1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Средба на Доналд Трамп и Владимир Путин во Србија?

Немања Рујевиќ
14 јануари 2025

Штом се прочу дека идниот американски претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин би можеле да се сретнат – Белград се понуди како домаќин. Тешко е да се каже колку е веројатно тоа да успее.

Доналд Трамп и Владимир Путин во Хелсинки 2018 година
Доналд Трамп и Владимир Путин во Хелсинки 2018 година - наскоро и во Белград?Фотографија: Mikhail Metzel/ITAR-TASS/imago

Луѓето во Србија ги обожаваат и рускиот претседател Владимир Путин и идниот американски претседател Доналд Трамп - па што може да биде пологично од тоа Србија да биде место на историска средба меѓу овие двајца?

Тоа отприлика го објави српскиот претседател Александар Вучиќ на телевизијата Пинк. „Ние сме целосно подготвени да ја гарантираме безбедноста на двајцата претседатели“, рече Вучиќ, тврдејќи дека, за разлика од другите потенцијални домаќини на состанокот, Србија ниту формално ниту суштински не е членка на воените блокови предводени од САД или од Русија.

Така „малата Србија“, како што често сака да каже Вучиќ, може да влезе во големата игра. Доколку официјален Белград навистина успее да се сретнат овие две светски сили во Србија, тоа несомнено би бил потег со кој Вучиќ би добил и политичка корист.

Ќе има многу понуди

Србија срамежливо се понуди и за првата, повторно „историска“ средба меѓу Трамп и Путин, кога милијардерот првпат стана претседател.

Таа средба се најавуваше повеќе од една година, а конечно се одржа во 2018 година во тогаш неутрален Хелсинки. Денес, Финска не доаѓа предвид, бидејќи стана членка на НАТО пред речиси две години, во екот на руската агресија против Украина.

Доналд Трамп се враќа во Белата куќа за неколку дена. Тој неодамна на новинарите во неговата резиденција на Флорида радосно им рече дека Путин сака да се сретне со него, додавајќи: „Ние сега се организираме“.

Владимир Путин и Александар Вучиќ за време на официјална средба во Белград во 2019 година, симболизирајќи ги блиските односи меѓу Русија и СрбијаФотографија: picture-alliance/TASS/M. Metzel

Тоа звучеше речиси како завршена работа, но портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, стави кочница, велејќи дека контактите се неопходни и дека е убаво што постои политичка волја - но дека сè уште нема конкретни подготовки.

Освен Србија, досега се „понуди“ и Швајцарија, иако ни приближно гласно. Според локалниот весник Темпс, официјален Берн им сигнализирал на Вашингтон, Москва и на Киев дека е подготвен да биде домаќин, но дека земјата официјално нема да преземе дипломатска иницијатива.

„Се споменува и Кина, а ќе има понуди и од други места“, вели за ДВ новинарот Момир Турудиќ. „Тоа ќе значи и дека местото ќе биде симболично, удобно и за двајцата, без напнатост. Значи, тешко дека ќе биде во Кина, иако со Трамп никогаш не се знае.“

Што говори во полза на Србија?

Србија, вели Турудиќ, е речиси единствената европска земја покрај Белорусија – и споменатата Швајцарија – каде Путин сѐ уште би бил добредојден. И во кои не би морал да се плаши од апсење по налог на Меѓународниот трибунал.

„Уште на почетокот на војната во Украина резониравме дека Србија е речиси единствената неутрална територија, како Казабланка, каде сите можат да се сретнат. Не затоа што Србија не е ниту таму ниту тука, туку токму затоа што е и таму и тука“, додава Турудиќ.

Но, руската агресија беснее веќе три години и оттогаш многу работи се променија. Вучиќ инсистираше да не се воведуваат санкции кон Русија, но Србија – што е јавна тајна – оттогаш ја вооружи Украина со опрема вредна околу милијарда евра.

Вучиќ повеќепати потенцираше дека одамна не се видел, ниту слушнал со Путин, но редовно во „мисии“ во Москва го испраќаше својот јастреб Александар Вулин, вицепремиер без посебни обврски.

Последните тензии се во тек поради американските санкции против Гаспром, мнозинскиот сопственик на Српската нафтена индустрија (НИС). Како што најави Вучиќ, Србија има рок до крајот на февруари Русите целосно да излезат од сопственоста на НИС.

Вучиќ, сепак, изрази надеж дека со враќањето на Трамп овие санкции би можеле да бидат укинати.

Обожаваниот Трамп

Зборувајќи за српската понуда за домаќинство, Вучиќ истакна дека Трамп никаде во светот немал таква поддршка како во Србија.

Според анкетите, тоа е точно – згора на тоа, поддршката беше поголема од она што идниот американски претседател го доживеа во САД. Според анкетата на Галуп од октомври минатата година, дури 59 отсто од Србите „навивале“ за Трамп, а само 29 отсто ја поддржале неговата тогашна противкандидатка Камала Харис.

„Честитаме Трампе Србине!“ - телевизијата на таблоидот Информер со билборд му ја честите изборната победа на Доналд ТрампФотографија: Ivica Petrovic/DW

Тоа е единствената поддршка од над 50 отсто за Трамп во цела Европа. Во Швајцарија, како можен домаќин на средбата, Трамп го поддржаа само четвртина од граѓаните, додека Харис ја поддржаа дури 61 отсто.

Србија веќе направи чекори инвестирајќи во односите со Трамп. Пред сѐ добрите односи со неговиот близок соработник Ричард Гренел, но и давање земјиште од урнатиот Генералштаб во центарот на Белград за зетот на Трамп, Џаред Кушнер, да гради хотели и апартмани.

„Српската влада сигурно не верува дека администрацијата на Трамп ќе го промени својот став кон Косово, но верува дека за прашањата како што се економската положба на Србите во северно Косово и заштитата на спомениците и верските објекти во Косово, тие би можеле да добијат подобра спогодба со администрацијата на Трамп“, изјави неодамна за ДВ Вук Вуксановиќ, истражувач во белградскиот Центар за безбедносна политика.

Кога се теоретизира за средба меѓу рускиот и американскиот претседател во Белград, вреди да се потсети на неуспешната посета на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во 2022 година. Тогаш, членките на НАТО, Бугарија, С. Македонија и Црна Гора одбија да дозволат прелетување на авионот на Лавров, па тој мораше да се врати назад во Москва.

Меѓутоа, доколку Белата куќа и Кремљ закажат состанок на највисоко ниво, малку е веројатно дека некоја членка на НАТО би го попречила прелетот.

На крајот, работата сè уште е во доменот на теоријата и фантазијата на властите во Белград. „Тешко е да се каже колкакви се шансите за средба во Србија. Не звучи нелогично, а сепак изгледа неверојатно“, искрено вели новинарот Турудиќ.

Вучиќ на „ти“ со моќните

Тоа што работата е сосема неизвесна нема да ги спречи властите во Белград и нивните таблоиди веќе да ја фалат далекувидната државничка способност на Александар Вучиќ.

„Со овој предлог, претседателот Вучиќ навистина ја става нашата земја на мапата во меѓународната заедница“, рече шефот на дипломатијата Марко Ѓуриќ.

„Дури и средбата никогаш да не се случи, Србија денес на меѓународната арена е препознаена како земја која може, која е доверлива, која е веродостојна и која затоа се смета за една од можните локации за вакви самити и состаноци“, додаде тој.

Доналд Трамп во Овалната соба со Александар Вучиќ и Авдула Хоти за време на потпишувањето на договорот за економски односи меѓу Србија и Косово во септември 2020 годинаФотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Vucci

Несомнено е дека ваков дипломатски блокбастер добро би му дошол на Вучиќ на домашната сцена.

Во Србија со месеци траат блокадите на универзитетите и секојдневните протести поради смртоносниот уривање на настрешницата на железничката станица во Нови Сад. Владата на Вучиќ се соочува со можен тотален штрајк на просветните работници и незадоволство кај земјоделците.

Како што неодамна напиша германскиот новинар Томас Брај, долгогодишен дописник на агенцијата ДПА од Белград, една од омилените приказни на Вучиќ за локалната јавност е дека тој е речиси рамноправен со светските државници.

Вучиќ, пишува Брај, се претставува како човек кој кога ќе посака има средби со Путин, со кинескиот претседател Ши или со западните лидери.

„И покрај релативно малото население од помалку од седум милиони, луѓето можат да стекнат впечаток дека претседателот ѝ гарантира на земјата важност што не се заснова на големината или економската моќ“, заклучува новинарот.

Средбата меѓу Трамп и Путин во Белград, доколку се случи, дополнително би ја разгорела таа приказна и би ѝ дала донекаде реални основи.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми