Српската листа ја презеде власта на северот од Косово
13 октомври 2025
Српска листа, најголемата партија на Србите во Косово, очекувано ја однесе победата во девет од десет општини со мнозинско српско население, на локалните избори одржани на 12 октомври 2025 година. Според прелиминарните резултати на Централната изборна комисија (ЦИК), во општината Клокот, Српска листа добила 41,6 проценти од гласовите, па одлуката за избор на градоначалник таму ќе биде донесена во втор круг.
Претседателот на Српска листа, Златан Елек, прогласи убедлива победа во сите десет општини, наведувајќи дека во четири општини северно и шест општини јужно од Ибар оваа партија има „двотретинско мнозинство“. Посебен акцент, сепак, стави на четирите општини на северот.
„Она што е најважно за нас е тоа што четирите општини на север се вратени на оние на кои им припаѓаат — на нашите граѓани, кои денес со хемиско пенкало и со својот глас рекоа дека Српска листа северно од Ибар однела убедлива победа“, изјави Елек на прес-конференција.
Победата на Српска листа во општините со претежно српско население ја честиташе и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. „Партијата, по нашата држава, по нашата Србија, секогаш е најважна. Горд сум на вас, на вашата борба, на народот во Косово и Метохија. Иако нè отпишуваа, успеавме да се избориме. Не можат да го укинат српското име и презиме и никогаш нема да го сторат тоа“, рече Вучиќ во телефонски разговор во штабот на Српска листа во Северна Митровица, по што следеше вообичаеното скандирање „Ацо, Србине!“.
Три години подоцна
Претставниците на Србите се враќаат во општинските собранија по бојкотот на локалните избори во април 2023 година. На тоа му претходеше излегувањето на Србите од косовските институции во ноември 2022 година, со што, за косовските Срби, започна можеби најголемата институционална и политичка криза.
Во меѓувреме, владата на Албин Курти спроведе низа радикални мерки, кои во голема мера го отежнаа животот на Србите во Косово. Сега претставниците на Српска листа ќе се соочат со значително изменети околности во споредба со периодот кога последен пат седеле во општинските клупи.
Според зборовите на Александар Шљука од НВО Нова општествена иницијатива (НСИ), по изборите ќе следи „процес на обновување на локалните институции кои ќе се обидат повторно да воспостават функционална врска со заедницата“.
Тоа се однесува на запирање на практиката на усвојување одлуки што директно ја погодуваа локалната српска заедница – како отстранување на симболи, мурали и промена на имиња на улици – но и на кадровски промени во локалните администрации.
„Може да се очекува и обид одредени одлуки да се поништат или изменат. Меѓутоа, имајќи ја предвид актуелната институционална блокада на централно ниво, што старата гарнитура ја користи за да остане на власт, како противтежа на тие напори треба да се очекува одреден отпор кон одлуките на локалните власти“, изјави Шљука за Дојче Веле.
Донесувањето одлуки на локално ниво, но и целокупната атмосфера на северот, ќе зависат од начинот на соработка меѓу двете нивоа на власт. Токму „квази-кохабитацијата меѓу локалното и централното ниво на власт може да стане извор на конфронтации“, кои, според него, не мора нужно да бидат насилни.
„Конфронтациите сигурно ќе се манифестираат во институционалната арена – преку опструкции, оспорување на надлежности и спроведување мерки што ќе ја ограничуваат автономијата на локалните самоуправи, особено на северот. Очекувано е дека централната власт ќе се труди да ја задржи контролата и да ги минимизира ефектите од враќањето на легитимните српски претставници, додека новите општини ќе бидат под постојан надзор и притисок“.
Иако опасноста од посериозни вонинституционални тензии „моментално изгледа помалку веројатна“, соговорникот на Дојче Веле не ја исклучува таа можност. Во тоа, вели тој, особено значење има позиционирањето на Белград и Приштина.
„Ако продолжи репресивната политика на центарот и пасивниот пристап на Белград, косовските Срби ги очекува тежок период“, оценува политикологот Александар Шљука.
Од друга страна, Беса Луџа, политичка аналитичарка и професорка на Универзитетот во Приштина, во враќањето на Србите на чело на општините на северот гледа потенцијал за нормализација на односите, а не за конфликт и тензии.
Таа истакнува дека „е добра работа тоа што граѓаните од српска националност, односно Српска листа и Вучиќ, изгледа сфатија дека „не можат да имаат влијание ако не учествуваат во политичкиот живот и институциите на северот“, и додава дека се надева на соработка меѓу локалните власти и централните институции.
„Очекувам нормализација на односите, бидејќи од сцената се отстранети елементите што поттикнуваа конфликти – освен ако политиката на Вучиќ не продолжи да се базира исклучиво на опструкции“, нагласува Луџа и додава: „Обичните граѓани се заложници на политиката на Вучиќ и имаат многу малку простор за делување. Но, по формирањето на косовската влада или по нови избори, можеби ќе се појават нови околности што ќе отворат повеќе простор за дијалог и соработка“.
Проблеми за партијата на Курти
Изборите во општините јужно од Ибар беа значително понеизвесни. Функционерите во 17 од 38 општини ќе бидат избрани во наредниот изборен круг – меѓу нив и во Приштина и Јужна Митровица. Во вториот круг, движењето Самоопределување, партијата на косовскиот премиер Албин Курти, ќе се соочи со опозициските партии во 12 локални самоуправи.
Кога станува збор за гласовите за советници во општинските собранија, ЦИК најави дека тие ќе бидат пребројани во текот на денешниот ден и дека резултатите може да се очекуваат во текот на неделата.