1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стејт департмент: Да продолжи дијалогот меѓу Скопје и Софија

ДТЗ
8 август 2023

САД силно ја поддржуваат целосната интеграција на Северна Македонија во ЕУ и бараат да продолжи билатералниот дијалог за решавање на разликите со Бугарија.

Стејт департмент
Стејт департментот го охрабрува дијалогот меѓу Скопје и Софија Фотографија: Yasin Ozturk/AA/picture alliance

Американскиот Стејт департмент ги охрабрува владите на Северна Македонија и на Бугарија да продолжат со билатералниот дијалог за решавање на разликите.

„САД силно ја поддржуваат целосната интеграција на Северна Македонија во ЕУ. Унијата што го вклучува целиот Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, ќе биде посилна и попросперитетна. Ги охрабруваме владите на Северна Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот билатерален дијалог за решавање на разликите, исполнување на претходните договори и поддршка на брзиот пристап на Северна Македонија“, се вели во изјавата на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик, во однос на прашањето дали САД добиле некакви гаранции од бугарските партнери дека нема да има ново вето за македонските евроинтеграции, по усвојувањето на уставните измени.

Тежок, но неопходен чекор

Специјалниот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на дебата во Конгресот во јули рече дека САД се ангажирани со новата бугарска влада да се осигураат дека нема да има нови барања откако државата ќе ги исполни обврските од постоечките договори.

„За да ги продолжи своите аспирации за ЕУ, Владата на Северна Македонија се обврза да донесе уставни измени за признавање на бугарското малцинство. Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор“, рече Ескобар пред Конгресот неодамна.

Нови условувања не може да има

За десетина дена треба да се одржи собраниска седница за потребата од промена на Уставот, која што е закажана за на 18 август. Премиерот Димитар Ковачевски во викенд-интервјуто за државната агенција МИА, рече дека е потребен општествен национален консензус за конечно да се постигне стратешката цел. Тој смета дека нема простор за загриженост од нови барања од бугарска страна.

„Прилично јасни се работите, нови условувања за нас не може да има. Јасни беа и пораките од меѓународната заедница дека нема да има нови барања. Исто така, и Бугарија на повеќе наврати го потврди истото. Претседателот на Бугарија, Радев, потпретседателката Јотова, бугарското МНР, сите тие беа многу јасни во изјавите дека нема нови услови, очекувањата се дека ќе се исполнат договорените услови во Преговарачката рамка. Така што, нема простор да размислуваме во насока дека влегуваме во вртлог на нови барања. Барањата понатаму ќе се реформи“, рече Ковачевски.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми