1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стармер и Ши планираат поблиски врски меѓу Лондон и Пекинг

ЖА / агенции
29 јануари 2026

Кир Стармер е во Кина на првото патување на британски премиер од 2018 година. Тој е последен во низата европски лидери што неодамна ја посетија Кина, а наскоро ќе следи и германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Британскиот премиер Кир Стармер и кинескиот претседател Ши Џинпинг се ракуваат застанати пред знамиња на Обединетото Кралство и Кина
Британскиот премиер Кир Стармер и кинескиот претседател Ши Џинпинг се залагаат за поблиски врски меѓу Лондон и ПекингФотографија: Carl Court/Getty Images

Британскиот премиер Кир Стармер и кинескиот претседател Ши Џинпинг   се залагаат за поблиски врски меѓу Лондон и Пекинг. Клучно е понатамошно развивање на билатералните односи и „идентификување на можности за соработка, но и водење значаен дијалог за областите каде што се разликуваме“, рече Стармер за време на состанокот со Ши во Пекинг, дополнувајќи дека Кина е „клучен играч на светската сцена“.

Ши, исто така, ја нагласи потребата од зголемена размена меѓу двете земји. „Кина и Обединетото Кралство мора да го зајакнат дијалогот и соработката, без разлика дали за одржување на светскиот мир и стабилност или за унапредување на економиите и условите за живот на двете земји“, му рече кинескиот лидер на Стармер за време на нивниот состанок во Големата народна сала.

Ши призна дека постојат тешкотии што ќе мора да ги надминат, но рече дека соработката меѓу двете земји би можела да отвори „ново поглавје“ во нивните односи.

По средбата, Ши и Стармер треба да ручаат заедно. Се очекува британскиот премиер да разговара и со кинескиот премиер Ли Чијанг попладне. Лондон и Пекинг планираат да потпишат договор за соработка за зајакнување на борбата против трговците со луѓе за време на посетата на Стармер, која се очекува да трае до сабота.

Посетата на Стармер доаѓа во услови на растечки тензии со американскиот претседател  Доналд Трамп. Трамп неодамна се закани, меѓу другото, со  царини за Канада  доколку земјата потпише трговски договор со Кина. Стармер ги отфрли загриженостите дека поблиските врски со Пекинг би можеле  да го налутат Вашингтон.  Тој изјави дека односот со  САД е еден од најблиските што ги има Велика Британија - без разлика дали е во одбраната, безбедноста или трговијата. Тој се смета себеси за „прагматичар“ кој не мора да избира помеѓу САД и Кина. Стармер е придружуван од делегација од повеќе од 50 претставници на бизнисот.

На крајот на февруари, и германскиот канцелар Фридрих Мерц планира да го посети Пекинг. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми