Недостигот од станови во Германија ќе се влошува
15 март 2025
Ен Хаферкорн и Георг Штајн итно бараат стан со прифатлива цена. Со две деца и работа од дома, на семејството му треба најмалку четирисобен стан во малиот провинциски град Шпајер или околината. Можат да си дозволат околу 1.600 евра месечно за вкупна кирија.
„Лепевме плакати во старечки домови и градинки, делевме летоци, разговаравме со луѓе на улица или во кафулиња, стававме огласи во весници. Конкуренцијата е едноставно преголема“, вели Штајн. Понижувачки е кога нема да добиете ниту одговор, се жали овој млад татко.
Едноставниот стандард е тешко достапен
Кириите во Германија вртоглаво растат со години. Според истражувачкиот институт Емпирика, стан од 60 квадратни метри со едноставен стандард во Берлин во 2024 година чинел 650 евра, без трошоци за комунални услуги. Другите градови како Франкфурт на Мајна или Штутгарт се уште поскапи, а киријата е 790 евра и 800 евра. Минхен е лидер со 1.150 евра. Дури и со добри и сигурни работни места, многу луѓе се одбиени кога бараат стан.
„Луѓето како полицајци, медицински сестри, но и самохрани родители и оние со странски презимиња често се занемарени. На нив им е особено тешко, но всушност целото општество е сега погодено, а не само оние со ниски примања“, вели Лукас Зибенкотен од Германското здружение на станари.
Проблемот е познат одамна. Во борбата против високите кирии, поранешната коалиција имаше намера да ја поттикне изградбата на станови. Планот беше да се градат 400.000 станови годишно, од кои 100.000 ќе бидат јавно субвенционирани. Сепак, според проценките на експертите, само нешто повеќе од половина од нив беи изградени до 2024 година.
Градежништвото е во криза
Според Зибенкотен, никој не треба да троши повеќе од една третина од расположливиот нето приход на домаќинството за домување. Во реалноста, милиони луѓе издвојуваат повеќе од 40 отсто, а стотици илјади повеќе од 50 отсто, вели тој.
Во меѓувреме, градежната индустрија е во длабока криза. Неизвесноста кај потенцијалните купувачи се чувствува насекаде. Ларс Диел е проект менаџер во Krieger + Schramm Frankfurt RheinMain GmbH & Co. КГ. Тој вели дека многу купувачи го оправдуваат чекањето да купат дом со надеж дека ќе паднат каматите или со пад на трошоците за изградба.
Тој и самиот стравува дека изградбата во иднина ќе биде уште поскапа. Многу вработени, вели, ја напуштиле индустријата поради кризата. Во случај да може пак да се изгради повеќе, ќе има недостиг од кадар. „Апсолутно ни требаат квалификувани работници од странство за да ги пополнат тие празнини, но на овие луѓе им треба и сместување, а тоа ја комплицира ситуацијата“, вели Диел. Поради лошата економска состојба, вели тој, се градат многу помалку куќи за едно или две семејства отколку пред неколку години.
Ситуацијата за станарите може да се влоши
Економистот Матијас Гунтер од Институтот Пестел претпоставува дека тоа ќе ја влоши ситуацијата за станарите: „Додека претходно приватно домаќинство можеше да плаќа за семејна куќа од 1.100 до 1.200 евра, денес му требаат 1.700 до 1.800 евра, а многумина тоа не можат да си го дозволат“. А, тоа е секако проблем и за пазарот за изнајмување станови. „Бидејќи овој недостиг едноставно значи дека луѓето остануваат во своите станови и повеќе не ги даваат становите за изнајмување“, рече тој.
Пред се, недостигаат социјални станови. Според Гунтер, во 1987 година само во Западна Германија имало околу четири милиони социјални станови. Денес ги има само 1,1 милион, што е помалку од пет проценти од станбениот фонд за изнајмување. Тоа значи, вели тој, дека веќе нема никакво влијание врз намалувањето на цената.
За оние кои примаат социјална помош, државата ги покрива трошоците за сместување. Сепак, критичарите се жалат дека многу лесно се прифаќаат високите кирии што ги поставуваат сопствениците. „Ако во одредени градови се плаќаат трошоци за домување од 12 евра по квадратен метар или повеќе, тогаш обичниот граѓанин со помал приход повеќе не може да си го дозволи тоа, додека примателите на социјална помош можат. Ова доведува до големи социјални проблеми и на крајот државата дополнително го поттикнува зголемувањето на киријата, бидејќи прифаќа толку високи трошоци за домување“, вели Гунтер.
Нема максимизирање на профитот во Ројтлинген
Постојат можни решенија, како на пример во Ројтлинген во сојузната покраина Баден-Виртемберг. Таму градоначалникот Томас Кек се бори со станбената криза. Максимизирањето на профитот во јавните станови е погрешен пристап, смета тој. Затоа, потребно е да се намалат очекувањата за поврат на инвестицијата, за да може да се градат станови.
Неодамна во Ројтлинген беше изграден станбен објект со вкупно 76 станови. Просечната закупнина за јавно субвенционирани станови е 8,88 евра за метар квадратен, а дури и становите финансирани без државна поддршка се значително под просечната пазарна закупнина.
Повисоки даноци за супербогатите?
Тоа е првиот чекор, но во иднина сите засегнати страни ќе треба да преземат мерки за да се спротивстават на недостигот на станови. „Јавниот сектор, станбените компании, институциите, црквите, синдикатите: само ако сите се здружат, можеби ќе успееме во период од 30 години да го обновиме социјалниот станбен фонд што некогаш го имавме во Германија во 1970-тите и 1980-тите“, рече Кек.
Доволно станови за 30 години? За да функционира ова, здруженијата бараат мерки за финансирање како што се зголемување на даноците на наследство за супербогатите и нови, небирократски програми за финансирање, но дури и тогаш ситуацијата првично ќе се влоши. Затоа што во станови коишто денеска не се изградени, не може да има вселување утре. Идната влада ќе има огромна задача да ги направи барем првите чекори кон пресврт.