Мерц и Шолц: Пакт против миграцијата во Германија?
28 август 2024Претседателот на најсилната опозициска партија, Фридрих Мерц, всушност сакаше да разговара за стационирање на крстосувачки ракети во Германија, за што, според Мерц, канцеларот не ја информирала доволно јавноста. Но, тогаш се случи терористички напад во Солинген, во кој беа убиени три лица и во кој сторителот, според моменталната состојба на истрагата, е сириски бегалец кој всушност воопшто не смеел да биде во Германија.
„Да се заштити германскиот народ“
Лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) веднаш по нападот во петокот вечерта (23.08.) на партиската веб-страница објави лут памфлет во кој бара низа мерки за воведување ред во миграцијата, која, како што вели, сегашната социјалдемократска-зелено-либерална влада на канцеларот Олаф Шолц веќе не ја држи под контрола.
Мерц уште во тој текст побара, меѓу другото, трајно воведување гранични контроли, запирање на приемот на бегалци од Сирија и Авганистан и протерување на оние кои не треба да бидат во Германија, дури и во потенцијално опасни земји како Сирија и Авганистан.
„Ние не сакаме ништо повеќе и ништо помалку од тоа канцеларот да го исполни ветувањето што го даде кога положи заклетва, а тоа е да направи сѐ за да го заштити германскиот народ“, рече Мерц пред средбата со Шолц.
Доследно применување на Даблинскиот договор
А по едночасовниот „работен појадок“ во канцеларскиот кабинет во Берлин, Шолц и Мерц се разделија без да им соопштат на новинарите за што разговарале и дали нешто се договориле. Набргу потоа, Мерц за попладнето свика прес-конференција во Берлин. Тој им објасни какви мерки му предложил на Шолц.
Мерц и неговите демохристијани (ЦДУ/ЦСУ), покрај веќе споменатото стопирање на приемот на бегалци од Сирија и Авганистан, бараат и поефикасно спроведување на депортациите на оние чие барање за азил е одбиено или на оние кои го прекршиле законот. И тоа во земји како Сирија и Авганистан, со кои Германија за тоа нема договори.
Мерц повикува и на доследно враќање на бегалците од германската граница во земјите каде што првпат стапнале во Европската унија. Ова првенствено се однесува на Бугарија, Грција и Италија, но можеби и на Хрватска. Германија мора, доколку е потребно, да прогласи „национална вонредна состојба“ за евентуално да ги суспендира законите на ЕУ и да ги врати бегалците во земјата на влез во согласност со Даблинскиот договор, дециден е Мерц.
Укинување на „коалициските стеги“ при гласање
Тој од канцеларот побара за овие мерки да се одлучува веќе на 9 септември, на првата седница на Бундестагот по летната пауза. И тоа не по коалициски клуч на актуелната влада, туку со заеднички сили на демохристијаните на Мерц и социјалдемократите на Шолц. „Заедно имаме доволно гласови“, рече Мерц.
Шолц, пак, изјави дека му требаат неколку дена „да размисли“ за понудата на Мерц. Но, аналитичарите веќе нагласуваат дека согласност на Шолц за соработка со опозицијата и отпуштање на т.н. „коалициски стеги“ (обврска пратениците на владејачките партии да гласаат според заеднички договор, а не по сопствена проценка) би значела речиси сигурен пад на актуелната влада, која и онака е на раб на распад поради честите кавги.
Иницијатива со поглед на Тирингија и Саксонија
Политички Берлин ја стави иницијативата на Мерц во актуелниот контекст на претстојните избори во источногерманските покраини Саксонија и Тирингија, каде што деснопопулистичката Алтернатива за Германија (АфД) убедливо води во истражувањата на јавното мислење. Терористичкиот напад во Солинген, според проценките на германските медиуми, речиси сигурно ги зголеми перспективите на АфД, партија која првенствено се профилира преку нејзината антиимиграциска политика и која долго време бара протерување на бегалците и затворање на границите.
На партиите од владејачката коалиција во тие покраини дури им се заканува опасност да не го поминат цензусот, што, според многумина во Берлин, ќе резултира со распад на сојузната влада. Во Саксонија, ЦДУ се бори да ја задржи својата водечка позиција, а во Тирингија е подготвена дури да соработува и со левичарите од новооснованата партија Движење Сара Вагенкнехт, само за да го спречи формирањето влада со АфД на чело. Со овие постапки на Мерц, но и на Шолц, кој најави дека е „отворен за соработка што ќе помогне за решавање на ситуацијата“, тие двајца очигледно сакаат во пет до дванаесет да го преземат главниот збор од АфД по прашањето за миграцијата.
Политичката активност на Мерц се поврзува и со неодамнешната одлука за тоа кој да биде кандидат на Демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) за канцелар на изборите за Бундестагот следната година. Мерц е кандидат со најмногу изгледи, но не и единствениот.