1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стари скопски и нови келнски есенски слики

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
24 октомври 2022

Кулинарството е помудро од политиката: тоа знае дека секоја нација и‘ дава свој белег на храната со исти состојки. А тоа е тајната на убавината и на творештвото. Пишува Кица Колбе

ДуњаФотографија: DW/V. Kern

Уште ги нема дуњите и мушмулите, си помислив, кога пред некој ден поминав крај турскиот дуќан за овошје во улицата спроти Универзитетската клиника во Келн. Само таму, во турските дуќани во Германија, ги купував досега овошките што ги знам од скопските пазари. Тие дуќани не ме привлекуваа само затоа што ги продаваа долгите, жолти пиперки за пинџур и дињите со зеленикаво-жолта корупка, кои имаа многу сладок вкус. Тој вкус го сакаше баба ми и ги јадеше со леб и сирење, а понекогаш тоа денес го чинам и јас. Турските  дуќани во Германија ги сакам зашто нивниот изглед е небаре малечка копија на сликата на дуќаните во турска чаршија и Бит пазар. Тие не се преполни со гајби само пред влезот, туку уште повеќе во внатрешноста на дуќанот. Затоа, кога денес почнав да пишувам за нив, свесно не го употребив зборот „продавница”, туку токму турцизмот „дуќан“, за да истакнам колку силно луѓето како мене во Германија, кои потекнуваат од Балканот, во таквите дуќани се чувствуваат дека се небаре за миг пренесени во скопските пазари, со сета мешавина од мириси и вкусови кои ги паметам од детството. Таму купувам семки и леблебија, сусамлии, локум и алва во сите варијанти, а и „Вегета“! Тоа што тие дуќани се обично мали, натрупани со стока, ме натера во пандемијата да ги избегнувам. Така, полека ги заборавив и есенските слики во оние германски улици, кои ги создаваат ваквите дуќани, питорескни сведоштва не само за турската, ориентална култура на пазари, туку и за балканската, скопската. 

Кога зреат дуњите? 

Завчера, на поминување, во една од гајбите пред влезот уште од далеку ги здогледав калинките и зеленикавите дињи. Само дуњите ги немаше! Помислив дека веќе сум заборавила кога зреаат дуњите. Гугл ме поучи дека дуњите (на латински, cydonia oblonga), зрееле во октомври, а требало да се обрани најдоцна до пред првиот мраз во ноември. Затоа паметам дека кога во Скопје ќе започнеа да  фучат студени ветрови, а гранките на сите овошни дрвја беа одамна оголени, само  на тие од дуњите уште висеше понекоја заборавена овошка. Патем, за мене дуњите се симболот за мирисот на скопската есен и на скопските пазари. Толку силно ми недостигаше тој мирис во првите години во Германија, што постојано сликав платна во „дуњожолто“. 

Турска продавница во КелнФотографија: DW/N.Sattar

Една германска пријателка, која беше единствената за која знаев дека ги сака дуњите и секоја есен готви мармелада од дуњи, понекогаш пред Божиќ ме изненадуваше со кошничка мирисливи дуњи, кои нејзе секоја есен и‘ ги праќаше пријателката од Швајцарија. Тие, додуша, не беа толку крупни, мазни и тркалезни како скопските, туку ситни, полни со нерамнини, но затоа ја имаа истата киселкаста благост кога ќе ги испечев со шеќер во рерната. Печените дуњи за мене се уште сѐ вкусот на есента! При првиот загриз (моите егејски баби велеа, „кашеј“ и „кашејче“!) веќе ја гледав прабаба ми како ги пече врз  црната плоча од старинскиот шпорет, на кој пред земјотресот во нејзината одаја се готвеше и се загреваше домот. Мирисот на дуњите во одаите  на моето детство во Скопје беше чуварот на паметењето на летото. Во спалните, во дневните одаи, кои обично не се загреваа, врз шифоњерите и витрините дуњите беа наредени како некое егзотично жолто писмо, кое бдееше со својот мирис во зимскиот безмирисен студ, за да не го заборавиме летото. Тоа само по себе за мене од дуњите правеше шифра  за копнежот по  летото и за Југот. 

Сега, кога сите говорат само за страшната зима што ни претстоела, веднаш помислувам на студените зими во предземјотресно Скопје, кога преку ноќ паѓаа такви големи снегови, што  изутрината ги наоѓавме вратите и прозорците завеани до еден метар. Во такви зими мирисот на дуњите во спалната магично нѐ топлеше. Паметам, веднаш  пред вратата  на куќата во Ченто имавме ниско дрво од дуња, со  игриво загранети,

накривени жилави гранки, кои под тежината на родот секоја есен се наведнуваа удолу. Плодовите редовно ме удираа по челото, кога брзајќи излегував од дома, заборавајќи најнапред да ја тргнам настрана гранката што висеше пред вратата. Тоа им се случуваше на сите во фамилијата, неколкупати во денот. И никогаш никој не посака да ја исече таа гранка! Зашто тоа беше ритуалот на есента, која буквално не удираше по глава со своите мирисливи плодови. Затоа бев восхитена кога во една келнска градина, токму пред влезот, речиси на иста положба како нашата некогашна скопска дуња, во една пролет здогледав  разгрането дрво на дуња. Никогаш не видов дали тоа беше плодно, затоа што никогаш не поминав повторно таму во есента.

Затоа што одамна не живеам во Скопје, не знам дали во скопските градини уште секоја есен зреат дуњите и мушмулите. Паметам дека татко ми засади мушмула во градината во куќата во Ченто, веднаш по земјотресот, но тоа не се одржа долго. Затоа се радував секогаш кога ќе поминев крај градината на една куќа во улицата во која имаше мушмула. Пред некоја година, кога бев во Скопје, забележав дека куќата е напуштена, градината зарасната во коров, затоа што  децата на веќе починатите домаќини одамна заминале во странство. Затоа во една келнска стара градина долго време му се радував на  едно старо мушмулино дрво. 

Кица КолбеФотографија: Privat

Всушност, денес во келнските градини има многу медитерански билки и дрвја. Стари маслинки со дебели стебла растат и носат понекој плод (кој, додуша никој не го бере!) засадени толку близу до ѕидовите на куќите за да ја впиваат топлината. Истото е и со дрвјата на смоквите, со палмите, со олеандрите, со лавандата, со италијанските домати кои сега можат да се видат во многу германски градини, но и на терасите и на балконите. Ретки се уште само дрвјата на калинките и на дуњите. Затоа е многу ретко да најдете мармелада од дуњи во келнските самопослуги, освен во продавниците за природни производи. Таму може да се купи не само желе и мармелада, туку и ликер од дуњи. 

Културни наративи 

Балканските овошни пазари нѐ учат на една поголема  толерантност во дефинирањето на тоа што смее и што не смее да припаѓа, во исто време, на неколку „национални наративи". Националните наративи, всушност, се културни наративи. И што е најинтересно, тие траги од други култури во секоја балканска култура се малку видоизменети. Затоа македонскиот и бугарскиот кебап не се еднакви по вкус. Ниту пак турскиот и скопскиот бурек! Тоа значи, кулинарството е помудро од политиката: тоа знае дека секоја нација и‘ дава свој белег на храната со исти состојки. А тоа е тајната на убавината и на творештвото!

Зошто Македонија не е огромна градина како Холандија?

Националните наративи ја опишуваат и нашата специфична култура на живеење и доживување на светот, доколку нацијата не ја разбереме биолошки, како крвно племенско сродство. Притоа, националната кујна, градинарството, плодовите и овошките не се раководат според државните граници. Во балканското градинарство и овоштарство на најубавиот начин се измешани сите траги од изминатите времиња и кулинарски навики на царствата кои постоеле на тој простор. Тие одамна пропаднале, како Византиското, но зад себе ги оставиле во Македонија, на Балканот, на пример, црниците и дудинките, затоа што во Византија цутело свиларството. Како што одамна е пропаднато Османското царство,  но неговото наследство во балканското кулинарство и градинарство остана засекогаш во нашата балканска кујна и во нашите балкански градини.

Затоа, можеби, Бугарите и Македонците треба најнапред да се  запознаат преку кујната и градинарството, за да сфатат дека тоа што го сметаат само за „бугарско” или само за „македонско”, всушност, не е само нивно, зашто е трага од некои други култури и народи кои во минатото постоеле на таа балканска почва која, за среќа, не памети само војни и  прогонства, туку и различни култури на градинарство и кулинарство. Денешното германското општество е отворено за сите култури на живеење, особено за медитеранската, а со тоа се збогатува и типична германска кујна и градина. Затоа не е повеќе чудно да видите среде келнска градина дрво на дуња или мушмула, но и дуќани кои личат како да се во Истанбул, во Сараево или во Скопје. 

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми