Германскиот претседател Штајнмајер слави 70 роденден
5 јануари 2026
Оваа година германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер ќе одбележи два значајни настани: на 5 јануари го слави 70 роденден, а на 23 мај за првпат иницира заедничко одбележување на „Денот на Уставот“. Според информациите од неговиот кабинет, роденденот ќе го помине во кругот на семејството, но во мај се надева на големо учество на граѓаните.
Во мај се навршуваат 77 години од прогласувањето на германскиот Устав. Претседателот сака тоа да биде „ден кога ја славиме нашата земја и заеднички ѝ оддаваме почит“. Ако овој ден трајно се воспостави како ден за волонтерски ангажман низ цела Германија, би можел да стане дел од неговото наследство како сојузен претседател.
Надминување на поделбите во општеството
Штајнмаер уште од првиот мандат постави сопствени приоритети: фокусот е на надминување на општествените поделби. Често повикува луѓе од различни области на разговори во замокот Белви, неговата резиденција во Берлин. Редовно ги извршува службените обврски на различни локации низ земјата, организирајќи неформални средби со локалното население. Својата заложба за задолжителна социјална служба за младите, како и иницијативата за „Денот на Уставот“, ја гледа како придонес за општествената кохезија.
„Охрабрување, оптимизам и задржување на позитивен поглед – и покрај кризите и превирањата – тоа е она за што се залагам како претседател“, изјавува Штајнмајер, не само на црковни собири.
Во тоа му помага и неговата вера. Како протестант, Штајнмајер се гледа во традицијата на своите родители: татко му потекнува од протестантскиот регион Липе во Источна Вестфалија, а мајка му од протестантскиот дел на Шлезија. Потекнува од скромно семејство, „без пијано и библиотека“, како што самиот истакнува.
Неговата сопруга, Елке Биденбендер, на која пред неколку години ѝ донираше бубрег, е католик. Бракот го сметаат за симбол на обединување, а не на поделба на вероисповедите. Затоа не изненадува што уште во првата година од мандатот, во 2017, двајцата отпатуваа во Ватикан на средба со папата Франциск. Подоцна го покани неговиот наследник, папата Лав XIV, да ја посети Германија.
Борба против бездомништвото и во кризни времиња
Штајнмаер студирал право и докторирал, а потоа градел кариера во Социјалдемократската партија на Германија (СПД). Двапати бил министер за надворешни работи во различни влади. Како еден од авторите на „Агендата 2010“ и законот „Харц IV“, темата на неговата докторска дисертација може да изненади: пишувал за бездомништвото и правото на домување.
Темата и денес му е важна: редовно ги посетува установите што им помагаат на бездомниците. Средината на декември беше во редакцијата на берлинскиот весник за бездомници „Straßenfeger", каде нагласи дека и во кризни времиња мора да се води борба против бездомништвото.
Војната во Украина и критики за Русија
Вториот мандат на Штајнмајер започна пред речиси четири години – во исто време кога Русија ја нападна Украина. Веднаш се појавија критики за неговата наводно премногу блиска врска со Владимир Путин и поранешниот канцелар Герхард Шредер. Критиките беа толку остри што неколку недели по почетокот на војната Штајнмајер беше изоставен од заедничката посета на Киев со колегите од Полска, Летонија, Литванија и Естонија.
Денес таа дебата е во втор план. Пред повеќе од една година Штајнмајер презеде покровителство над иницијативата за функционална држава, која во летото истата година во замокот Белви ги претстави своите препораки за поефикасна администрација и поблизок однос со граѓаните.
Кон крајот на 2024 година, по распадот на коалицијата СПД–Зелени–ФДП, како претседател го отвори патот за четврти вонредни избори во историјата на Сојузна Република Германија.