропаганда што ги оправдува договорите за оружје. Хрватска сака посебна улога во регионот, особено во однос на Србија, додека другите земји генерално следат поширок регионален тренд“, оценува Радиќ.
И Радиќ и Ѓокиќ се согласуваат дека споменатите договори не можат да се сметаат за вистински воени сојузи.„Овие договори главно се однесуваат на обука, заеднички воени вежби и координација на активности кои во голема мера ионака би се одвивале во рамки на НАТО структурите“, објаснува Ѓокиќ.
Во такви околности, додава Ѓокиќ, НАТО останува клучен фактор за одвраќање во регионот, иако на неговата идна улога ќе влијае и пошироката динамика во рамки на самата алијанса.