1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Стејт департмент: Висока корупција и неефикасни судови

ДТЗ
21 март 2023

Во извештајот на американскиот Стејт департмент се посочува на нечовечко и понижувачко постапување и пренатрупаност во затворите, насилство и закани врз новинари, како и на сериозна владина корупција

Стејт департмент
Стејт департментот со забелешки за кршење на човековите права и високата корупција во Северна МакедонијаФотографија: AFP/Getty Images/J. Richards

Македонската Влада презеде чекори за идентификување, истрага, кривично гонење и казнување на функционерите кои извршиле злоупотреба или биле инволвирани во корупција, но се уште постојат веродостојни извештаи за: нечовечко и понижувачко постапување и тешка пренатрупаност во одредени затворски одделенија; насилство и закани врз новинари; сериозна владина корупција; недостаток на одговорност за родово и семејно насилство; и злосторства кои вклучуваат насилство и закани за насилство насочени кон лезбејки, геј, бисексуалци, трансродови, квир или интерсексуални лица. 

Ова се наведува во последниот извештај на американскиот Стејт департмент за човекови права за 2022 година. Во него се нотира дека законот предвидува кривични казни за обвинети официјални лица за корупција, дека Владата генерално го спроведува тоа, но имало значителни извештаи за функционери кои се инволвирани во корупција.  

„Владата останува најголемиот работодавач во земјата, а невладините организации изјавија дека доминантната улога на владата во економијата создава можности за корупција. Јавните анкети постојано ја наведуваа корупцијата како една од главните грижи за граѓаните“, оценува Стејт департментот. Извештајот укажува и на случаите на отсуство на судска независност и намалената доверба на јавноста во правосудството. 

Прекумерна сила 

Уставот и законите забрануваат тортура, нехуман и понижувачи третман, но имаше извештаи дека полицијата злоупотребувала притвореници и затвореници и употребувала прекумерна сила. Владата презеде мерки да ги истражи тие случаи и да гони извршителите. Единицата за професионални стандарди на МВР извести дека во првите седум месеци од годината постапила по 30 претставки за употреба на прекумерна сила од страна на полициски службеници. Одделението оцени дека 16 од приговорите се неосновани, 11 отфрли поради недоволни докази, а три потврди.

Заклучно со 25 август, Народниот правобранител примил 103 претставки против полицијата за наводни професионално недолично однесување, особено од страна на сообраќајната полиција и прекумерна употреба на сила, што е зголемување од 51 претставка примени во истиот период во 2021 година. 

Лоши услови во затворите 

Во извештајот на Стејт департментот се забележува на лошите услови во дел од затворите, недостиг на храна и несоодветни санитарни услови. Пренатрупаноста и понатаму е проблем, особено во некои одделенија на затворот Идризово, најголемата затворска установа во земјата. Некои ќелии во Идризово имаат од 16 до 19 затвореници. 

Во него се посочува дека има недостиг на образовни услови и обуки за работни вештини на малолетниците и несоодветно сместување на малолетни девојчиња на возраст од 14 до 16 години. Податоците покажале дека на 58 отсто од затворените малолетници им биле дијагностицирани проблеми со менталното здравје.

Повикувајќи се на Извештајот на Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (КПТ), Стејт департментот укажува дека е забележано е лошо управување, корупција меѓу затворскиот персонал, насилство меѓу затворениците, несоодветна здравствена заштита и лоши услови за живот, особено во Идризово. 

Екстремно ниската доверба на јавноста во судството се должи на значителна судска корупција, се посочува во извештајотФотографија: DW/P. Stojanovski

Притисок врз судството

Уставот предвидува автономни и независни судови, но властите не секогаш ја почитувале судската независност и непристрасност. Случаите на несоодветно однесување на судството, несоодветниот политички и деловен притисок врз судиите, долготрајната правда, како и несоодветното финансирање и екипирање на судството, продолжија да ја попречуваат ефикасноста на судовите и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото, се наведува во извештајот. 

Во него се поосчува дека според Судскиот совет, екстремно ниската доверба на јавноста во судството се должи на значителна судска корупција; судиите намерно ги одложуваат судењата или апелационото разгледување за да овозможат застареност, особено во случаи од висок профил во кои се вклучени богати и влијателни бизнисмени или политичари; има судии за кои се смета дека соработуваат со бранителите за поткуп или тргување со влијание; и конфликт на интереси во комбинација со непотизам. 

„Судовите работеа со значително доцнење, особено во случаите на корупција од висок профил и повеќе обвинети. Судството и Јавното обвинителство останаа недоволно финансирани и недоволно екипирани, и покрај благото зголемување на нивото на финансирање. Од 30 август, Врховниот суд работеше со само 15 од 28 судии“, се наведува во извештајот. 

Медиумите како мета 

Што се однесува до слободата на изразување и медиумите, Стејт департментот нотира дека Уставот предвидува слобода на изразување, вклучително и за медиумите, а Владата генерално го почитувала ова право. Според Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), сепак, Владата покажала недостиг на капацитет ефективно да ги санкционира прекршувањата на правата на новинарите и да ја заштити нивната безбедност. 

Во извештајот се наведуваат и случаи на наводни закани и малтретирање на новинари.Фотографија: Fotolia/picsfive

„Медиумите и известувањата продолжија да бидат во голема мера поделени по политички линии, но бројот на независни медиуми кои активно изразуваат различни ставови без очигледни ограничувања продолжи да се зголемува. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и граѓанските организации регистрирале значителен пораст на „говорот на омраза“, вклучително и во социјалните и некои традиционални медиуми“, оценува Стејт департментот. 

Во него се посочува и дека искусни новинари и претставници на медиумите изразиле сериозна загриженост поради засиленото руско влијание и дезинформации, пред се преку зголеменото присуство на српските медиуми во земјата.

Во извештајот се наведуваат и случаи на наводни закани и малтретирање на новинари. Заклучно со 15 август, ЗНМ има добиено осум поплаки од новинари, меѓу кои дека полицијата повикувала новинари на „информативни интервјуа“, за спречување новинари да ја извршуваат својата должност, закани и навреди додека се на должност и несоодветно однесување на функционери од централната и локалната власт или членови на политичките партии.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми