1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер во Шопрон: „Ви благодарам, драги Унгарци!“

Розалија Романиец
20 август 2024

Паневропски појадок: Германскиот претседател ѝ се заблагодари на Унгарија за нејзиниот придонес во германското обединување. Пред 35 години, унгарските гранични службеници им овозможија бегство на граѓаните на ГДР.

Франк-Валтер Штајнмаер  Тамаш Суљок
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и унгарскиот, Тамаш СуљокФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Кога ќе се огласи Бетовеновата Ода на радоста - европската химна, излетничкото место Шопрон станува многу тивко.

35 години по историските настани од 19 август 1989 година, околу 200 луѓе се собраа на унгарско-австриската граница за да ја прослават годишнината од „Паневропскиот појадок“, вклучително и многу тогашни сведоци - и двајца претседатели.

„Ви благодарам, драги Унгарци!“, повика германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер до насобраниот народ, истакнувајќи дека ја почитува „храброста на унгарскиот народ, неговата љубов кон слободата и страста за Европа“. „И денес ни е потребна оваа страст за Европа“, порача тој.

Првата пукнатина во Берлинскиот ѕид

Она што тогаш се случи во Шопрон даде одлучувачки  придонес за падот на Железната завеса,  рече Штајнмајер. Во август 1989 година, процесот на трансформација беше во тек во многу земји од поранешниот Источен блок: во Советскиот Сојуз беа започнати реформи со Перестројката, во Полска веќе ги имаше првите полуслободни парламентарни избори, а во Унгарија се зголеми притисокот врз комунистичката влада.

Само раководството на Германската Демократска Република не сакаше да се придвижи во тоа време и се сметаше за последниот бастион на комунизмот во Источна Европа. За разлика од граѓаните од Источна Германија, кои итно бараа патишта за бегство - вклучително и преку Унгарија.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и унгарскиот, Тамаш Суљок положија венци на споменикот на Паневропскиот пикникФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

На 19 август 1989 година, „Австриското паневропско движење“ и  Унгарскиот демократски форум  повикаа на  „паневропски пикник“  во пограничниот град Шопрон.

Тие сакаа да постигнат демонтирање на веќе порозните гранични системи и користеа летоци за да информираат за настан на кој границата симболично ќе се отвори три часа. Многу туристи од ГДР во Унгарија дознаа за можноста да избегаат на Запад.

„Пикникот се претвори во најголемото масовно иселување од ГДР пред падот на Берлинскиот ѕид“, изјави германскиот претседател. Шопрон беше „првата пукнатина“, а помалку од три месеци подоцна падна Ѕидот во Берлин.

„Не сакав крвопролевање“

„Планот беше само службениците да ја преминат границата, но не и обичните граѓани“, вели Арпад Бела, кој во тоа време бил висок граничен службеник и имал наредба да употреби сила доколку е потребно.

„Кога видов дека колку многу луѓе се движат, имав 30 секунди за размислување и решив едноставно да не правам ништо. Не сакав крвопролевање“.

Потоа првично му се заканувал затвор. Но, кога унгарската влада сфатила дека режимот во Москва не бара никакви последици, Унгарија официјално ги отвори границите три недели подоцна и им дозволи на илјадници граѓани на ГДР да патуваат на Запад. Три месеци подоцна Ѕидот беше урнат.

„Пикник“ и бегство - многу луѓе од ГДР ја искористија приликата да побегнат преку границата на Источниот блок во 1989 година во Шопрон Фотографија: dpa/picture alliance

Брачната двојка Собел била меѓу излетниците во Шопрон. „Ја направивме вистинската работа во вистинско време и денес сме горди што тогаш имавме храброст", раскажуваат тие.

Валтер и Симоне Собел ѝ се бескрајно благодарни на Унгарија, велат тие. Тие се во дилема околу фактот што Унгарија денес е критикувана во Европа за едностран настап.

„Светските настани се толку комплицирани што човек не сака да зборува многу за нив“, вели Симоне Собел. „На Унгарија секогаш сакам да ѝ кажам само - благодарам."

Различни визии

Благодарам – тоа е и најважната порака на Штајнмајер при неговата прва посета на Унгарија како германски претседател. Неговиот говор звучеше како да сака повторно да повика и да го разбуди европското единство во Унгарија, спротивно на моменталниот тренд во земјата.

Да,  меѓу Брисел и Будимпешта веќе извесно време има потешкотии и разлики во мислењата,  но сепак треба да продолжиме меѓусебно да разговараме - ова го нагласуваа и двајцата претседатели, Франк-Валтер Штајнмајер и Тамаш Суљок.

Посетата на Штајнмајер покажува колку се различни визиите за Европа во двете земји. Сојузниот претседател потсети на високото ниво на унгарска поддршка за пристапување во ЕУ и дека повеќето Унгарци се идентификуваат со Европа.

Тој апелираше на „солидарност и самоопределување наместо изолација“ и упати повик до луѓето да ја искористат годишнината од Шопрон како можност „уште еднаш да ја следат нашата заедничка европска судбина“.

Додека пак неговиот унгарски колега нагласи колку се важни „националниот идентитет, култура, традиција, јазик и суверенитет“ за Унгарија. Она што ја обединува Европа се нејзините христијански корени.

Во својот говор, Суљок потсети на повеќе од илјадагодишната историја на христијанството во неговата земја и се залагаше за Европа која треба да постои како „слободна заедница на независни национални држави“.

Каква Европа?

Ова беше добро прифатено од публиката. „И ние сме за Европа, но како суверена земја“, вели Естер Данст, која како современ сведок добро се сеќава на еуфоријата од 1989 година.

Не ѝ се допаѓа како се развива Европа денес. Брисел сака да регулира сè, како што правеше Москва порано, вели сениорката. „Денес сакаме сами да одлучиме кој ќе дојде во нашата земја“. Нејзината пријателка кимнува со одобрување.

Мајка со дете по масовното бегство преку Унгарија во Австрија во 1989 година Фотографија: dpa/picture alliance

Граничниот службеник од тоа време, Бела, е загрижен за актуелните случувања, како и за нарушените односи меѓу Западот и Унгарија, која моментално претседава со Советот на ЕУ.

„Односите во моментов се многу лоши“, вели тој. „Треба многу повеќе да разговараме еден со друг“. Го растажува фактот што денес, 35 години по пикникот, повторно треба да доживее затворање на границите.

Силна порака, слабо ехо

Германскиот претседател и на прес-конференцијата во Шопрон упати јасна порака до унгарската влада. Со оглед на новите геополитички предизвици, единството и способноста за дејствување на ЕУ мора да се одржуваат, предупреди тој.

„Со своето  претседавање со Советот на ЕУ, Унгарија има важна улога во зајакнувањето на единството во ЕУ и унапредувањето на конструктивни и заеднички решенија за прашањата на иднината“. Германија, како и сите други земји на ЕУ, се надева дека „Унгарија ќе ја прифати и исполни оваа улога“.

Може само да се претпостави дали и како пораката ќе стигне до унгарската влада.  Премиерот Виктор Орбан,  кој ја обликуваше земјата како никој друг со својот национален и еврокритички курс, остана настрана од прославите. И Штајнмајер не одлета за Будимпешта потоа, туку назад во Берлин.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми