1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србите во Косово: Протест и против Курти и против Вучиќ

Милица Андриќ-Ракиќ
9 јануари 2023

Повредувањето на Србите во Штрпце го засили бунтот на косовските Срби против власта на Албин Курти, но предизвика и протест против политиката на Белград и Српската листа. Се бара крај на „политиката на отстапки“.

протести Косово
Курти е обвинет за „антисрпска политика“, а Вучиќ за „предавство“Фотографија: Milica Andrić-Rakić/DW

Кога на крајот на годината беа отстранети барикадите, многумина предупредија дека новата криза е само одложена. Но, малкумина мислеа дека тоа ќе се случи толку брзо. На Божиќ (6 јануари) во Штрпце, на крајниот југ на Косово, беа застрелани 11-годишно дете и 21-годишно момче од српска националност. Уапсен е 33-годишен маж, инаку припадник на Косовските безбедносни сили (КБС). Тој е осомничен за обид за убиство.

„Да му кажевте на некој во Штрпце пред петокот дека вакво нешто може да се случи, секој ќе се заколнеше во својот живот дека тоа е невозможно. Мислевме дека тоа време помина“, изјави за ДВ Јасмина Живковиќ Јовановиќ, претседател на Здружението на семејствата на исчезнатите од Штрпце. 

„Затоа сметам дека тоа е последица на однесувањето и односот на властите во Косово кон српскиот народ. Тие се обидуваат да ја обвинат српската заедница за незадоволството и недостатокот на политички резултати, и ова е исходот“, вели таа.

Голем број косовски претставници, меѓу кои и претседателката Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, го осудија нападот во Штрпце. Живковиќ Јовановиќ, сепак, тврди дека тоа не ги охрабрува граѓаните. „Мнозинството од луѓето веруваат дека напаѓачот дури и ќе биде награден“, вели таа.

Само неколку часа подоцна, ваков бизарен предлог навистина упати членот на Самоопределување во дијаспората Фатмир Хасани, кој е по потекло од јужна Митровица. Тој јавно му предложи на министерот за одбрана да го унапреди осомничениот припадник на КБС како „храбар Албанец“ во чин командант.

Во српската заедница преовладува верувањето дека мотивот за пукањето е од етничка природа, но во почетната фаза од истрагата, обвинителот кој побара и доби 30 дена притвор за осомничениот, го товари за тежок обид за убиство, предизвикување општа опасност и употреба на опасно орудие.

Во албанската заедница е нешто поинаку - едни велат дека осомничениот ја извалкал униформата и угледот на КБС, а други сметаат дека реагирал во самоодбрана, по вербалната пресметка со група Срби.

Често се посочува дека осомничениот е син на загинат борец на ОВК или „маченик на ОВК“. И пратеникот на Самоопределување, Хаки Абази, тврдеше дека „инцидентот во Штрпце би можел да биде инсцениран за да се обвинат Албанците“.

Едно од барањата од барикадите беше повлекување на Специјалната полиција од северФотографија: Vjosa Cerkini/DW

И меѓународните претставници го осудија „инцидентот“, но сите се воздржаа да го наречат можен етнички мотивиран напад. Поради сето ова, Живковиќ Јовановиќ наведува дека српскиот народ во енклавата се чувствува немоќен. Сепак, верува во гаранциите дадени на граѓаните кои веднаш по нападот се собраа и неколку часа ги блокираа патиштата, дека на влезовите и излезите од Сириничката жупанија ќе има засилено присуство на КФОР и полицијата.

Немоќта на Српската листа

Протестот во Штрпце поради ранувањето на момче и млад Србин беше организиран од Српска листа (СЛ) истиот ден и во исто време со претходно најавениот протест против СЛ и „предавничката политика“ на Александар Вучиќ во Митровица. Многумина на север се сомневаат дека тоа било случајност.

Протестот на десничарскиот опозициски блок не беше единствениот израз на незадоволство. Во петокот (6.01), во Зубин Поток, беше спречен говорот на директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, кој беше исвиркан, наречен „предавник“ и навредуван од граѓаните собрани околу црквата. Причина за нападите било присуството на полициска придружба на српскиот функционер во непосредна близина на црквата.

Во Зубин Поток од февруари минатата година се изградени три полициски бази полни со припадници на специјалните косовски единици, во кои немаше косовски Срби и пред да ги напуштат институциите.

Постојаното присуство на речиси моноетничка единица на албанските специјални сили во мнозинските српски области на север е извор на длабока фрустрација на заедницата. Неможноста Српската листа да направи нешто околу ова прашање веќе една година - а поради потребата од изградба на бази беше извршена и експропријацијата на земјиштето - навидум почна да ја одзема моќта на политичката партија која веќе десет години доминира меѓу косовските Срби со поддршка на Српската напредна странка.

Едно од главните барања на десничарскиот протест во неделата во Северна Митровица беше всушност повторното барање од барикадите организирани од Српска листа - специјалните косовски единици да се повлечат од северот. Тие зборуваа за „континуирана антисрпска репресија на режимот на Албин Курти“.

Колапс на политиката на отстапки

„Се појавија различни гласови на косовските Срби поради зголемувањето на етничките тензии на Косово и незадоволството на некои политички лидери од Белград, кој десет години води политика на отстапки кон меѓународната заедница, а потоа тие отстапки ги спинува во големи дипломатски победи“, изјави за ДВ за афирмативни општествени акции од Северна Митровица, Миодраг Мики Маринковиќ, директор на Центарот.

Колапсот на таквата политика, вели тој, бил неизбежен бидејќи граѓаните „ги чувствуваат нејзините вистински ефекти на сопствената кожа“.

„И тие се далеку од победите кои ги полнат новинарските колумни кога ќе се постигне договор. Затоа по последната криза на северот на Косово дојде до силно незадоволство кај косовските Срби, кое не може да се контролира“, смета Маринковиќ.

Еден од организаторите на протестот на опозицијата, Иван Милетиќ, вака го изрази своето незадоволство: „Нема да толерираме сили на РОСА на северот на Косово, ниту каде и да се Србите. Немаме ништо против албанскиот народ или народ кој има добра волја и добри намери. Но, имаме против теророт. Никој повеќе нема да го трпи ова“.

Додека не се исполнат овие услови, околу 150 учесници на протестот побараа замрзнување на преговорите со Приштина.

Иван Милетиќ на протестот во МитровицаФотографија: Milica Andrić-Rakić/DW

Два типа на критичари на Вучиќ

Маринковиќ смета дека протестот на опозицијата во неделата е далеку од вистински плурализам. „Но, тоа е еден вид ослободување на косовските Срби од стегите на официјален Белград, а особено на неговите експоненти во Косово, Српската листа“, објаснува тој и наведува дека во тој процес се појавиле две струи.

„Една предводена од политичките водачи на косовските Срби јужно од Ибар, кои се незадоволни од запоставувањето на тој дел од српската заедница од страна на Белград и делумно од доминацијата на северните кадри во СЛ“, набројува тој.

„Од друга страна, противниците на официјален Белград на северот наКосово се незадоволни од отстапките што Белград ѝ ги дава на Приштина и кои во последната криза на северот видоа можност состојбата да ја доведат до точка во која што некаква поделба на Косово се констатира како реална ситуација на терен“.

Двете струи имаат допирни точки во нивната жестока критика кон Белград и тоа што сè уште немаат доволно сила да му се спротивстават, но тука завршува сличноста меѓу нив, смета Маринковиќ.

„Политичкиот концепт што се заговара на север го гледа подобрувањето на условите за живот на Србите преку зајакнување на отпорот кон Приштина и напуштање на институциите, додека оној на југ гледа можност за подобар живот на Србите преку институционална акција и соработка со косовските Албанци“, заклучува нашиот соговорник.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми