Додека сме фиксирани на војната во Иран, чекајќи секој ден дали ќе дојде крајот на светот, или сѐ ќе продолжи „како досега“, во нашето непосредно опкружување се случува можеби најважниот политички настан за регионот во последните две децении – изборите во Унгарија. Во пресрет на тие избори, политичката сцена влегува во најнеизвесна фаза – по години доминација на автократот Виктор Орбан и неговата Фидес, за првпат на анкетите води опозицијата. Сепак, поради изборниот модел и етаблираниот лојален партиски апарат на власта, резултатот е сѐ уште неизвесен. Сега се поставува прашањето – кои се реалните шанси за промена на власта, и што, ако се случи, тоа би значело за Унгарија и за регионот?
Прво малку за шансите на опозицијата. Ако мериме чисто, само по емпириските трендови во анкетите, Тиса излегува на изборите како фаворит. Во последните месеци, неколку независни анкети покажуваат стабилна, а напати и двоцифрена предност пред Фидес, особено кај определените гласачи. Ова, според науката, веќе не е трка во рамките на маргината на грешка, туку вистинско поместување на политичкиот пејзаж.
Изборниот систем како клучен фактор за неизвесен исход
Сепак, во унгарскиот систем и контекст, ваквите бројки не можат да се читаат линеарно, или здраво за готово. Работата е сѐ уште неизвесна, најмногу поради изборниот систем, кој е дизајниран на начин што фаворизира големи партии, а, историски гледано, тоа најчесто е Фидес.
На пример: од 199 пратеници, колку што број парламентот, 106 се избираат по мнозински, а 93 по национално пропорционален модел. Овој хибриден систем значи дека, математички, возможно е партијата со помалку гласови да победи, доколку нивните гласови се правилно распределени во изборните единици, особено оние со мнозински модел. Така, иако Тиса води на национално ниво, ако таа предност не е доволно рамномерно распределена низ територијата на Унгарија, Фидес може и да победи во мандати – и покрај помалиот број гласови на национално ниво.
Дополнително, границите на изборните единици и нивната демографска структура, статистички и објективно ја фаворизираат владејачката партија, зашто дел од нив имаат значителни отстапувања во бројот на гласачи и нивната демографија, што дополнително ја засилува изборната тежина на руралните средини – традиционалното упориште на Фидес.
Географски и демографски поделби: три различни Унгарии
За вистински да ја разбереме силната политичка поделеност и поларизација во Унгарија, треба да се осврнеме и на географските јазови, но и на генерациските поделби. Унгарија практично функционира како три различни политички простори.
Првиот е Будимпешта: веќе неколку изборни циклуси, таму електоратот е наклонет кон опозицијата, а овојпат се очекува Тиса да доминира со значајна разлика. Но Будимпешта, иако важна, не е доволна за победа. Вториот круг се поголемите градови и регионалните центри. Тука се води вистинската битка - овие средини се генерално пообразувани, со посилна ориентација кон економијата, и повеќе проевропски расположени. Затоа, Тиса има потенцијал да освои значителен број од овие изборни единици, што би ја гарантирало нејзината победа на национално ниво. Но, тука е и третиот простор – малите градови и селата – бастионите на Фидес. Во овие средини, власта има робусна организација, силно медиумско влијание, како и стабилна поддршка кај постарата популација. Доколку и овде Тиса води на изборите, тоа би било статистичко изненадување, но не и невозможен феномен – ефектот на цунами е добро документиран предизборен тренд.
Генерациски јаз: младите за промени, постарите за стабилност
Дополнително, интересен е феноменот на јазот помеѓу генерациите, кои се поделени како со нож: помладите гласачи (18-40 години) со силна поддршка за Тиса, додека постарите гласачи, особено пензионерите, со јасни преференции за Фидес. Ова не е само старосна поделба, тоа е поделба на двете емоции кои се борат на изборите: иднина или сигурност.
Кај оние кои се ориентирани кон првата емоција, односно порасположени за промени, доминираат теми како борба против корупцијата, образование, здравство, ЕУ. Кај конзервативните и постари гласачи, доминираат теми како стабилност, безбедност, суверенитет и слично. Ви звучи познато?
Конечно, исходот на изборите ќе зависи од тоа дали трендовите на анкетите, ќе се прелеат во вистински гласови, на вистинските места. Статистички, најверојатно сценарио е Тиса да освои мнозинство, но не преголемо, оставајќи простор за чудни коалиции после изборите, особено ако некои помали партии влезат во парламентот. Второ најверојатно сценарио е парламент во кој ниту една партија не може да состави влада, односно ново „Бугарско сценарио“ на повторување на изборите еднаш или повеќе пати. Третото, иако помалку веројатно сценарио, е камбек на Фидес: ова би било резултат на комбинација од теренска мобилизација, повисока излезност кај нивните гласачи, но и нерамномерна поддршка за опозицијата во изборните единици.
Регионални последици: како промената во Будимпешта ќе влијае на Балканот
Затоа, иако фразата звучи лито, ова не се само избори, туку референдум за тоа во која насока ќе оди Унгарија – кон статус кво или промена во поотворен, повеќе европски модел на демократија.
За регионот, тоа ќе има тектонско значење – Унгарија под Орбан беше еден вид политички „штит“ за влади со проблематичен демократски бекграунд, и во самата ЕУ, но и во соседството. Во рамки на унијата, Будимпешта често ги блокираше или ги релативизираше критиките за демократија и владеење на правото. Сега, ако Тиса формира влада, тој модел веројатно ќе исчезне и ќе биде заменет со една поусогласена проевропска политика. Тоа за Србија, на пример, каде Унгарија е клучен политички сојузник, и еден од најгласните поддржувачи на Вучиќ во европските институции, оваа промена може суштински да го смени дискурсот на Брисел кон Белград, од релативно импотентен, во еден построг, помалку попустлив однос.
За нас, кои сме секако фуснота во регионалната политика, нема големи последици - најважна политичка варијабла е дали, ако изгуби Орбан, Груевски може да се појави на некој граничен премин, слично на „еве сум“ стратегијата на Артан Груби. Тоа, ако се случи, точно, ќе предизвика бранувања на домашната сцена, ама тоа е, веќе, нова колумна.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.
