Средба Мицкоски-фон дер Лајен: Ќе има ли нови пораки од ЕУ?
24 октомври 2024Патот на Северна Македонија кон ЕУ, реформската агенда и севкупниот План за раст за Западен Балкан вреден шест милијарди евра, ќе бидат темите за кои се очекува денеска да разговара претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен во Скопје, втората станица од нејзината четиридневна турнеја низ земјите од Западен Балкан. По тет-а-тет средбата со премиерот Христијан Мицкоски, ќе има билатерална средба меѓу двете делегации, а потоа и заедничка прес-конференција. Во рамки на посетата, фон дер Лајен ќе има средба и со претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Претседателката на ЕК турнејата ја започна вчера со посета на Тирана, непосредно откако Европската комисија и официјално ја одобри реформската агенда на Северна Македонија и на уште четири земји од Западен Балкан. Исклучок е само БиХ, која поради потешкотии во внатрешната координација сѐ уште не доставила комплетна програма за реформи и се очекува тоа да го направи во наредниот период.
Пристап до финансиски средства
Реформската агенда е дел од поширокиот План за раст на ЕУ за Западен Балкан за периодот 2024-2027 година и е фокусирана на клучни реформи и фундаментални области, како што се владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата. Македонското Министерство за европски прашања вчера оцени дека одобрена реформската агенда на Северна Македонија, претставува значаен исчекор за интеграција на земјата и регионот во ЕУ.
„Одобрувањето на оваа агенда овозможува пристап до финансиски средства во рамките на Фондот за реформи и раст на ЕУ, во износ од 6 милијарди евра. Фондот е дизајниран да го поддржи трансформативниот процес на Северна Македонија, осигурувајќи дека реформите не само што ќе ги зајакнат демократските институции и човековите права, туку и ќе ја подобрат економската интеграција на земјата со ЕУ“, соопшти Министерството за европски прашања.
Од финансиската инјекција од 6 милијарди евра, две милијарди се неповратни грантови, а четири милијарди поволни заеми. Тие се дел од Планот за раст, кој се заснова на четири столба: јакнење на економската интеграција со единствениот пазар на ЕУ, јакнење на економската интеграција во рамките на Западен Балкан, забрзување на темелните реформи, зголемување на финансиската помош за поддршка на реформи преку Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан за периодот 2024-2027 година.
„Реформите се услов. Ако се спроведат реформите, тогаш доаѓаат и средствата", посочи претседателката на ЕК за време на ланската турнеја низ земјите од Западен Балкан.
Обврски за корисниците
Користењето на средствата предвидува и конкретни обврски за корисниците. ЕК ќе пристапи кон потпишување на договори за заем и за користење на Инструментот, кој ќе вклучува обврски корисниците да преземат соодветни мерки за спречување, откривање и санкционирање на измами, корупција, судир на интереси и неправилности кои влијаат на финансиските интереси на Унијата, за избегнување двојно финансирање, преземање правни дејствија за поврат на средства што биле злоупотребени, собирање соодветни податоци за примателите на средства во рамки на Инструментот и за правата што ќе и се доделат на Комисијата, на Европската канцеларија за борба против измами (OLAF) и на Европското јавно обвинителство (ЕPPО). Корисниците можат да побараат исплата на средства за претфинансирање до седум проценти од нивната вкупна индикативна распределба, предвидена во рамки на Инструментот. Доколку земјата не ги исполни предусловите за поддршка, ЕУ може да одлучи да ја запре исплатата или да ги пренасочи средствата кон други држави.
Се очекува денеска во Скопје да се слушнат и конкретни бројки за проектите што Брисел ќе ги финансира во Северна Македонија од Фондот за реформи и раст, како и од други проекти, со оглед дека конкретни бројки вчера беа предочени во Тирана.
„Сега треба да почнеме со претфинансирање од 64 милиони евра до крајот на годината. Вкупно, Албанија ќе добие повеќе од 920 милиони евра од Планот за раст. Имаме и програма од 50 милиони евра за енергетска ефикасност. Исто така, инвестираме во чист транспорт за да постигнеме подобри врски во регионот“, порача претседателката на ЕК во Тирана, потенцирајќи дека „проширувањето ќе биде голем приоритет во нејзиниот нов мандат".
Планот за раст се смета за најсериозната политичка потврда од ЕУ дека тие имаат конкретен план за ефикасна европска интеграција на Западен Балкан. Проекциите во регионот се дека со неговата реализација, бруто домашниот производ по глава на жител ќе се удвои, односно од просечни 6 илјади евра по глава на жител во регионот, БДП ќе се зголеми на просечни 12 илјади евра по глава на жител во следните десет години.
Кога ќе биде и дали ќе биде
Следната недела ЕК ќе објави и извештај за состојбата со проширувањето, со образложение за секоја земја кандидат. Тој процес засега е во застој, а причини за оптимизам не наоѓаат ни експерти кои со години го следат процесот, со акцент на регионот. Флоријан Бибер, експерт за Западен Балкан, професор на Универзитетот во Грац и координатор на Советодавната група за политики на Балканот во Европа (BiEPAG) во разговор за ТВ Н1 - Сараево, потсетува дека земјите од Зaпaден Балкан чeкаат повеќе од 20 години, oд ветувањето во Солун.
„Најоптимистичкото сценарио 'big bang' за членство во ЕУ на сите земји заедно, не е реално. Не ја гледаме пораката на ЕУ дека е подготвена да ги прими сите земји заедно. Сега имаме попесимистичко сценарио - дека земјите од Западен Балкан повеќе ќе изгледаат како Турција, во смисла на земја која е надвор од ЕУ, постои официјален процес на преговарање, но сите знаат дека е мртов и симболичен. За жал, мислам дека сме поблиску до тоа. Сценарио каде што не знаеме кога ќе биде и дали ќе биде. Тоа доведува до фрустрација на граѓаните“, оценува Бибер.
На прашањето колку е реална 2030 година, која се споменуваше како година за потенцијално проширување на ЕУ, тој вели дека датумот има смисла само ако е во контекст на конкретен патоказ до целта.
„Прво - дали ЕУ е подготвена да прими нови членки? Не добивме јасен сигнал. Таа порака треба да ни се каже - дека ако земјите од Западен Балкан се подготвени, и ЕУ е подготвена да ги прими. Ако земјите сакаат да бидат членки на ЕУ, треба да биде јасно што треба да направат и до кој датум. Би сакал да биде 2030 година, дури и порано, но тоа не е реално за сите земји од регионот. Има неколку земји кои се подготвени порано, на пример Црна Гора, понекогаш се зборува за Албанија и Северна Македонија, тоа можеби до крајот на оваа деценија. Но за БиХ, Србија и Косово тоа е покомплицирано“, изјави Бибер.