Србија пред избори: Референдум за Вучиќ?
9 септември 2026
Купувањето политичко време по уривањето на настрешницата во Нови Сад официјално завршува со денешното распишување на предвремени избори во Србија. Безброј мирни политички протести, блокади на факултети, протести на просветните работници, како и барања за одговорност за корупција, наидоа на зголемена репресија од властите. Барањата на студентите и бунтовното општество власта во Србија ги оценува како тероризам и уривање на уставниот поредок, а резултатот е распишување избори во атмосфера на закани, насилство, злоупотреба на институциите и практично распад на српската демократска фасада. Згора на тоа на избори се оди со власт која не направи ниту една отстапка - или поточно, со власт која не ги исполни ниту препораките на ОДИХР, ниту го почитува сопствениот Устав и закони.
Неизвесни избори?
Речиси две години мачни сцени беа потребни за Александар Вучиќ да распише избори, во време кога се проценува дека до некаде ја консолидирал својата позиција и рејтинг. Изборите ќе покажат колку монструозната медиумска кампања и судската и полициска репресија биле доволни за успех на претстојните избори. Во секој случај, српскиот претседател се чини дека не помислува на пораз, бидејќи веќе на големо се подготвува да прејде на премиерската позиција. И начинот на кој Александар Вучиќ ги организира изборите „и не делува чудно затоа што не верува дека може да ги изгуби“, оценува за ДВ, Филип Шварм, главен уредник на неделникот „Време“.
„Целата државна машинерија и јавните пари ќе бидат впрегнати во неговата кампања за да победи на изборите. Секое натамошно одложување на изборите не би било пожелно, бидејќи би се создал впечаток дека Вучиќ се чувствува слаб и несигурен, што пак би имало последици за неговите гласачи. Мора сепак да се има предвид дека дури ни самиот Вучиќ не го крие фактот оти ова се најнеизвесните избори откако е дојден на власт“, вели нашиот соговорник.
Вучиќ против бунтовното општество?
Политикологот Душко Радосављевиќ за ДВ проценува дека Вучиќ не помислува на пораз, „бидејќи си зацртал да ги украде изборите“. „Веројатно смета дека обезбедил сè што му е потребно за да не изгуби на изборите. Тој спаѓа во групата лидери кои не дозволуваат да бидат поразени на мирен и демократски начин. Гледаме и по карактерот на неговото владеење и узурпација на Уставот, законите и сите норми на однесување, но мислам дека неговата калкулација е погрешна, бидејќи до сега се бореше против слабо организирана и поделена опозиција, а сега од друга страна има бунтовно општество како свој противник“, вели Радосављевиќ. Слична проценка има и Шварм, кој наведува дека „Вучиќ едно време се обидуваше да брка бројки, но анкетите беа лоши за него и затоа мислам дека сега верува оти ќе ги добие изборите со други средства. Мислам на поткупување граѓани, пропаганден терор, употреба на бандити, злоупотреба на полицијата и безбедносно-информативната агенција (БИА) и ми се чини дека тоа е неговиот главен адут на овие избори“, забележува главниот уредник на „Време“.
Разголување на системот до крај
Политичките противници на власта ги дочекуваат изборите шаренолико. Парламентарната опозиција не успеа да се договори за заеднички пристап, а многумина затоа ѝ предвидуваат крах на овие избори. За најсериозен противник сега се смета Студентска листа, која акцент става на многу подобра контрола на изборите и висока излезност.
Колку е тоа доволно за успех ако предупредува дека изборните манипулации првенствено се случуваат пред изборите? Душко Радосављевиќ вели дека веројатно „контролата на изборите ќе биде подобра, но очекувам дека ќе дојде до голем број кризни ситуации на избирачките места кога некој нема да може да гласа од адреса на број 0 (нула). Тука мора да се реагира и ако обемот на потенцијална кражба е толку голем, мислам дека граѓаните ќе се спротивстават на тоа. Ако одлучи заради тоа да применува отворена диктатура, тогаш системот мора да се разоткрие до сржта“, смета Радосављевиќ.
„Напредњаците“ ја блокираат Србија
Високата излезност и масовноста се нешто што би можело да ги надмине лошите изборни услови, нагласува Филип Шварм и вели дека „суштината е дека ова ќе бидат референдумски избори и ако Вучиќ се обиде да ги украде изборите, не мислам дека ќе си помине добро. Точно е дека има полиција и тепачи и разни механизми, но тие не може да се користат низ целата земја. Исто така не е сигурно до кој степен изборите ќе ја решат политичката криза, бидејќи владејачката СНС се менува на полошо, а друг дел од граѓаните сака Србија да стане нормална и уредна држава. Факт е дека Србија не може да оди понатаму со напредњаците“, нагласува Шварм за ДВ.
ЕУ на тест
Ставот на ЕУ во Србија е важен дел од изборната калкулација. Опозицијата и побунетото општество до сега немаа многу симпатии за отвореното флертување на раководството на ЕУ со режимот во Србија, но таа перспектива се менува до некаде по погребот на Ратко Младиќ. Иако првичните изјави на европските претставници изгледаа како вообичаен млак одговор на радикалните провокации на Вучиќ, поостриот тон на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен можеби најавува малку поинакви чекори. Првиот тест би можел да биде поврзан со можна посета на Фон дер Лајен на Белград во октомври, што српската јавност, доколку дојде до тоа, веќе го смета за повеќе или помалку отворена поддршка за Вучиќ пред изборите. Српскиот претседател реагираше претпазливо на овие пораки и изјави дека „нема ништо лошо да каже за Фон дер Лајен и Антонио Кошта“ и дека „тие од секогаш биле на страната на Србија“. Душко Радосављевиќ забележува дека „Вучиќ останал на тие малку поддржувачи во рамките на ЕУ, но сепак мора да се нагласи дека во рамки на ЕУ постојат различни ставови и кон она што се случува во Србија и дека не сите земји се ентузијасти за лажната стабилност што ја нуди Вучиќ. Едноставно не може да зборувате за исполнување на некои демократски услови, а потоа да кажете дека тоа важи за некои земји, но не и за нашиот пријател Александар, бидејќи тој е во семејството на нашите партии“, заклучува Радосављевиќ за ДВ.