1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер: Младите генерации иднината ја гледаат во ЕУ

БГ
30 ноември 2022

Патот до ЕУ води преку уставните измени, порача германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер на вториот ден од посетата на С. Македонија

Франк-Валтер Штајнмајер Скопје
Патот до ЕУ води преку уставните измени, порача германскиот претседател Штајнмајер при посетата на С. МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

 „Разговорите за европската иднина беа главна точка на сите мои средби тука. Младите генерации со кои се сретнав уште појасно ми порачаа дека нивната перспектива е насочена кон Европа и дека многу посакуваат да не поминат уште 17 години за да го остварат нивниот европскиот сон”, порача германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер пред завршувањето на неговата дводневна посета на Северна Македонија.

Штајнмајер од утрото имаше прошетка низ Старата чаршија во Скопје, каде, придружуван од домаќинот Стево Пендаровски, разговараше со локалните дуќанџии, но и со група млади луѓе - учесници на школата за политики при Претседателскиот центар за политичко образование и стипендисти на партнерските организации.

Потоа се сретна со творците на филмот „Медена земја” и со главната протагонистка Атиџе Муратова, со која си разменија и домашен мед.

„Во сите разговори заклучив дека е голема желбата не само за приближување, туку и за членство во ЕУ. И земјата многу сработи. Се сеќаваме на долгите преговори за името со Грција кои успешно се завршија. Сега под притисок на една соседна земја, Северна Македонија е пред задача да го смени Уставот за да го стави таму бугарското малцинство. Тоа не се лесни дебати, но начинот на кој се водат тие тука покажуваат две нешта: Прво, страста со која се разговара за прашањата за националниот идентитет, и второ подготвеноста да се слушнат едни со други и да не го загубат патот кон Европа”, изјави Штајнмајер по обиколката на Ветерниот парк во Богданци.

Во тој контекст, Штајнмајер им порача на пратениците во македонското Собрание дека „не треба да го кочат патот кон ЕУ со кусогледи партиско-политички дискусии“. Германскиот претседател вети натамошна поддршка од неговата земја за Северна Македонија, како во поглед на европските интеграции, така и во економската сфера.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми