1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српски активисти: „Копајте си литиум во Германија“

19 јули 2024

Додека српскиот претседател Александар Вучиќ го очекува германскиот канцелар Олаф Шолц да му го овери почетокот на ископувањето на литиум во долината на Јадар, тамошните жители велат дека не се предаваат.

Србија Рио Тинто Литиум
„Не го даваме Јадар“ на влезот во селото Горње НедељицеФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Во селата во долината на реката Јадар ни високите температури не ја прекинаа работата на нивите. Во оваа област живеат околу 18.000 луѓе, главно млади семејства со деца кои живеат од плодното земјиште. Но, во последните пет години нивниот живот се преврте наопаку, бидејќи компанијата Рио Тинто планира да отвори рудник за литиум во нивната област.

Семејството на ветеринарот и фармер Златко Кокановиќ тука живее со генерации. Тој ја познава секоја педа на својот крај и јасно му е дека нема место и за нив и за рудникот.

„Тука е планирана главната преработувачка фабрика, нашата црква е на неколку стотини метри. Тука дневно ќе се дробат 4.000-5.000 тони карпест материјал, кој ќе се третира со 1.000 тони сулфурна киселина и ќе се измива со огромни количини вода, за да заврши во Јадар“, вели Златко Кокановиќ за ДВ.

Во неговата куќа често заседава „кризен штаб“. Жителите на долината Јадар се организираа во здружението „Не го даваме Јадар“ („Не дамо Јадар“) за заедно да се обидат да го спречат отворањето на рудникот. Затоа што, ако мора да ги напуштат имотите, велат, не само што ќе го загубат домот, туку и главниот извор на приходи, а рудникот ќе ја уништи и животната средина. 

Златко КокановиќФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Автомобили за Европа, батерии за Кинезите, а депонија за нас Србите и болести и ракови и којзнае какви чуда. Подобро да се копа во Србија, отколку во Германија или Франција“, револтиран е и Драган Карајчиќ од здружението „Не го даваме Јадар". 

Владата се предомисли 

За иднината на огромните наоѓалишта на литиум во областа жестоко се дебатира во последните пет години. Додека за локалното население и за дел од граѓаните на Србија тој проект претставува опасност за животната средина, други во него гледаат економски просперитет и шанса за развој на Србија.

По масовните протести низ земјата, Владата на Србија во 2022 година донесе одлука да го прекине проектот што предвидува експлоатација на литиум.

„Со ова, што се однесува до проектот „Јадар“ и Рио Тинто, се е завршено. Готово е“, изјави тогашната премиерка Ана Брнабиќ. 

Поранешната премиерка Ана Брнабиќ во 2022 година изјави дека му е ставен крај на проектотФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Но, на почетокот на месецов Уставниот суд ја поништи одлуката на Владата со образложение дека таа „не е во согласност со Уставот или со законот". 

Владата сега одлучи да продолжи со проектот. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, посочи дека Србија би можела да започне со екстракција на литиум веќе во 2028 година, по новите гаранции од Рио Тинто.

Сметаме дека рудникот нема да загрози никого и ништо, но прво треба да добиеме гаранции од Европа дека животната средина и животот на обичните граѓани ќе се зачува и подобри со нови работни места и подобри плати во споредба со денешните“, рече Вучиќ.

Компанијата Рио Тинто ја поздравува одлуката на Владата на Србија. Најавуваат почитување на највисоките стандарди за заштита на животната средина и отворање на илјадници работни места. Тие веруваат дека проектот „Јадар“ има потенцијал да стане „литиум и боратен ресурс од светска класа“. 

Поддршка за ископувањето од ЕУ  

И Европската унија повеќепати отворено го изрази својот интерес за литиум од Србија. Толку многу што германскиот канцелар Олаф Шолц сега ќе допатува во ненадејна посета на Белград, заедно со потпретседателот на Европската комисија за енергетика, Марош Шефчович.

Тие ќе учествуваат на „Самитот за критични суровини“ во чии рамки Србија и ЕУ ќе потпишат меморандум за стратешко партнерство, кој меѓу другото се однесува на ископ на литиум. 

За пратеникот од опозицијата, Александар Јовановиќ Ќута тоа е „епско злосторство против луѓето и природата“. Тој го нарече Шолц „мала американска марионета“ кој си даде право да ги раселува луѓето од Горње Недељице кои „ја хранат Србија“. 

Пратеникот од опозицијата, Александар Јовановиќ Ќута Фотографија: DW/Jelena Djukic Pejic

„Нека дојдат Шолц и тој Шефчовиќ кај Златко Кокановиќ и нека му кажат: „Види Златко, сакам литиум. Услов за тоа е да исчезнете вие ​​и вашите 100.000 литри млеко што ги произведувате и да се преселите од вашата нива. „Би можел ли тоа да му го каже на некој германски фармер?“, прашува Јовановиќ. Тој најавува општ бунт, но за ДВ додава дека палката за управување им е препуштена на активистите од организацијата „Не го даваме Јадар".

Гладниот на ситиот не му верува  

За Златко Кокановиќ од таа организација сето ова беше очекувано. Тие, вели тој, цело време ја предупредувале јавноста дека Рио Тинто не ја напуштил долината на Јадар и по одлуката на Владата да го прекине проектот, туку дека нивните активности само биле намалени. 

„Во Германија има три пати повеќе литиум, господине Шолц. А се наоѓа во подземни термални води каде што експлоатацијата е многу поедноставна и каде што би имало многу помало влијание врз животната средина. Повелете, па копајте си го вашиот литиум во Германија“, му рекол Кокановиќ на германскиот  канцелар. Тој вели дека не планираат протест во врска со доаѓањето на европската делегација, туку подготвуваат понатамошни активности.

Напуштени куќи во регионот на Јадар купени од Рио ТинтоФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Нема да се бркаме со нив низ Белград и немаме намера да си ја трошиме силата и енергијата, бидејќи тоа е јасно планот и целта на оваа власт да не апси и да не стави зад решетки. Но, нема да им дозволиме да го направат тоа“. 

На последниот голем протест на крајот на јуни, тие и дадоа рок на Владата на Србија до 10 август да донесе закон за трајна забрана за геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор во Србија. Во спротивно, велат, ќе ги блокираат пругите и патиштата.

Пратеникот Александар Јовановиќ Ќута е убеден дека Вучиќ ќе „скрши заби“ на оваа тема. „Имаме работа со компанија која ниту една нормална земја не ја прима во својата куќа, но затоа го најдоа Александар Вучиќ, голем, храбар борец, кој нема храброст да го одбрани својот селанец, туку се стави во служба на Рио Тинто. И затоа Србија ќе го памети и тој ќе си замине од власт“, ​​вели Јовановиќ. 

Во меѓувреме Рио Тинто продолжува со своите активности. Во долината на Јадар веќе имаат откупено 161 хектари земјиште од 854 хектари, колку што планираат. Од тој крај се иселени нешто повеќе од 50 домаќинства, а меѓу 250-те што останаа многумина велат дека нема пари за кои би ги оставиле имотите.

Но, компанијата има и свои трикови. Тука велат дека на сопствениците на куќите им понудиле дополнителни пет отсто од куповната цена доколку го отстранат покривот од куќата. „Тоа се прави за да ги натераат и оние од другата страна да се иселат. Не убиваат психолошки, тоа е психолошка војна“, заклучува Драган Карајчиќ од Недељица. 

Рециклирање на батерии - модерен рудник за ретки метали?

01:17

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми