Србија: Што се случи пред парламентот?
23 октомври 2025
Палењето шатори во паравоената населба пред српскиот парламент, со наводна употреба на огнено оружје, го предизвикал пензионерот Владан Анѓелковиќ (70), соопшти Александар Вучиќ. Рането е едно лице кое престојувало во импровизираната шаторска населба, односно 57-годишен симпатизер на владејачката СНС, а станува збор за терористички чин со политички мотив, наведе српскиот претседател. Прикажана е и видео снимка од местото на настанот, на која осомничениот наведува дека „го нервирале шаторите во центарот на градот, дека самиот го донел бензинот со кој ги запалил шаторите и дека очекувал присутните полицајци да го убијат“.
Снимката веќе предизвика бројни коментари, бидејќи има многу детали коишто е тешко да се толкуваат и разберат, имајќи предвид дека Александар Вучиќ практично веќе донесе и заклучок и пресуда.
Целата приказна и обраќањето всушност беа обвинение против опозицијата и т.н. „блокатори“ - како што режимот ги нарекува бунтовните граѓани - и тврдење дека режимот е жртва на тероризам.
Притоа особено се истакнува тоа што полицајците на лице место земаат изјава од осомничениот, додека тој лежи на земја, и дека снимката веднаш е испратена на вонредното обраќање од претседателот на Србија, кој ја прикажува на јавноста и медиумите. Во тој контекст е занимлива и изјавата на главниот јавен обвинител Ненад Стефановиќ, кој не го наведува зборот тероризам, туку дека осомничениот посегнал по пиштол „по вербална расправија за различни политички ставови“.
Окупација и злоупотреба на институциите
Таквата конструкција ја забележал и Драган Поповиќ од Центарот за практична политика, кој обрнува вниманието на фактот дека „и овојпат на дело имавме продолжение на целосната окупација и злоупотреба на институциите“. Поповиќ за ДВ објаснува дека „пред сѐ има претседател кој не разбирам ни зошто воопшто зборува за случајот? Особено не знам зошто зборува за тоа пред комплетната полициската истрага и обвинителството? Сè на сè, што и да се случило, претседателот на државата тоа го претвори во политичка пропаганда. Мислам дека веќе нема да биде ни важно што навистина се случило, бидејќи никој веќе не верува во институциите на оваа земја, токму поради работи како настапот на Александар Вучиќ“.
Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ смета дека настапот на претседателот и неговата оценка на случувањата пред парламентот се „доказ за живот во спин-диктатура“. „Апсолутно е невозможно настанот да се окарактеризира така без комплетна истрага, освен ако не е однапред изрежиран. Дури и да не е така, секогаш е можно да се случил конфликт меѓу Вучиќевите поддржувачи, односно платеници, бидејќи е јасно дека тоа пред српскиот парламент е собир на сомнителни типови со криминално минато“, оценува Анѓелковиќ за ДВ.
Вучиќ е главниот блокатор
Очигледно сето ова повторно е наменето за тврдото јадро на електоратот на Српската напредна партија, за да се сокрие фактот дека „имаме паравоен камп во центарот на Белград, кој би требало да спречи протести и собири на граѓани пред српското Претседателство и српскиот Парламент и бесмислено е да се зборува за тоа како за некаква мала точка на отпорот, како што го дефинира Вучиќ“, наведува Поповиќ.
Ако веќе сакаме да зборуваме за блокатори, „единствениот дел од градот што е под трајна блокада е токму тој Чациленд“, истакнува Драгомир Анѓелковиќ и додава дека „никој не го прави тоа перманентно. Блокаторот е Вучиќ со својата екипа, а што се однесува до неговата оценка дека станува збор за некаков вид движење на отпорот, тоа е како некои познати диктатори од минатото што се обидуваа да се претстават како движење на отпор на некои сили што сакаат да ја загрозат нацијата. Тоа е најлошиот вид популистичко-диктаторска реторика“, смета нашиот соговорник.
Осомничениот е поранешен припадник на тајната служба
Како дел од обвинувањата против опозицијата и критичарите на режимот, Александар Вучиќ наведува дека некои опозициски пратеници почнале да го снимаат немилиот настан неколку минути пред да почне. Но, можеби повеќе од тоа вниманието на јавноста го привлече фактот дека осомничениот повеќе години бил припадник на Службата за државна безбедност. Тоа отвори и ново поле за шпекулации. Драган Поповиќ забележува дека „тука има доста информации, кои под нормални околности би барале од државните институции некакво објаснување“.
За Драгомир Анѓелковиќ таквиот податок фрла сомнеж врз целата официјална верзија, „бидејќи знаеме дека режимот ги контролира поранешните членови на тајните служби, како и припадниците на паравоените единици. Има малку чесни ветерани, а многумина сè уште се на платен список на тајните служби“, вели тој.
Разнишан факторот на стабилност
Инцидентот пред српскиот парламент се случува на денот на усвојувањето на многу остра резолуција од страна на Европскиот парламент, во која се упатуваат бројни обвинувања против српскиот режим.
Мислам дека Вучиќ поради тоа е во голема неволја, нагласува Драган Поповиќ и додава дека „тој првенствено се плаши од впечатокот во јавноста дека странските партнери го пуштиле низ вода. Дел од неговата популарност се темели на претпоставката дека тој е фактор на мир и стабилност во регионот и како е почитуван во светот. Сега тоа е особено климаво со резолуцијата која ја поддржаа и некои од неговите политички партнери и сега се обидува на сите начини да го спинува овој непријатен факт“, анализира Поповиќ за ДВ.
Реакциите на Александар Вучиќ на резолуцијата на Европскиот парламент, според Драгомир Анѓелковиќ, се „бесмислени, бидејќи на сите им е јасно дека од едната страна има народ кој сака демократија, а од друга страна е Вучиќ со своите криминалци. А митинзите што ги организира се какви може да ги видиме само во тоталитарни режими“, посочува Анѓелковиќ за ДВ.
Опасни закани од режимот
Вонредното обраќање на српскиот претседател не мина без слабо прикриени закани, бидејќи тој истакна дека „постои многу голем бес меѓу неговите поддржувачи, но дека тој апелира до нив да не организираат никакви одмазднички акции против блокаторите“.
Вучиќ и инаку така владее, забележува Драган Поповиќ, кој додава дека „тој плаши голем број луѓе дека нешто страшно ќе се случи ако го нема него. Ова е продолжение на таквата атмосфера. Тука или има закана од граѓанска војна, или дека некој ќе нè нападне, тој просто измислува опасност за да може околу себе да го собере тој круг на луѓе. Мислам дека тоа ќе продолжи и во претстојната изборна кампања“, вели Поповиќ.
Александар Вучиќ нема свои автентични поддржувачи, туку само платеници, оценува Драгомир Анѓелковиќ и додава дека „тоа е опасна порака што ја испраќа до сите, која значи дека моите платеници можат да предизвикаат крвопролевање. Зборувајќи за автентичен бес, тој ги прикрива луѓето што ги извршуваат неговите наредби. Така намерно создава атмосфера на граѓанска војна за да ја уценува Србија, но и светот. Многумина така ќе помислат дека е подобро тој да владее, отколку да имаме конфликти“, заклучува Анѓелковиќ за ДВ.