Старечки домови под лупа– истрага за нехуман и суров третман
8 октомври 2025
Два старечки домови во Скопје се најдоа под лупа на институциите поради сомнежи за нехуман и суров третман на штитениците. По пријава на МВР, Обвинителството ќе истражува што се случувало во приватните домови за згрижување на стари лица во населбите Бутел и Центар, за каде се добиени сознанија дека семејствата плаќале многу, а нивните најмили не го добивале соодветниот третман. Напротив, според полициската пријава, им била делена расипана храна, неколкумина спиеле во еден кревет поради преоптовареност на сместувачките капацитети, но и физички и психички биле малтретирани немоќни лица.
„Дел од корисниците биле постојано заклучувани во посебни простории, а на еден дел им била давана терапија со лекови кои не биле препишани од лекар“, информираа од МВР.
По наредба на јавен обвинител, на сите згрижени лица им е извршен лекарски преглед и анализи од страна на стручни лица од Институтот за судска медицина. Установите се затворени, а со координација на надлежните државни органи за корисниците е обезбедено соодветно сместување.
Пријава за две лица
Полицијата поднесе кривична пријава, а судот им одреди притвор на двете сопственички на домови на возраст од 47 и 58 години, поради „продолжена злоупотреба на службената положба и овластување“. „Двете осомничени, во својство на сопственички и овластени лица на две приватни установи за социјална заштита на стари лица во Скопје, постапувале спротивно на Законот за социјална заштита и со намера да прибават за себе имотна корист потешко ги повредиле правата на згрижените лица“, велат од МВР.
Утврдени се низа недоследности и пропусти во работењето. Вонредниот инспекциски надзор покажал дека за услугата, која не исполнувала стандарди и законски услови, од корисниците и нивните блиски наплаќале значителен паричен износ. Месечно од двата објекти остварувале имотна корист во вкупен износ од над 2,2 милиони денари.
Што покажале проверките на МВР?
Двете приватни установи, во периодот од 2022 година до денес, според МВР и Обвинителството, сместувале корисници над дозволениот капацитет, неуредно ја воделе евиденцијата, немале вработено соодветен број стручни кадри во смена, а имале вработено лица без соодветна документација.
При извршените претреси во двете установи, утврдено е дека двете осомничени, корисниците ги изложувале на „сурово, нечовечко и понижувачко однесување“. Првообвинетата во домот во Бутел сместила 27 корисници – стари лица, иако имала дозвола само за 21 лице, а заедно со второобвинетата во установата во Центар сместиле 33 корисници – стари лица, иако имале дозвола само за 17 лица, наведуваат од МВР и Обвинителството.
Спротивно на сите правила, во собите сместувале женски и машки лица заедно. Немале обезбедено кревети за сите корисници, па дел од корисниците спиеле на тросед во дневната соба или по две лица спиеле на ист единечен кревет. На сите корисници во двете установи им биле давани оброци со производи со изминат рок.
Обвинителството информираше дека се обезбедени докази со кои се потврдуваат сомнежите на полицијата. По наредба на јавен обвинител, на сите згрижени лица им е извршен лекарски преглед и анализи од страна на стручни лица од Институтот за судска медицина. Установите се затворени, а со координација на надлежните државни органи за корисниците е обезбедено соодветно сместување.