Пред шест месеци самата идеја дека Украина може да победи во војната со Русија не само што изгледаше како апсурдна, туку се отфрлаше и како екстремно бизарна. Киев не падна во рацете на руските војски, а Володимир Зеленски ја спаси својата влада (а можеби и својот живот) не само поради храброста на украинските војници, туку и поради неколкуте стратегиски грешки на руските команданти. Откако Русите се повлекоа од областите околу Киев и Харков, ги пренасочија своите сили кон двата региона на Донбас и на југот. Без оглед на отпорот на Украинците, овие територии беа окупирани. Изгледаше дека ситуацијата ќе остана таква сѐ додека Москва не ги одмори, освежи и регрупира своите сили за потоа да продолжи кон центарот на Украина. Така беше сѐ до почетокот на септември. И до ненадејната, брза и добро подготвена украинска контраофанзива во поширокиот регион на Харков иослободувањето на 8.000 квадратни километри.
Наеднаш, можноста Украина (особено по добивањето на моќното западно оружје) на некаков начин да победи во војната на многумина почна да им изгледа дури и дофатлива. Иако, разумните аналитичари и воени стратези на Западот велат дека не само што е рано за такви оптимистички сценарија за украинската држава, туку може да биде и контрапродуктивно за можните идни офанзиви. Русија и натаму е многу моќна, со многу оружје, со многу војници, со огромен воен хардвер, така што работите може да се свртат повторно во нејзина корист.
Неколку работи се меѓу најважните за тоа што би можело да случи при можната украинска победа во војната: првата е што ќе значи таквиот пораз за Владимир Путин; потоа, дали Западот е подготвен за пораз на Русија; и трето, што би можело тоа да значи за поширокиот поранешен советски простор. Ова се прилично широки теми и овојпат ќе пишуваме само за промените што се случија во просторот каде што Русија беше безбедносен патрон по драматичните настани во септември.
Промена на парадигмата
Кога на 18 август Зеленски во обраќањето до Украинците рече дека „ние можеме и треба да мислиме само како да ја добиеме оваа војна“, тоа изгледаше просто како поттик за неговата војска и украинските граѓани. Шест дена подоцна, на Денот на независноста на Украина, кој коинцидираше со шест месеци од инвазијата, Зеленски им рече на своите сограѓани: „За нас најстрашното железо не се проектилите, авионите и тенковите, туку оковите. Не ровови, туку окови. И ние ќе ги кренеме рацете само еднаш - кога ќе ја прославиме нашата победа“.
Во август веќе почнаа нападите зад линиите на напријателот, а најспектакуларни беа ракетирањата на целите во анектираниот Крим. Тие за првпат покажаа дека Украина може да се спротивстави на руската доминација. Па дојдоа офанзивите кај Херсон и Харков.
Евентуалната украинска победа ќе ја смени целата парадигма за европската безбедност од 1989 година наваму. Тогаш централноевропските земји сами се ослободија од цврстиот советски стисок на Москва, сега Украина, со огромна западна помош, треба да им овозможи на оние што и натаму останаа под силното руско влијание да можат послободно да дишат. Како што слабеењето на советската моќ во доцните 1980-ти доведе до пад на просоветските режими низ поранешниот Варшавски пакт, денес слабеењето на руската моќ ќе има реперкусии низ поранешниот советски простор.
Има повеќе точки чија стабилност е директно поврзана со исходот на војната во Украина. Првата е кај соседот Белорусија. Нејзиниот авторитарен претседателАлександар Лукашенко му ја отстапи белоруската територија на Путинза оттаму да тргнат колоните руски војски во нивниот блицкриг кон Киев. Околу војната, режимот во Минск и народот на Белорусија се на две спротивни страни – инвазијата е длабоко без поддршка. Уште во првите месеци на војната почнаа саботажи на железничките пруги преку кои се пренесуваа руските војски и опреми. Вчера еден од тие „железнички партизани“ доби казна 15 години строг затвор за „подготовка на терористички акт“. Може лесно да се претпостави што би значел рускиот пораз за Лукашенко.
Подолу, во Молдавија, проевропската претседателка Маја Санду и нејзината партија, која има мнозинство во парламентот, се обидуваат да балансираат додека на нивната граница се води војна. Во отцепениот проруски регион Приднестровје има стационирано 1.200 руски војници, кои се ангажирани не само да го „бранат“ руското население, туку и да го чуваат најголемиот арсенал советско оружје и муниција што уште се наоаѓа на едно место. На почетокот од војната постоеше големо стравување во Кишињев дека брзиот руски пробив кај Херсон и Одеса може да ја спои целата освоена украинска територија сѐ до Молдавија и тогаш ситуацијата за оваа сиромашна држава ќе беше екстремно комплицирана. Успесите на украинските војски на исток предизвикаа големо олеснување кај нивниот сосед на запад. Евентуалниот пораз на Русија во Украина ќе значи дека руското влијание во Молдавија (кое е прилично големо) драматично ќе се намали, па дури ќе се доведе во прашање и самиот опстанок на контингентот руска војска во Приднестровје (Транснистрија).
Руска слабост, регионални конфликти
Руската слабост кај Харков беше иницијална каписла повторно да се разгори воениот конфликт меѓу Азербејџан и Ерменија. Двете страни се обвинуваат за новиот почеток на непријателствата, во кои за неколку дена загинаа повеќе стотини лица. Многу повеќе ерменски војници. Русија традиционално ја поддржува Ерменија во овој судир поради неколкустолетните историски и православни врски. Голем сојузник на Азербејџан е Турција. Азербејџан се почувствува прилично сигурен да го искористи геополитичкиот момент со украинската контраофанзива и да ја стави во искушение подготвеноста на Москва да ја брани Ерменија. За време на жестоката војна во 2020-тата, Азербејџан освои територија во спорната енклава Нагорно Карабах, а Москва тагаш успеа да изменаџира примирје, чиј гарант беа руски трупи долж спорната линија. Сега Москва повторно успеа да издејствува примирје, но тоа е толку фрагилно што не се знае до кога ќе трае.
Понатаму, во централна Азија, речиси истовремено избувна судир меѓу Киргистан и Таџикистан, двете земји цврсти сојузници на Русија. Обете држави ги водат автократски лидери. Во двете земји има руски воени бази, но тие 30 години се во кавга поради една третина од нивната граница која е долга илјада километри. Наводно, таџикистанската армија прва отворила оган користејќи тенкови, артилерија и оклопни возила. Вчера, повторно со посредство на Москва, е договорено примирје. До кога ќе трае никој не може да каже. Веројатно и тоа ќе зависи од развојот на војната во Украина. Во исто време Москва ја прогласи за терористичко движење главната опозициска партија во Таџикистан, потег кој долго време одбиваше да го направи. Но сега треба да ѝ помогне на автократската влада во Душанбе, за Таџикистан да ѝ помогне на Русија во комплицираната војна, големата изолација од Западот и тешките санкции.
Во јануари година избувнаа големи безредија во Казахстан со многу мртви, кои претседателот Касим-Жомарт Токаев едвај успеа да ги смири откако повика неколку илјади руски трупи. Неговата власт беше сочувана, а и улогата на Русија како гарант на стабилноста на постсоветскиот простор. Казахстан е традиционално верен сојузник на Москва и поради заедничките геостратешки интереси и поради огромното руско малцинство во земјата. Но претседателот Токаев ја налути Москва затоа што остана неутрален околу војната во Украина и одби да го признае отцепувањето на двата проруски региони во Донбас, нагласувајќи ја целовитоста на Украина. Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев во настап на гнев поради таквото однесување го нарече Казахстан „вештачка држава“ во еден пост, кој подоцна го избриша. За да направи отклон од руската парадигма Токаев го врати старото име на главниот град Астана. До вчера се викаше Нур Султан во чест на долгогодишниот претседател Нурсултан Назарбаев. Самиот Токаев го предложи прекрстувањето во 2019, а сега направи чекор назад. Во исто време парламентот усвои уставни измени со кои претседателот на државата ќе има само еден мандат во траење од седум години за да се обиде да ги неутрализира авторитарните тенденции.
Со децении овие земји ја гледаа Русија како безбедносен патрон, а сега преку војната во Украина разбираат дека Москва има потреба од нив како никогаш досега и се обидуваат да исцедат од неа што е можно повеќе. Доколку украинската контраофанзива и понатаму биде успешна и ако најпосле Русија доживее некаков пораз, тоа ќе ги промени целосно односите во овој постсоветски простор.
Можеби најкомплицирана е ситуацијата во најпрозападната земја во тој регион – Грузија. Последниве десетина години таму е на власт партијата Грузиски сон на олигархот Биѕина Иванишвили. Тој го акумулираше своето големо богатство за време на руската приватизација во 1990-тите. Потоа се врати во Грузија во 2012 година и ја собори прозападната власт на Михаил Саакашвили, која беше забраздена во корупција. Оттогаш Грузија е во орбитата на Москва, иако не целосно. Во основа, моќта на Грузискиот сон зависи од богатството на Иванишвили и неговите врски со Русија. Поразот на Русија во Украина ќе ги искомплицира работите за Иванишвили и ќе ги отвори пошироко вратите за прозападниот електорат. Којзнае тогаш што би се случувало и со отцепените грузиски региони Абхазија и Јужна Осетија.
Едноставно, овој септемвриски неуспех на Русија во Украина го поткопа престижот на Москва во постсоветскиот простор кон Азија, иако не го скрши. Но тоа може навистина да се случи доколку Русија го доживее незамисливото – да биде поразена во Украина. Тогаш, целиот безбедносен систем што се градеше 30 години ќе се урне, а има многу нови играчи што сакаат да влезат таму.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.