Стаорците закана за Скопје - кои болести ги пренесуваат?
23 октомври 2025
Купиштата ѓубре во Скопје кои со денови се трупаат на улиците на главниот град се идеално „гнездо“ за размножување на глодарите.Глувците и стаорците се познати преносители на сериозни заразни болести: лептоспироза, хантавирус, па дури и бубонска чума. Тие болести се пренесуваат преку урината, изметот, плунката и болвите на глодарите, предупредуваат епидемиолозите.
„Стаорците се размножуваат според експоненцијална прогресија: во период од само 18 месеци еден пар може да даде повеќе од еден милион потомци. Тоа е биолошки факт. Експоненцијалниот модел претпоставува неограничени ресурси како храна, вода и простор. Таа претпоставка во Скопје е исполнета! Прашањето што се поставува е колку ли се накотени досега, кога условите се оптимални, а сметот се натрупува со месеци (и години)?“, прашува епидемиологот Драган Даниловски.
Скопје со денови е затрупано во ѓубре, поради неисчистените контејнери, поради што се претвора во темпирана бомба за епидемија. Микробиолозите предупредуваат дека ситуацијата е алармантна.
Според Центарот за контрола на болести, и стаорците и глувците се одговорни за пренесување на преку 35 болести ширум светот. Има многу опасни болести поврзани со глодари кои можат да ги погодат луѓето како што се: хантавирус, треска од каснување од стаорец, чума, тифус на глувци, лептоспироза, лајма болест, свинска дизентерија и салмонела.
„Симптом на системски распад“
Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ со денови не го собира отпадот, со што купишта ѓубре се прелеваат од контејнерите. Дел од општините најавија дека ќе се обидат сами да се справат со проблемот.
„Оваа слика веќе не е само прашање на естетика или урбан ред — туку прашање на јавно здравје. Состојбата кулминираше со немил настан: дете беше каснато од глушец во училишен двор, во чија непосредна близина имало насобрано ѓубре“, вели Даниловски во објава на социјалните мрежи.
Тоа, според него, не е веќе инцидент, туку симптом на системски распад. „Прашање е на време кога ваквиот немар ќе доведе и до пренос на зараза“, укажува епидемиологот.
Црвена линија
Неконтролираното ширење на глодари може да има катастрофални последици. Во Средниот век, меѓу 1347 и 1352 година, бубонската чума („црната смрт“) однесе од 75 до 200 милиони животи – речиси половина од населението на Европа.
„Денес имаме научна медицина, јавно-здравствени системи и антибиотици, но би било неодговорно да дозволиме да се создава биолошки резервоар на зараза во срцето на главниот град. Каснувањето на дете од глушец во училишен двор е црвена линија што не смееше да се премине“, дециден е лекарот.
Епидемиолозите укажуваат дека е потребна најитна, координирана интервенција на сите надлежни институции – по потреба и со прогласување вонредна состојба на делови од територијата на градот - првенствено заради дезинфекција, дезинсекција, дератизација и отстранување на ризикот по јавното здравје.
„Откако опасноста ќе се неутрализира, мора да следи и јасна институционална одговорност. Зашто, правото на здравје е уставно загарантирано право на секој граѓанин“, вели Даниловски.
Проблемот со нехигиената во градот ескалираше во екот на локалните избори во Македонија, кога меѓу другото се бира и наследникот на градоначалничката Данела Арсовска кој во наредниот период ќе треба да се фрли во костец со најгорливите проблеми во Градот Скопје- а меѓу нив е и ѓубрето.