1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија-Косово: Опаѓаат очекувањата пред состанокот во Охрид

Милица Андриќ-Ракиќ
18 март 2023

Пред состанокот Вучиќ-Курти во Охрид, постепено се намалува оптимизмот на меѓународните претставници. Скептичност постои и околу Српската заедница на Косово.

Македонскиот град Охрид- домаќин на состанокот меѓу лидерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти на 18 март 2023
Македонскиот град Охрид- домаќин на состанокот меѓу лидерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти на 18 март 2023Фотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Заедницата на српски општини (ЗСО), чие формирање беше договорено и ратификувано во косовското Собрание во 2013 година, сега изгледа, е клуч на европскиот предлог за договор. Тоа во суштина е одговор на меѓународната заедница на реалноста во која постигнување на сеопфатен правно-обврзувачи договор сега не е можно и затоа наследството од Бриселскиот договор треба да се спаси.

На состанокот во Охрид во сабота (18.3.), претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово, Албин Курти, со посредство на Европската унија, би требало да се договорат околу редоследот на спроведување на точките од основниот договор кој страните го прифатија на состанокот во Брисел на 27 февруари. Притоа, таканаречениот имплементациски анекс, кој е составен дел од договорот, е вистинска пречка.

„Судејќи според атмосферата која е креирана во медиумите и по активностите на високите меѓународни претставници, кои се занимаваат со проблемот на односите меѓу Косово и Србија, логично би било да се очекува во Охрид навистина да дојде до некаков напредок- но, напредок на ниво на согласување со тој анекс на патеката за имплементација. И тоа би било тоа. Но, дали и какви резултати ќе видиме од тоа подоцна - останува неизвесно“, вели за ДВ Горан Аврамовиќ, уредник на Радио Ким од Чаглавица.

Српскиот претседател Вучиќ (лево) и косовскиот премиер Курти (десно) на ветувачкиот состанок во Брисел на 27 февруари 2023 годинаФотографија: Johanna Geron/REUTERS

Дали има алатки за спроведување на договореното?

Оптимизмот на меѓународните претставници дали во Охрид ќе се постигне договор за анексот за имплементација опаѓа како што се приближува денот на преговорите. Околу формирањето на ЗСО, е скептична и српската заедница на Косово. Таа и претходно видела слични дипломатски офанзиви, како и нивниот неуспех.

„Морам да потсетам дека уште во 2016 година, тогашниот потпретседател на САД, Џо Бајден, за време на неговата посета на Приштина, побара од тогашните власти во Приштина да се формира ЗСО – па, сепак таа не беше формирана. Така што, веќе имаме примери на одбивање да се спроведе ЗСО, дури и кога Америка инсистира на тоа“, вели Аврамовиќ.

Па, дури и да се постигне договор за имплементација, тоа не е гаранција дека ќе се надмине магичниот круг на кризниот менаџмент, смета Аврамовиќ. „Се плашам дека многу брзо по тој договор повторно ќе дојдеме до некаков ќорсокак. Дали овој пат меѓународната заедница подготвила сериозни алатки со кои ќе ги третира овие ситуации и кои можат да спречат ескалацијата - тоа сè уште не ни е јасно“.

Звечан, 5 ноември 2022 година: Србите ги соблекуваат униформите и ја напуштаат косовската полицијаФотографија: Bojan Slavkovic/AP Photo/picture alliance

Бројни високи дипломати зборуваат за награди и казни за (не)конструктивната страна во дијалогот, но овие инструменти сѐ уште не се видени на дело. „Одбивањето да се спроведе ЗСО може да доведе до предвремени избори, но за да се случат, мора да има или сериозна внатрешна политичка криза во Косово - што морам да признаам кога станува збор за политичките фактори на косовските Албанци, не гледам - или народот да е многу незадоволен од фактот што трпи некакви санкции поради одлуките на нивните политички лидери“, наведува Аврамовиќ и додава дека, на пример, ускратувањето на најавената визна либерализација може да биде знак за гласачите да бараат промена на власта.

Српска листа сепак на избори?

Во исто време, дојде до намалување на очекувањата на меѓународната заедница. Така, посредникот на ЕУ Мирослав Лајчак најави дека не очекува договор за ЗСО во Охрид, а американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер, вели дека се надева дека исходот од состанокот ќе биде одлука дали Српската листа ќе учествува на локалните избори во април.

Во времето кога лани поднесоа оставки, политичките претставници од Српската листа го условија нивното враќање во институциите, како и учеството на локалните избори го условија со формирање на ЗСО. Тие не се кандидираа на првите избори, закажани за декември минатата година, а обидите на Централната изборна комисија да го организира гласањето и покрај противењето на Српската листа, доведоа до насилни инциденти и подигање барикади.

Пријателства наспроти политичките тензии во Косово

04:26

This browser does not support the video element.

Поради нестабилната безбедносна состојба, изборите потоа беа одложени за април, но оттогаш малку е направено за да се обезбеди нормална атмосфера за одржување на изборите. Крајниот рок за пријавување на кандидати за изборите е 23 март. Претходниот беше 18 март, но беше преместен за подоцнежен датум, веројатно за да се создаде простор средбата во Охрид нешто да промени.

Прашање на оптика

Доколку Спрска листа остане на одлуката да ги бојкотира изборите, излезноста ќе биде рекордно ниска. Косово, меѓутоа, нема долна граница на излезност под која изборите би се сметале за неуспешни, па секој резултат ќе се смета за легитимен.

Од друга страна, учеството на Српската листа на изборите е единствена гаранција дека процесот на гласање може да се спроведе како и претходните години - во српските училишта.

Имено, од ноември 2022 година, кога Србите ги напуштија институциите, нема институционални капацитети за организирање избори на северот на Косово. Околу 150 редовни полицајци од албанска националност се преместени во четири општини на северот, како и неколку стотици припадници на Специјалната полиција кои се трајно на северот од април 2022 година. Значи, нема доволно редовни полициски сили за обезбедување на изборите, а „оптиката на изборите“ би била под знак прашалник ако би ги обезбедувале специјалните единици.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми