1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Старлинк: Како Илон Маск владее со интернетот

Ангела Гепферт | Тагесшау
20 октомври 2022

Независно дали се работи за Украина или Иран: сателитскиот интернет Старлинк на Илон Маск може да ја промени историјата. Експертите гледаат сѐ покритички на ваквата концентрација на моќ.

Милијардерот Илон Маск го активираше својот Старлинк во Украина уште на крајот на февруари
Милијардерот Илон Маск го активираше својот Старлинк во Украина уште на крајот на февруариФотографија: Joan Cros/NurPhoto/picture alliance

Интернетот е моќно оружје. Властите во Иран го знаат тоа - поради што строго го ограничија интернетот по избувнувањето на протестите во земјата. Но, сега, според медиумски извештаи, во Иран се појавија првите терминали за сателитскиот интернет сервис Старлинк.

Промена на локацијата. Украина: Старлинк е централното средство за комуникација за украинската војска од почетокот на војната. Милијардерот Илон Маск го активираше својот Старлинк во Украина уште на крајот на февруари и подоцна ги испорача потребните системи за прием.

Промена на локацијата. Германија: Минатата недела округот Ојскирхен објави дека ќе купи Старлинк-системи за сите општини како начин за комуникација во ургентни ситуации. По катастрофалните поплави во 2021 година, Маск, во акција организирана набрзина, испрати 50 приемници за неговата сателитска интернет услуга во регионот на катастрофата.

Моќниот милијардер Маск

Овие три примери покажуваат дека брзиот интернет потенцијално може да има одлучувачко влијание врз текот на историјата. Оној кој ќе определува кој, каде и кога ќе добие интернет, има голема одговорност - и речиси неограничена моќ. Сега, ситуацијата е таква што најголемата сателитска флота во орбитата на Земјата не е управувана од евентуално регулирана државна организација, туку од приватно лице: Маск не е само моментално најбогатиот човек на земјата, туку и основач и шеф на приватната вселенска компанија СпејсИкс. Старлинк е фирма-ќерка на СпејсИкс. Денес, во ниската орбита на Земјата има 3.176 сателити Старлинк, од кои 3.131 се во функција, наведува астрономот и астрофизичар од Харвард, Џонатан Мекдауел на својата приватна веб-страница.

Скап интернет за Украина

Овозможување брз интернет во сите делови на светот - тоа е декларираната цел на Старлинк. Но, брзиот интернет од вселената е скап. Според сопствени наводи, Старлинк сѐ уште губи многу пари. Според писмо на СпејсИкс, цитирано од американската телевизија Си-Ен-Ен, само операцијата во Украина до крајот на годината ќе чини повеќе од 120 милиони долари. Во следните дванаесет месеци тоа ќе бидат речиси 400 милиони долари. Поради тоа, Маск минатата недела прво објави дека нема да го финансира Старлинк во Украина „на неопределено време“ и дека сметката во иднина треба да ја преземе Пентагон.

Карикатура: Илон Маск на површината на Земјата бега од „компјутерски сателити“ и вели: „Јас нема да платам“Фотографија: DW

Непостојаноста на господинот Маск

Но, во саботата вечерта (15.10), шефот на Тесла потоа направи пресврт на Твитер: „По ѓаволите... Иако Старлинк сè уште губи пари, а другите компании добиваат милијарди пари од даночните обврзници, ние ќе продолжиме да ја поддржуваме украинската влада бесплатно.“

Маск е познат по своите промени на расположенија и непостојаност,натегањето околу преземањето на Твитер е само еден пример за тоа. Но, концентрацијата на моќ во рацете на непредвидлив милијардер не е единственото нешто што го критикуваат експертите во врска со Старлинк.

Хорор сценарио: Кеслеровиот синдром

Истражувачите укажуваат и дека Старлинк ги поставува своите сателити првенствено во „ниската орбита на Земјата“ (ЛЕО). Ова може да доведе до озлогласениот Кеслеров синдром. Научникот на НАСА, Доналд Кеслер, уште во 1978 година предвиде верижна реакција предизвикана од зголемениот број на објекти во орбитата блиску до Земјата. Судирите тогаш би биле неизбежни, остатоците повторно би се судирале еден со друг и на крајот облак од остатоци би го исполнил целиот простор блиску до Земјата. Вселенските летови или работата на сателитите тогаш веќе не би биле можни. Освен тоа, ЛЕО-сателитите согоруваат во атмосферата по само пет до седум години. Сè уште не е целосно јасно какви ефекти ќе има ова врз атмосферата на Земјата. И многубројните лансирања на ракети се критикувани од еколошки аспект.

Основачот на Амазон, Џеф Безос, исто така има сателитски планови

Со вселената не е опседнат само шефот на Тесла и СпејсИкс, Илон Маск. Џеф Безос, основач на гигантот за е-трговија Амазон и на вселенската компанија Блу Ориџин, му е „духовен брат“ на Маск. Амазон минатата недела објави дека на почетокот на следната година ќе ги лансира првите два прототипа на своите Кајпер-сателити. Околу Земјата, како што се вели, ќе кружат вкупно 3236 Кајпер-сателити. Поради тоа, орбитата блиску до Земјата наскоро би можела да се „дозатне“. И еден милијардер во иднина би морал со друг милијардер да сподели барем мал дел од својата моќ што му ја дава сателитскиот интернет.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми