1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Топло со Хрватска, ладно со БиХ

Ивица Петровиќ
10 јануари 2023

Белград ги игнорираше повиците од Сараево да не присуствува на одблежувањето на Денот на Република Српска и тоа дополнително ги компликува меѓусебните односи. Истовремено, односите со Загреб наводно се поправаат.

Парада во Република Српска - Ивица Дачиќ и Милорад Додик
Парада во Република Српска - Ивица Дачиќ и Милорад Додик (9.01.2023)Фотографија: ELVIS BARUKCIC/AFP

Српскиот државен врв, би се рекло ненадејно, еден ден, реши дека е време за поправање на односите  со Хрватска. Налогот кој српскиот претседател Александар Вучиќ им го дал на своите соработници гласел дека треба да се покрене акција, како што се наведува, за одмрзнување на односите со Хрватска. Таа задача му е доверена на министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, а посетата на Загреб на Божик, 6 јануари, беше прв чекор во таа насока. 

Односите меѓу Србија и Хрватска веќе со години се на ниско ниво и главно носат печат на пикантни изјави на политичарите од двете страни. Класичната дипломатска комуникација е заменета со медиумски препукувања и надмудрувања. Хрватска притоа е речиси опседната со темата „српскиот претседател и неговите гласачи“: споредување на економските (не)успеси, одмерување кој поминал подобро низ епидемијата на коронавирус, проценување на количините на зло кои двата народа си ги нанесле меѓусебно, проценки кој има подобра/полоша музичка естрада, постојани компарации на спортските (не)успеси... Донекаде нездравото ривалство на двете земји ги обележува годините на владеење на Српската напредна партија.

Додворување кон ЕУ

Како што за Дојче веле истакнува Соња Бисерко, претседателка на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, „рано е да се проценува дали таа намера за поправање на односите е искрена или не. Меѓутоа, истовремено со посетата на Ивица Дачиќ на Хрватска, во Белград Александар Вулин и Ана Брнабиќ за Хрватска зборуваа како за усташка земја“, потсетува нашата соговорничка.

Соња Бисерко, претседателка на Хелсиншкиот комитет за човекови права во СрбијаФотографија: privat

Би можело да се рече дека намерата да се поправат односите делумно е и подлизување кон Европската унија, додава Бисерко. „Не смееме да заборавиме дека овде не зборуваме само за односите меѓу Србија и Хрватска, туку постојат и други невралгични точки, на Косово, во Црна Гора и Босна и Херцеговина. Веројатно сега се смета дека треба да се покаже некоја добра волја во однос на регионот, имајќи го во вид притисокот кој доаѓа од Москва и идејата за ‘српски свет' од која нема откажување.“

„Мислам дека во секој случај ова е добар момент за ваков чекор“, вели за ДВ Зоран Стојиљковиќ од Факултетот за политички науки. „Постои потреба на Србија да не влезе во некој вид изолација. Односите во регионот се важни за процесот на европски интеграции, но исто така мислам дека и тој вид на политизација на меѓусебните односи ја загуби моќта на собирање и мобилизација кај десните сили во државата“, оценува Стојиљковиќ.

Дачиќ како фактор на помирување

Тешко е да се забиколи симболиката на фактот дека со затоплувањето на односите се занимава Ивица Дачиќ, кој секако се препозна во зборовите на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој истакна дека „Хрватска беше жртва на агресија на режимот на Милошевиќ“.

Наследството од војната и воените политики уште се проблем за сите односи во регионот“, смета Соња Бисерко. „Србија во таа смисла не е спремна да признае каква било одговорност и тоа е очигледно продолжување на политиката на Милошевиќ, зашто сите носители на таа политика сега се на важни места и тие на свој начинги толкуваат изминатите случувања“, нагласува претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија.

Автентични претставници на таа политика отсекогаш подобро си се разбираа, оценува Зоран Стојиљковиќ. „Во такви ситуации немате кој да ви се буни од десната, национална страна. Тој вид аранжман меѓу Хратската демократска заедница (ХДЗ) и сличните партии во Србија беше некако потраен и поуспешен, и сето тоа помалку се доведуваше во прашање отколку кога на власт беа Социјалдемократската партија на Хрватска (СДП) и Демократската партија (ДС- во Србија“, забележува Стојиљковиќ.

Зоран Стојиљковиќ од Факултетот за политички науки во БелградФотографија: Medija Centar

„Република Српска како воен плен“

Ако е пружена рака кон Хватска, од друга страна односот кон БиХ е на надолен пат. Белград ги игнорираше повиците кои стигнуваа од Сараево да не присуствива на одбележувањето на Денот на Република Српска, 9 јануари и тоа секако дополнително ги искомплицира меѓусебните односи.

Причина за тоа е што Хрватска, како членка на ЕУ и НАТО, испадна од „српскиот свет“, забележува Соња Бисерко, „додека остана Република Српска како воен плен од кој не се откажува. Преместувањето на одбележувањето на 9 јануари од Бања Лука во источно Сараево е исто така дополнителна провокација, зашто не знам што тоа второто би требало да манифестира освен спремност за судири“, истакнува Бисерко.

Зоран Стојиљковиќ таа ситуација ја гледа како споени садови и вели дека „постои резерва во Сараево кон политиката на Загреб и Белград, кои понекогаш со повишен глас изразуваат загриженост за положбата на припадниците на своите народи во БиХ. Затоа и по самата назнака за некоја нормализација на односите меѓу Србија и Хрватска нервозно се реагира во некои кругови во БиХ. Тука може да се види извесно стравување од заедничко туторство на Србија и Хрватска над Босна и Херцеговина“, заклучува Стојиљковиќ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми