1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стереотипите за „Егејците“ и „лапсусот“

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
15 мај 2023

На „Фројдовска грешка“ ме потсетија деновиве извештаите во македонските медиуми за „лапсусот“ на заменик-министерката за правда. Пишува Кица Колбе

Кица КолбеФотографија: Privat

Латинскиот збор „lapsus linguae“ ја означува ситуацијата кога на говорителот, наместо вистинскиот збор, несакајќи „му се лизнува“ преку јазикот сосема друг збор. Германскиот израз за овој феномен стана прочуен, затоа што беше првпат протолкуван од таткото на психоанализата, Зигмунд Фројд. Тоа што Римјаните го нарекуваат „лапсус“, денес се вика „Фројдовска грешка“(Freudsches Versprechen). Таа се случува тогаш кога некој наместо тоа што сакал да го каже, го изговара тоа што, всушност, го мисли, само не се осмелува да го изговори. Така Фројд ги толкува ваквите „несакани“ грешки во говорот, затоа што смета дека тие воопшто не се случајни. Тоа што „постои“ во потсвеста, напати излегува на виделина преку такви „несакани“ грешки.

На „Фројдовската грешка“ ме потсетија деновиве извештаите во македонските медиуми за „лапсусот“ на заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ. Според нејзиното извинување, таа „мислела на Евреите, кога рекла Егејците“. Тоа објаснување би било логично, доколку таа докажеше дека тие две имиња често „се мешале“ и во обичниот говор. Да беше така, таа ќе требаше да се поправи во истиот миг кога ја направи „грешката“. Таа не го стори тоа, иако по нејзината „грешка“ новинарката направи мала пауза. Патем, гледајќи го интервјуто навистина очекував новинарката да ѝ укаже на гостинката на „грешката“, доколку внимателно следела што таа зборува. Тоа, впрочем, е должноста на новинарите. Прашањето е: зошто двете не го „регистрираа“ лапсусот? Претпоставувам, затоа што беа обземени со одбраната на својата политичка опција. Така двете ги „превидоа“ Егејците!

Политичарката беше толку обземена со „одбраната“ на својата позиција, што не беше свесна што зборува. Затоа и не се поправи веднаш, доколку се работеше за обична „збрканост“. Таа очигледно уште не е свесна во што е нејзиниот вистински „лапсус“, што го направи и во „извинувањето“: таа и тогаш зборуваше за „Егејци“! Тој што ја познава македонската историја, знае дека „Егејци“ во Југославија ги нарекуваа луѓето од првата генерација Македонци од Егејска Македонија, кои по Граѓанската војна во Грција најдоа засолниште во Југославија. Денес се живи многу малку од тие генерации на егејските бегалци. Но, затоа во Македонија и во светот живеат голем број Македонци чии родители и предци потекнуваа од Егејска Македонија. Тоа се луѓето како мене. Сите ние сме родени во Македонија, по бегството на нашите родители. Значи ли тоа дека заменик-министерката и нас уште нѐ нарекува „Егејци“? Веројатно! Да не беше така, немаше да ѝ се случи „лапсусот“. Да сметаше дека тие не се ништо различно од неа и од другите Македонци, можеби немаше лесно да ги „помеша“ со деловите од народи кои побарале да бидат вклучени во Уставот. Уште потажно е што во целосната партиска фанатизираност на македонските медиуми, никој не се обиде да го протолкува и однесувањето на политичарката и на новинарката како симптом на трагичен недостиг на чувство за припадност. Сѐ додека и потомците на некогашните бегалци од Егејска Македонија за нив се „Егејци“, сѐ дотогаш тие не ја познаваат суштината на националниот идентитет. Тој, имено, не постои без јасно чувство за припадност на заедница која се препознава себеси во секој нејзин припадник.

Ние, потомците на првите генерации бегалци од Егејска Македонија, веднаш ги читаме „шифрите“ зад ваквите „Фројдовски грешки“. И порано во перцепцијата на другите Македонци егејските бегалци беа споредувани со Евреите. Еден мој колега на студиите во Скопје ме нарекуваше „Егејка-Еврејка“. Велеше дека тоа било затоа што ние, „Егејците“, сме биле многу амбициозни. Подоцна дознав дека во „имагологијата“ за Егејците другите Македонци кај нив многу често гледале сличности со Евреите, затоа што и тие се „држеле“, а и сите биле „учени“.

Зборот „Егејци“ - стереотип и стигма

Тоа само ми го потврдуваше созанието за кое првпат пишував во книгата „Егејци“ (1999). Имено, дека трагичната ситуација која настана по крајот на Граѓанската војна, по Информбирото и по почетокот на „Студената војна“, направи другите Македонци во своите сонародници од Егејска Македонија, кои кај нив дојдоа како бегалци, понекогаш да гледаат како на „поинакви“ од себе. За тоа сигурно придонесе фактот што договорот за пријателство помеѓу Грција и Југославија, кој беше потпишан веднаш по раскинот на Тито со Сталин, бараше од југословенската страна да го „табуизира“ прашањето на „Егејците“. Тие со децении не смееја да бидат премногу „видливи“ во јавниот живот. Токму во таа атмосфера на неизговорена „сомничавост“ кон егејските бегалци се создаваа сите негативни стереотипи за „Егејците“ кај другите Македонци. Затоа, можеби, тие не можеа вистински да се солидаризираат со неволјата на егејските бегалци. Затоа немаше никогаш демонстрации на другите Македонци, заедно со егејските бегалци, на пример, пред грчкиот конзулат. Веројатно во прогонетоста од дома тие кај бегалците од Егејска Македонија гледаа сличност со судбината на Евреите.

Да ѝ беше позната „егејската приказна“ на македонската заменичка-министерка Аврамовска Мадиќ, таа немаше толку безлично и паушално да зборува за „Егејците“. Таа ќе знаеше дека зборот „Егејци“ отсекогаш беше и стереотип и стигма. Тој збор е остаток од времето кога Југославија ја поддржуваше Граѓанската војна во Грција. Тогаш Тито и Георги Димитров уште го следеа планот за балканска федерација, во која требаше да се обединат Македонците од трите дела на територијата на Македонија – Пиринците, Вардарците и Егејците. Пред да пребегаат во Југославија моите роднини не го беа чуле името „Егејци“. Во Граѓанската војна грчките партизани нив ги викаа „Славо-Македонци“. Во Југославија тие станаа „Егејци“. Тоа име беше и синоним за бегалци воопшто. За луѓето кои беа засекогаш прогонети од својата татковина – Егејска Македонија.

Не би било проблем, доколку егејските бегалци биле споредувани со Евреите од сочувство за нивното страдање како прогонети. Проблемот е што во негативниот стереотип за „Егејците“ тие беа споредувани со негативниот стреотип за Евреите. Фројд сигурно би ја прашал заменичката-министерка, дали таа некогаш слушнала дека Егејците биле споредувани со Евреите. И би ја потсетил дека „потсвеста“ се пројавува кога најмалку очекуваме.

Јасно е дека опозицијата го критикуваше нејзиниот „лапсус“ од теснопартиска логика. Меѓутоа, луѓето кои живеат во заблудата дека партиската припадност стои повисоко од заедницата, од општеството, веќе го изгубиле идентитетот, за кој веруваат дека го спасуваат со партискиот фанатизам. Токму затоа и во овие „препукувања“ на двата најголеми македонски партиски блока, „Егејците“ се повторно „призраците“, како сведоци за неспособноста на Македонците да се обединат околу заедничкиот национален интерес.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми