На боиштата во Сирија и Ирак заминале 143 лица од Македонија
13 декември 2024Проценките на Националниот комитет за спротивставување на насилниот екстремизам и тероризмот се дека 143 граѓани на Северна Македонија (исклучувајќи деца) патувале или се обиделе да патуваат во Сирија или Иракза да се приклучат на терористички групи во изминатите години. Од овие 143 возрасни (133 мажи, 10 жени), се верува дека само четворица останале во камп за раселени лица во североисточна Сирија. До крајот на 2023 година, Северна Македонија репатрираше 19 раселени и 11 задржани државјани од североисточна Сирија. Македонските власти го проценија нивото на терористичка закана како „средно,“ имајќи ги предвид војната во Украина, развојот на настаните на Блискиот Исток и присуството на поранешни членови и симпатизери на „Исламска држава“.Ова се нотира во последниот извештај на Стејт департментот за тероризмот во светот.
Во него се посочува дека Северна Македонија во 2023 година направила напредок воборбата против тероризмот со усогласување на стратешките документи со законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди, зајакнување на капацитетите за истрага и гонење кривични дела поврзани со тероризам, како и размена на информации за спречување на радикализација на насилството и напредок во реинтеграцијата на повратници од воените зони.
Македонската Влада во мај усвои национални стратегии за контратероризам и спротивставување на насилниот екстремизам со соодветни акциски планови кои се фокусираат на превенција на онлајн радикализација кон насилство, „десничарски екстремизам“, реинтеграција, потреба од специјализирани обуки за полицајци и социјални работници, и ажурирани стратешки приоритети, вклучително и воспоставување база на податоци за повратници. Земјата соработуваше со напорите на САД за контратероризам, вклучително и рана детекција, а стратегијата беше финализирана и со поддршка од експерти на Европската комисија.
Кои се главните терористички закани во земјата?
Главните терористички закани во Северна Македонија се главно поврзани со „претходно репатрирани странски терористички борци од Сирија и Ирак, како и со домашен екстремистички тероризам“. Во 2023 година во земјата не биле пријавени терористички инциденти.
Законодавната рамка на Северна Македонија овозможува гонење на осомничени и соучесници во терористички активности или лица кои учествуваат во странски војни. Стејт департментот оценува дека казните за кривични дела поврзани со тероризам значително се подобриле во споредба со претходните години и со други земји од Западен Балкан.
„Министерството за правда на САД обезбеди менторство и докази од бојното поле за случаите на кои работеле обвинители и истражители. Апелацискиот суд во Скопје лани во јуни ја зголеми казната на странски терористички борец репатриран во 2021 година за ширење пропаганда на „Исламска држава“ од шест на осум години затвор. Во август, Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција поднесе обвиненија против двајца такви борци за учество во непријателска армија“, се посочува во извештајот.