1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски и Вучиќ на илинденска средба во „Прохор Пчински“

ДТЗ
2 август 2023

Македонскиот претседател Стево Пендаровски го посети манастирот „Св. Прохор Пчински“ и положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ. Тој се надева дека традицијата ќе продолжи и во иднина.

Стево Пендаровски, Александар Вучиќ, Прохор Пчински
Пендаровски беше пречекан од страна на српскиот претседател, Александар Вучиќ, по што го разгледаа манастирскиот комплекс. Фотографија: Petr Stojanovski

„Спомен-плочата и манастирските простории на Св. Прохор Пчински речиси 8 децении сведочат за формирањето на АСНОМ-ската македонска република. Должни сме да го оствариме заветот на Гоце Делчев за слободна македонска држава. Тој беше симболичен сведок на државотворниот АСНОМ. Со неговата слика пред очи, во 1944-та делегатите ја формираа македонската држава“, порача претседателот Стево Пендаровски, кој по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, го посети манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија и положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ.

Во манастирот „Св. Прохор Пчински“ претседателот Пендаровски беше пречекан од страна на српскиот претседател, Александар Вучиќ, по што двајцата претседатели, во придружба на Епископот врањски г. Пахомије, го разгледаа манастирскиот комплекс.

Спомен-плочата и манастирските простории на Св. Прохор Пчински речиси 8 децении сведочат за формирањето на АСНОМ-ската македонска републикаФотографија: Petr Stojanovski

Традиција која не треба да се прекинува

Пендаровски и Вучиќ остварија билатерална средба на која беа потврдени традиционално пријателските односи меѓу двете земји. Во духот на добрососедството, беше изразен интерес за натамошно продлабочување на севкупната соработка, трговската размена и меѓусебното разбирање

Во изјава за медиумите претседателот Пендаровски изрази благодарност за можноста нашата земја да го прослави Илинден, токму каде што е формирана современата македонска држава.

,,Кога на територијата на друга држава ве пречекува претседателот на таа држава, претседателот на Република Србија, за чин кој е од најголема важност за вас и за Вашата држава, само благодарност за претседателот Вучиќ. Ова да биде една добра традиција, која нема да се прекинува од политички, црковни или кои било други причини. Се надевам дека и следната година повторно ќе се гледаме на ова исто место, да оддадеме почит на нашите најголеми национални великани", рече претседателот Пендаровски.

Пендаровски изрази благодарност за можноста земјата да го прослави Илинден токму на местото каде што е формирана современата македонска државаФотографија: Petr Stojanovski

Честитки на македонски јазик

Вучиќ оцени дека двете држави имаат исклучително добри односи кои очекува и во иднина да се развиваат. Tој потенцира дека меѓу Србија и Северна Македонија нема отворени прашања и потсети на одлуката за признавање на автокефалноста на МПЦ.

„Ние Србите ги сакаме Македонците и Северна Македонија, го сакаме и македонскиот јазик и не велиме дека не постои. Напротив, го сакаме јазикот и го разбираме исто како што знаеме дека вие го сакате српскиот јазик. Немам проблем да кажам дека ние не сме само пријатели, туку како народи имаме братски односи и верувам дека и натаму ќе се развиваат“, рече Вучиќ, кој по повод Илинден упати честитки на македонски јазик. 

Српскиот претседател порача дека граѓаните се добредојдени на која било територија во Србија.

Во состав на државно-црковната делегација, која ја предводеше претседателот Пендаровски, на чествувањето во манастирот „Св. Прохор Пчински“ беа потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, Викарен Епископ Хераклејски г. Климент и претставници од Сојузот на борците на НОБ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми