1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Насилство околу шаторското утврдување на власта

Немања Рујевиќ
3 ноември 2025

Имаше уапсени и повредени лица, имаше камења и пиротехника… Бурната ноќ во Белград е проследена со меѓусебни обвинувања за тоа кој го започнал насилството. Претседателот Вучиќ ја напушти еднодневната помирувачка реторика

Демонстрантите и полициски кордони едни наспроти други на протестите пред Парламентот во Белград, 2.11.2025
Демонстрантите и полициски кордони едни наспроти други на протестите пред Парламентот во Белград, 2.11.2025Фотографија: Marko Djurica/REUTERS

Веќе беа раните часови меѓу недела и понеделник кога Министерството за внатрешни работи објави дека 37 лица се приведени заради немири пред српскиот парламент. Меѓу нив, според наводите во медиумите, е и кошаркарот Владимир Штимац. Хаотичните сцени започнаа кога Дијана Хрка, мајката на момче кое загина под настрешницата, сакаше да го почне најавениот штрајк со глад пред Парламентот на  Србија,  огорчена што сè уште не е разјаснето кој е одговорен за смртта на 16 лица пред една година. Но, на Хрка не ѝ беше дозволено да дојде пред Парламентот.

Дијана Хрка опкружена со воени ветерани на протестите пред Парламентот во БелградФотографија: Marko Drobnjakovic/AP/picture alliance

Меѓу влезот во зградата, каде што се наоѓа скулптурата на Мештровиќ „Коњот со врана“ и српското Претседателство, е поставена шаторска населба на поддржувачи на власта, позната како Чациленд. Неа српскиот претседател  Александар Вучиќ  ја доживува како тврдина и „симбол на слободата“. Тој насилните сцени ги опишува како „хистерија на блокаторите“ заради наводниот дебакл во Нови Сад, каде што наводно собрале помалку луѓе отколку што се очекувало. Тој посочи дека инструкциите за насилството биле добиени во американската амбасада. „Бидете попаметни“, им порача Вучиќ преку телевизијата Информер на поддржувачите и додаде „издржете, нека ве тепаат. Ве молам, обидете се да не возвраќате“. Со тоа ја напушти еднодневната помирувачка реторика кога пред  поменот во Нови Сад,  се извини за тешките зборови и повика на единство и дијалог.

Кои се тие што се судрија?

Тоа што претходно во неделата се случуваше е во спротивност со изјавата на претседателот. На стотици видеа се гледа како двете страни - демонстрантите кои дојдоа да ја поддржат Хрка и луѓето во шаторскиот камп - разменуваат камења и пиротехника. Еден шатор беше запален. Според Хрка, судирите започнале кога луѓето од Чациленд ги нападнале граѓаните. „Тие се свртеа кон нашиот народ, а еден од полицајците рече дека „вие сте виновни“, значи во старт почнаа да лажат“, изјави таа за Н1 и порача дека полицијата ќе биде виновна ако нешто им се случи на луѓето.

Министерството за внатрешни работи објави дека 37 лица се приведени заради немири пред српскиот парламентФотографија: Marko Drobnjakovic/AP/picture alliance

Кордоните на полициската бригада притоа биле свртени само кон граѓаните од надвор. Не се знае да е приведен било кој од  т.н. Чациленд.  Еден полицаец и една жена се полесно повредени во судирите. Вечерта, студентите во блокадата ги повикуваа граѓаните преку социјалните медиуми да се разотидат, тврдејќи дека Чациленд се полни со „вооружени“ типови. Сепак, набрзо ги повлекоа таквите објави. Наместо тоа, објавија дека Дијана Хрка не смее да остане сама. Тие повторија дека остануваат верни на „ненасилство како основна вредност на нашето движење“. Тоа се чинеше како еден вид оградување од „десантот на Чациленд“, за кој не е јасно кој го отпочна. Врз основа на снимките, се чини дека се дифузни групи на бесни граѓани. Некои пак ги обвинуваат властите за инсценирање на насилството, тврдење што претседателот Вучиќ го отфрла.

„Прогресивците  не прибегнуваат кон насилство  за да спинуваат дека блокаторите го предизвикале, туку спинуваат на кој начин блокаторите го предизвикале за да ја ублажат штетата што ја предизвика нивната употреба на насилство. А, насилството го користат за да спречат ненадејно губење на моќта“, пишува политикологот Ѓорѓе Трикош на мрежата X. Седум канцеларии на партијата СНС наводно биле нападнати ширум Србија. Критичарите на властите отпорот кон тоа Хрка, мајката која го загубила својот син, да дојде во Парламентот го гледаат како брцање прст во жива рана и еден вид обележување на територијата. Додека зборуваше пред медиумите, од шаторската населба трештеше „патриотска“ музика. Во бизарна имитација на своите критичари, властите овој пат го делегираа пратеникот на СНС, Угљеш Мрдиќ, кој наводно исто така штрајкува со глад - незадоволен од работата на обвинителството.

Најголемиот до сега собир во Нови Сад

И покрај тврдењата на Вучиќ за „дебакл“ во Нови Сад,  во градот ден претходно се одржа најголемиот собир до сега (1 ноември). Според податоци на Архивата за јавни собири, 110 илјади граѓани се собрале на пладне на едноминутно молчење за  жртвите од падот на настрешницата,  притоа не сметајќи ги оние кои сè уште биле заглавени во сообраќајниот метеж.

Масовна комеморација во Нови Сад на едногодишнината од трагедијата со падот на настрешницата , според организаторите, имало околу 100.000 луѓеФотографија: Iva Manojlović/DW

Собирот беше комеморативен, без многу политички пароли и „акции“. Но, студентите од таму сепак повикаа на понатамошен отпор. „Се гледаме утре и секој втор ден додека дојде правдата“, стоеше испишано на голем транспарент. Во понеделник наутро (3 ноември), Дијана Хрка го продолжи штрајкот со глад. Ноќта таа ја мина во мал шатор, не баш пред Собранието, туку на аголот со улицата Таковска. Со неа беа околу дваесет воени ветерани и други граѓани.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми